Што се очекува да понуди новиот оперативен систем од Microsoft за корисниците со најголеми побарувања? Windows 11 е дизајниран да ги искористи погодностите на најновите хардверски иновации, а истовремено да биде подостапен како за развојните инженери така и за обичните корисници...
Како што е веќе познато, новиот оперативен систем од Мајкрософт – Windows 11, ќе биде пуштен во оптек на 5 октомври. Од тој момент компатибилните Windows 10 системи ќе можат бесплатно да се надградат на Windows 11. Како што јавува Overclock3d, ажурирањето ќе биде достапно во повеќе фази, а од Microsoft очекуваат дека корисниците со соодветни уреди ќе успеат да ги направат надградбите најдоцна до средината на 2022 година.
Windows 11 е дизајниран да ги искористи предностите на најновите хардверски иновации, а во исто време да биде подостапен и за развивачите и за директните („обични“) корисници. Софтверска надградба ќе можат да направат и оние со постара конфигурација, но... ќе наидат на безбедносен проблем. Имено, корисниците кои ќе го инсталираат Windows 11, со употреба на ISO датотеките на постари системи, можно е да не добиваат безбедносни и софтверски ажурирања, со што ќе останат ‘заглавени’ во користењето на постара верзија од Windows 11 и поизложени на безбедносните закани (повеќе за тоа тука).
Што се однесува до гејмерите, Microsoft вети дека Windows 11 ќе биде неговиот најдобар оперативен систем досега, со поддршка за искористување на целиот потенцијал на DirectX 12 Ultimate и DirectStorage технологијата, а истовремено ќе понуди и дополнителни функции како што е Auto HDR. Direct Storage, во комбинација со новата оптимизација за мемориско сложување во Windows 11, ќе овозможи досега најбрзо вчитување на игрите и на другите програми за корисниците кои поседуваат брза SSD меморија.
Следната генерација x86 процесори, од типот на, пример, хибридната процесорска архитектура Alder Lake од Интел, ќе покаже најдобри перформанси на системите со инсталиран Windows 11, благодарение на подобрениот хардверски распоредник на оперативниот систем.
Иако сите компатибилни компјутери со Windows 10 нема да бидат во можност да го поддржат и Windows 11, од Microsoft очекуваат мазна, непречена транзиција кон Windows 11. Од Microsoft ќе продолжат со поддршка на уредите со Windows 10, кои не се компатибилни за надградба на Windows 11, до 2025 година со понуда на нови ажурирања за постариот оперативен систем. Со ова овие корисници ќе имаат 4 години софтверска поддршка за оперативниот систем на нивните машини.