Заборавете на онлајн игрите што ви ветуваат “цел нов свет“ за истражување. Еден меѓународен истражувачки тим создаде цел виртуелен универзум којшто го постави во "облак" и е слободно достапен за сите кои ќе посакаат да го истражуваат.
Симулацијата Uchuu (вселена, на јапонски) е досега најголемата и најреалната симулација на универзумот. Симулацијата се состои од 2,1 трилиони честички поставени во пресметковна коцка која опфаќа неверојатни 9,63 милијарди светлосни години од страна. Колку за споредба, оваа далечина изнесува околу три четвртини од растојанието помеѓу Земјата и засега најоддалечените набљудувани галаксии.
Uchuu ја открива еволуцијата на универзумот истовремено во досега незамисливо ниво на големина и со неверојатни детали. Симулацијата се фокусира на структурата на универзумот од големи размери: мистериозните халоа од темна материја кои го контролираат не само формирањето на галаксиите, туку и судбината на целиот универзум. Големината на овие структури се движи од најголемите галактички јата до најмалите галаксии. Индивидуалните sвезди и планети не се претставени, па затоа не очекувајте дека ќе најдете вонземски цивилизации во Uchuu. Но, она во што Uchuu е далеку подобар во споредба со другите виртуелни светови е временскиот домен. Имено, Uchuu ја симулира еволуцијата на материјата во текот на целата историја на универзумот долга 13,8 милијарди години, од Големата експлозија до денес.
Дистрибуција на темната материја во еден ‘исечок’ од Учуу. Сликите го покажуваат халото на темна материја на најголемите галактички јата формирани во симулацијата при различни зголемувања. (изработил: Tomoaki Ishiyama)
Uchuu е дело на меѓународен тим истражувачи од Јапонија, Шпанија, САД, Аргентина, Австралија, Чиле, Франција и Италија, кои го создадоа со помош на денес најмоќниот суперкомпјутер во светот посветен на астрономијата, АТЕРУИ II. Создавањето на овој виртуелен универзум траеше цела година, при што биле користени сите 40 200 процесорски јадра, кои биле достапни исклучиво 48 часа секој месец. Биле потрошени вкупна дваесет милиони суперкомпјутерски часови, а генерирани се 3 петабајти податоци.
Пред да почнете да се грижите за времето на преземање, корисно е да се знае дека истражувачкиот тим употребил пресметковни техники со високи перформанси за да ги компримира во симулацијата Uchuu информациите во врска со формацијата и еволуцијата на халоата на темната материја во каталог “тежок” 100 терабајти. Овој каталог бил поставен во облак и сега е достапен за сите во формат лесен за користење, благодарение на компјутерската инфраструктура skun6 лоцирана во Институтот за астрофизика на Андалузија (IAA-CSIC), групата RedIRIS и Центарот за суперкомпјутери во Галија (CESGA). Следните податочни објави ќе вклучуваат каталози за виртуелни галаксии и мапи за гравитациски леќи.
Научните Big Data алатки од Учуу ќе им помогнат на астрономите да научат како да ги протолкуваат Big Data истражувањата на галаксиите, истражувања при кои се собираат ама навистина огромен број податоци, а коишто се очекува да бидат собрани во наредните години од повеќе астрономски алатки какви што се, на пример, Телескопот Субару и вселенската мисија на европската вселенска агенција, ЕСА Евклид.
Kонструирањето на Uchuu со резултати од неговото истражување се објавени овој месец во Monthly Notices of the Royal Astronomical Society.