Ја разгледуваме врската помеѓу 14-дневната инциденца на новозаразување и опфатот со вакцинација по градови. Иако пресметковно се добива извесен коефициент на негативна корелација, дополнителните анализи покажуваат дека корелацијата не е статистички значајна. Со други зборови, поголем опфат со вакцинација нужно не значи помала инциденца на заразување...
На сликата долу е прикажан скетер дијаграм за врската помеѓу 14-дневната инциденца на новозаразување и опфатот со вакцинација по градови. Иако пресметковно се добива извесен коефициент на негативна корелација (r = –0,118), дополнителните анализи покажаа дека корелацијата не е статистички значајна. Со други зборови, поголем опфат со вакцинација нужно не значи помала инциденца на заразување.
Ова го знаеме веќе извесно време преку ефективноста на вакцините против заразување, којашто е во постојано намалување и минатата недела изнесуваше околу 23%. Со други зборови, поголемиот опфат со вакцинација резултира со само проближно 23% намалување на ризикот од заразување. Но, тогаш видовме и дека ефективноста против смртен исход е сé уште прилично висока, со околу 89% намалување на шансите за смртен исход во однос на невакцинираната популација.
Од дијаграмот, значи, не можеме да заклучиме дека повеќе вакцинираните општини имале (или дека ќе имаат) помала инциденца на заразување.
Дијаграмот ни покажува дека моментално бранот е во тек во Куманово, започнува во Скопје, следно е Кавадарци, па дури ни Гевгелија нема да биде поштедена, иако овие последниве две општини имаат прилично висок опфат со вакцинација. Од друга страна, Гостивар е прикажан со точка во самиот долен лев агол на дијаграмот. Иако Гостивар е негативен рекордер според опфатот со вакцинација, моментално инциденцата е исто така рекордно ниска – таму бранот веќе завршил.
Со текот на времето, точките од разни градови од долниот дел на дијаграмот ќе се движат нагоре, како што ќе избувнува заразата во тие градови, а потоа ќе се спуштаат надолу.
Нема да бидат поштедени од заразување ни високовакцинираните (за македонски услови) градови, но благодарение на високата ефективност против смртен исход, во тие градови стапките на хоспитализираност и морталитет би требало да бидат пониски. Тоа би била впрочем поената, зошто е пожелен висок опфат со вакцинација и зошто вакцинираните не треба да се разочараат од заразувањето. Главната придобивка е спасениот живот.