Екстратропските ветрови, за кои се знае дека варираат од деценија до деценија, имаат силно влијание врз климата во екстратропските региони. А сепак, нивната променливост досега не била земена предвид во климатските модели со коишто се прават предвидувањата за идните климатски услови во овие региони. Сега истражувачите ги внесоа и овие предвидувања за да проценат како екстратропските клими ќе се променат до средината на векот.
Како што покажаа новите истражувања, климатските модели можеби го потцениле влијанието што климатските промени ќе го имаат врз Обединетото Кралство, Северна Америка и другите екстратропски региони, а сè поради еден клучен елемент што недостасува. Научниците од Универзитетот во Рединг предупредија дека сегашните проекции за тоа како светот што се затоплува ќе влијае врз регионалните температури и врнежи не го земаат предвид фактот дека екстратропските ветрови – кои имаат силно влијание врз климата во средните географски широчини – се разликуваат многу од деценија во деценија.
За подобро да ја претстави нивната варијабилност во предвидувањата на климатските модели за иднината, истражувачкиот тим ги искористил набудувањата на овие ветрови во текот на минатиот век. Било откриено дека внесувањето на оваа компонента ги направила предвидувањата за идните климатски услови помалку сигурни во екстратрописките области, особено во северноатлантскиот регион и особено во зимо. Според истражувачите ветровите во некои децении би можеле да се јават како противтежа на зголемувањето на температурите и на обилните врнежи предизвикани од климатските промени, но во други периоди тие би можеле да ги направат овие промени уште поекстремни. Ова значи дека веќе кон средината на овој век невообичаено топлите, студените, влажните или сушните децении во овој регион можеби ќе се јавуваат многу почесто отколку што на тоа укажуваат постојните климатски симулации.
За да ја спроведе својата анализа и да ги зајакне предвидувањата на климатскиот модел, тимот ги користел податоците од набљудувањата на ветерот добиени од Met Office, Copernicus Climate Data Store и NOAA, меѓу другите.
Опсегот на температурните промени и количината на врнежи што најверојатно ќе се случат во идните децении се зголемила за 50% ширум Северна Европа, Северна Америка и Медитеранот, при што во некои случаи несигурноста речиси се удвоила. Ова ги потврдува некои претходни истражувања кои укажуваат дека врнежите од дожд и температурите кои изгледаат мошне неверојатни денес во иднина ќе се вклопат во рамките на предвидениот опсег поради климатските промени.
Ажурираните проекции покажаа дека тука во регионот на Медитеранот почесто ќе гледаме зими кои ќе се посуви од просекот. Според истражувањата сувите зими во овој регион значат и почести топлотни бранови во Европа следното лето, нешто што носи здравствени и инфраструктурни импликации за повеќе земји.
Резултатите од истражувањето се објавени во Communications Earth & Environment.