Рубрика: Индустриски дизајн
ООН: напредокот на иновации продолжи дури и во услови на пандемија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.09.2021 - 15:15

Агенцијата за интелектуална сопственост на Организацијата на обединети нации соопшти дека иновациите напредувале во текот на минатата година и покрај влијанието на пандемиските услови. Технологијата, фармацевтската индустрија и биотехнолошката индустрија ги зголемиле своите инвестиции, дури и кога тешко погодените сектори како транспортот и патувањата ги намалувале нивните трошоци.

Светската организација за интелектуална сопственост, која помага да се координираат и одобрат меѓународните патенти, трговски марки и другата интелектуална сопственост, предупреди и дека промената во целокупниот “пејзаж на иновации“ се случува премногу бавно, истакнувајќи ја потребата дека поголем број земји треба да имаат корист додека светот се опоравува по првичниот удар од пандемијата.

Заклучоците на ООН објавени во понеделникот произлегоа од најновиот извештај на Светската организација за интелектуална сопственост (СОИС) во врска со иновациите во 2020 година. Имено, извештајот ги рангираше Швајцарија, Шведска, Соединетите држави, Британија и Јужна Кореја како најиновативни економии. Кина и Франција напредуваа во рангирањето, во кое и понатаму доминираат земји од Азија, Европа и Северна Америка.

Според ДаренТанг, генерален директор на СОИС “ковидот го наруши напредокот во одредени индустрии, но го забрза во други. Воопшто не изненадува тоа што на секторите телекомуникации, хардвер, софтвер, ИКТ им оди добро“, а сосема очекувано напредок има и во медицинскиот и биотехнолошкиот сектор.

Со индексот се рангираат 132 земји, плус економии како Хонг Конг. Извештајот на СОИС доаѓа една година откако организацијата објави дека инвестициите во иновации достигнале рекордно високо ниво во 2019 година – годишна стапка на раст од 8,5 проценти.

Според СОИС, врвните технолошки компании како Епл, Мајкрософт и Хуавеи минатата година ги зголемиле инвестициите во просек за околу 10 проценти, а имало и наплив од инвестиции во ризични проекти – тренд што продолжува и оваа година.

Иако во последниве години растот на истражувањето и развојот во голема мера го поттикнаа САД и Кина, и други земји како Турција, Виетнам, Индија и Филипините, т.н. ТВИП земји, во континуитет го подобруваат нивното рангирање на листата во последните пет години. А последните пет години како неприкосновен лидер во иновациите беше Швајцарија, која постојано беше на челото од ранг -листата.

За состојбите во иноваторството во светот кои се видливи од индексното рангирање во извештајот СОИС ќе напише дека: “глобалниот пејзаж на иновации се менува премногу бавно... Има итна потреба за промена на оваа состојба“.

Клучни зборови: