Рубрика: Медицина
Ефикасноста на вакцините кај најстарата возрасна група во Македонија
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 22.09.2021 - 17:15

Штета што од Министерството за здравство не даваат повеќе информации за бројот на починати, вакцинирани и невакцинирани, особено според староста, за да можеме да направиме поточна пресметка на ефективноста на вакцините. Сепак, врз основа на последните, минимални објавени податоци од петокот (88% од починатите биле невакцинирани), како и врз основа на опфатот со вакцинација кај постарите од 60 години (64% вакцинирани), еве една формула за пресметка на ефикасноста на вакцините кај оваа најстара возрасна група.

Формулата е изведена врз основа на Бaјесовата (Bayes) теорема од теоријата на веројатноста.

VE = 1 - P(V|U)/P(NV|U) * P(NV)/P(V)

Тука со P се означени веројатностите на разни настани (U - умирање, V - вакцинирање, NV - невакцинирање).

Доволно ни е да ги знаеме соодносите P(NV)/P(V) и P(V|U)/P(NV|U).

Првиот количник претставува сооднос на невакцинираниот и вакцинираниот дел од популацијата над 60 години. Целата популација е означена со големиот квадрат. Невакцинираните се прикажани со црвена боја (заедно со светловиолетова боја - починатите), а вакцинираните со зелена боја (заедно со темновиолетовата боја - починатите). Моментално невакцинирани (црвено) кај постарте има помалку од вакцинирани (зелено) и тоа во сооднос 36%/64%. Тоа е количникот P(NV)/P(V) и него приближно го знаеме од извештаите на ИЈЗ, иако бројот на жители во популацијата можеме само да го претпоставиме (без попис).

Вториот количник, P(V|U)/P(NV|U), го претставува соодносот на вакцинираните меѓу починатите (темновиолетово) кон невакцинираните меѓу починатите (светловиолетово). Овој податок беше објавен во петокот, односно P(V|U)/P(NV|U) = 12%/88%. Се гледа дека поголемиот дел од кругот (починатите) е на делот од невакцинираните, иако невакцинираните се помалиот дел (црвениот триаголник) во популацијата (квадратот).

Така доаѓаме до приближната вредност на ефективноста на вакцините VE против смртен исход кај постарите од 60 години:

VE = 1 - 12%/88% * 36%/64% = 92%.

Ова би била некоја средна, точкаста проценка, додека за интервална (интервал на доверба, од-до) се потребни уште пресметки. Но, ние имаме доволно извори на грешка уште во појдовните податоци (на пример, сметаме дека починатите над 60 години се сите пријавени починати, што не е точно, како и за уделот на вакцинираните), па самото статистичко расејување (кое е прилично мало) не е толку ни важно.

Во секој случај, дури ефективноста да е помала од 92%, сé додека при многу вакцинирани има малку починати во таа група, ќе сметаме дека вакцините вршат работа. Од скицата се гледа дека најмногу починати (светловиолетово) има кај невакцинираните (црвениот триаголник), додека релативно малку починати има кај вакцинираните (темновиолетовото е мал дел во зеленото).

Лошо би било доколку при постоечкиот опфат со вакцинација кај постарите од 64%, имало 64% починати вакцинирани, што би дало ефективност VE = 0%. Тоа би значело дека нема никаква корист од вакцините. Засега, сепак, имаме доволна резерва на сигурност.

Но, кај нас е проблем нискиот опфат со вакцинација, особено кај средната генерација, поради што сé уште гледаме високи броеви на починати, па со голо око не можеме да ја видиме ефективноста.

Клучни зборови: