Рубрика: Климатологија
Облаците се посветли ако содржат аеросоли што ги испуштиле растенијата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.09.2021 - 13:15

Посветлите облаци го намалуваат обемот на сончевото зрачење коешто ќе пристигне до површината на Земјата, а со тоа придонесуваат за ладење на површината. Со зголемување на температурата се зголемуваат и емисиите од органски соединенија што потекнуваат од вегетацијата, кои имаат способност да го забават затоплувањето на климата.

Атмосферските аеросоли ја расејуваат, рефлектираат и ја апсорбираат сончева светлина, а исто така имаат улога и при формирањето облаци. Но, сè уште немаме целосна слика за тоа како точно се одвиваат овие процеси, поради што се јавуваат значителни неизвесности при проценката на улогата на аеросолите во климатските промени. Со цел да добиеме веродостојна слика за влијанието на луѓето врз климатските промени, меѓу другото треба да знаеме да ги разделиме ефектите на аеросолите од природно потекло од оние со антропогено потекло.

Истражувањето на група фински истражувачи, кое неодамна беше објавено во Nature Communications, го процени влијанието на испарливите органски соединенија емитирани од шумите во северниот појас врз концентрацијата на аеросоли и својствата на облаците. Анализата се засновала врз набудувањата на аеросолите направено од станицата Hyytiälä SMEAR II во Финска и со далечинско сензорско набљудување на својствата на облаците над Јужна Финска, направено со помош на вселенскиот инструмент МОДИС на НАСА.

Набљудувањата покажале дека биогените аеросоли, формирани од испарливи органски соединенија, го намалиле количеството на сончево зрачење што пристигнува до површината на Земјата, преку ресејување и рефлектирање на поголем обем од сончевото зрачење назад во вселената. Понатаму, овие аеросоли ја зголемиле и количината на капки во облаците, со што ги направиле облаците порефлективни. И двата процеса стануваат поинтензивни со зголемување на температурата, што укажува на тоа дека овие природни аеросоли може да го забават затоплувањето на климата.

Обемот на ефектите на зрачење од овие процеси е сличен, а нивниот заеднички ефект е мошне значаен ако се спореди со емисиониот ефект на антропогените аеросоли во бореалниот регион. Затоа, овој природен механизам треба подетално да се разгледа во симулациите на климатските модели.

Клучни зборови: