Рубрика: Медицина
Првата ДНК вакцина во светот доаѓа од Индија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.09.2021 - 15:00

Вакцината ZyCoV-D е предводник во новиот бран на ДНК вакцини наменети за повеќе различни болести. Голем дел од овие вакцини веќе се пуштени во фаза на клинички испитувања низ светот.

Индија одобри нова вакцина против ковид која користи кружни нишки од ДНК за да го зајакне имунолошкиот систем против вирусот SARS-CoV-2. Истражувачите ја поздравија веста за првата ДНК-вакцина наменета за луѓе којашто доби одобрување за употреба насекаде во светот, а се очекува многу брзо да следат и други ДНК-вакцини.

Резултатите од клиничките испитувања велат дека ZyCoV-D, којашто се нанесува во кожата без инјекција, покажала 67% заштита од симптоматскиот Ковид-19 и најверојатно ќе започне со пртимена во Индија уште од овој месец. Според истражувачите, иако ефикасноста на оваа вакцина не е особено висока споредено со многу други вакцини против ковид-19, самиот факт дека станува збор за ДНК вакцина е значаен. Според дел од нив ова е доказ за принципот дека ДНК вакцините функционираат и дека можат да помогнат во контролирање на пандемијата.

Речиси десетина ДНК вакцини против ковид-19 се во фаза на клинички испитувања на глобално ниво, а барем уште толку се во некоја од претходните фази на развој. Истовремено се развиваат ДНК вакцини и за многу други болести.

Борбата против ковид-19 го забрза развојот на вакцините што користат генетска технологија, какви што се мРНК и ДНК вакцините. РНК вакцините успеаја побрзо да покажат создавање на силна имунолошки реакција против ковид во клиничките испитувања; и сега тие се доставени до стотици милиони луѓе ширум светот. Но, ДНК вакцините носат голем број придобивки, бидејќи се лесни за производство и готовите производи се постабилни од mRNA вакцините, кои вообичаено имаат потреба од складирање на многу ниски температури.

ZyCoV-D – првата ДНК вакцина одобрена за хумана употреба

Вакцината ZyCoV-D е развиена од страна на индиската фармацевтска компанија Зидус Кадила (Zydus Cadila), со седиште во Амедабад. На 20 август, индиската регулаторна комисија за лекови ја одобри вакцината за употреба кај лица постари од 12 години. Ефикасноста од 67% беше пресметана по испитувањата спроведени со повеќе од 28 000 учесници, при што биле забележани 21 симптоматски случај на ковид-19 кај вакцинираната група и 60 случаи кај луѓето кои добиле плацебо.

ZyCoV-D содржи кружни нишки од ДНК познати како плазмиди, кои го кодираат шилестиот протеин на SARS-CoV-2, заедно со промоторна секвенца за активирање на генот. Откако плазмидите ќе naвлезат во јадрото на клетките, тие се претвораат во mRNA, која патува до главното тело на клетката, цитоплазмата, каде се “преведува” во самиот шилест протеин. Имунолошкиот систем на телото потоа реагира против протеинот и произведува прилагодени имунолошки клетки кои можат да ги исчистат идните инфекции. Плазмидите вообичаено се распаѓаат  во период од неколку недели до неколку месеци, но имунитетот останува.

И ДНК и мРНК вакцините се развиваат уште од 1990 -тите години. Предизвикот за ДНК вакцините е тоа што за нивна активација тие треба да пристигнат до самото клеточно јадро, за разлика од мРНК вакцините, кои треба да стигнат само до цитоплазмата. Па така, долго време, ДНК вакцините се имаа потешкотии во поттикнувањето на моќен имунолошки одговор во клиничките испитувања, поради што досега биле одобрени единствено за примена кај животни, како што се коњите, на пример.

За да го надмине овој проблем, вакцината ZyCoV-D се става под кожата, за разлика другите кои се инјектираат длабоко во мускулното ткиво. Областа под кожата е богата со клетки од имуниот систем кои ги “вшмукуваат” туѓите предмети, какви што се честичките од вакцината, и потоа ги обработуваат. Ова овозможува поефикасно прифаќање на ДНК вакцините отколку инјектирањето во мускул. Невообичаено, вакцината се доставува со помош на уред без игла којшто се држи притиснат врз кожата, при што се создава фин проток на течност под висок притисок којшто ја пробива површината на кожата а којшто е помалку болен од инјекцијата.

Но, и покрај тоа ZyCoV-D покажала поголема моќност од претходните ДНК вакцини, за да се постигне првичната ефикасност со неа потребно е добивање на три дози. Ова најверојатно ќе создаде нов логистички предизвик за нејзино доставување во време на пандемија.

Иако ефикасноста на ZyCoV-D се чини дека е помала од 90% или повисоко, колку што беше првично постигната со некои од мРНК вакцините, според истражувачите овие бројки се неспоредливи. Испитувањата на ZyCoV-D во Индија на почетокот од оваа година биле спроведени во услови кога во окружувањето доминантен бил делта сојот на SARS-CoV -2, додека претходните испитувања на мРНК вакцините биле спроведени во услови кога циркулирале помалку преносливи соеви.

Некои истражувачуи упатија критики во врска со транспарентноста на процесот на одобрување, поради тоа што сè уште не се објавени резултатите од последната фаза на испитувања. Според Зидус Кадила испитувањата се сè уште во тек и наскоро резултатите ќе бидат доставени за целосна анализа и објава. Според компанијата првите вакцини би требало да почнат да се применуваат овој месец, а до следната година очекуваат да произведат до 50 милиони дози.

Во развој се и неколку други ДНК вакцини против ковид-19, кои користат различни антигени и механизми за испорака. Две од нив се веќе во доцна фаза од испитувањата – вакцината која ја развива јапонската компанија АнГес (AnGes), со седиште во Осака и вакцината на фармацевтската компанија Иновио (Inovio Pharmaceuticals) со седиште во Плимут Митинг, Пенсилванија, САД. Вакцината на Иновио се инјектира под кожата и користи уред којшто со кратки електрични импулси ја удира кожата со цел да формира пори во клетките низ кои вакцината ќе може да се протне.

Повеќе ДНК вакцини против Ковид-19 се тестираат клинички во моментов ширум светот

Добар дел од ДНК вакцини против ковид-19 се сè уште во рана фаза од испитувањата, вклучително и вакцината на јужнокорејската биотехнолошка компанија ЏинУан Лајф Сајанс (GeneOne Life Science) од Сеул, и онаа на тајландската компанија БиоНет (BioNet) од Бангкок. Оваа вакцина е во фаза I од  испитувањата во Австралија.

Во очекување е да се појават уште многу ДНК вакцини, наменети за справување со болести за кои во моментов нема вакцини, какви што се, на пример, цитомегаловирусот, кој може да се пренесе на бебето во текот на бременоста, или респираторниот синцицијален вирус. Исто така, во фаза испитувања или развој се и ДНК вакцини за грип, хуман папиломавирус, ХИВ и Зика.

ДНК вакцините можат да складираат многу информации, што значи дека можат да сместат големи, комплексни протеини, па дури и повеќе протеини.  Можеби тие ќе ја отворат можноста за создавање на вакцини дури и против рак.

Клучни зборови:
ZyCoV-D – првата ДНК вакцина одобрена за хумана употреба

ZyCoV-D – првата ДНК вакцина одобрена за хумана употреба

Првата ДНК вакцина одобрена за хумана употреба

Првата ДНК вакцина одобрена за хумана употреба

ДНК вакцините нема да се инјектираат длабоко во мускулното ткиво, туку поткожно

ДНК вакцините нема да се инјектираат длабоко во мускулното ткиво, туку поткожно

Повеќе ДНК вакцини против Ковид-19 се тестираат клинички во моментов ширум светот

Повеќе ДНК вакцини против Ковид-19 се тестираат клинички во моментов ширум светот