За повеќето луѓе, '30-те години на 20 век во Америка се синоним за “Големата депресија”'. Сепак, годините на депресија не биле за сите мрачни и несреќни. Додека бизнисот и финансиите застанувале, технологијата цветала. Во однос на новите апликации и побарувачката, технологијата доживеала речиси непрекинат раст во текот на 1930-тите. Како што напредувала деценијата, пристапот до електрична енергија се проширил и во руралните области.
Радиото било ѕвезда на технологијата и индустријата во 30-тите години на минатиот век, најмногу затоа што ги допрело животите на речиси сите, навлегувајќи во секој дом. Како што се граделе помоќни предаватели, излегувале сè посигурни и подобри приемници од фабриките. Сепак, тоа не било добредојдено за секого. Печатените весници сметале дека радиото е дефинитивна закана. Се натпреварувале во рекламирањето сметајќи дека радиото ги одвлекува луѓето од читање весници. Жичаните услуги што ги снабдувале весниците со вести и фотографии одбиле да им овозможат на радиодифузерите пристап до нивните услуги. Единствениот сервис за вести што бил формиран за снабдување на радиостаниците со вести – Трансрадио-новинскиот сервис – бил предмет на тужби од конвенционалните новински служби речиси пред да започне со деловна активност. Можеби иронично, некои од најголемите весници ги купувале или воспоставувале тие радиостаници.
Радио достава на печатено издание на весник во 1938 година
И покрај ова непријателство, имало луѓе кои се надевале дека ќе го надминат јазот помеѓу радиото и весниците. Едно такво лице бил инженерот по име Вилијам Г.Х. Финч (William G.H. Finch). Неговата компанија, Лабораторија за телекомуникации Финч (Finch Telecommunications Laboratorie), развила едноставен и евтин систем за пренесување и примање факсимил (познат како FAX) преку радио. Тој го пријавил неговиот прв патент во 1935 година.
Радио факсимилот не бил ништо ново. Првиот систем бил патентиран во 1905 година, а неговата најрана апликација била пренесување на метереолошки карти и други податоци на бродовите на море (практика што продолжува и денес). До раните дваесетти години на минатиот век, новинските сервиси пренесувале фотографии преку радио факсимил. Помеѓу 1926 и 1932 година на пример RCA (Radio Corporration of America) воспоставила радио факсимил услуга преку краток бран помеѓу Њујорк и Лондон. Во теорија, преносот на радио факсимил не претставувал ништо повеќе од замена на телефонски жици со бран на радио-носач. Но, реалноста не била толку едноставна. Предавателите и приемниците биле комплицирани и барале обучени оператори. До системот на Финч, опремата за радио факсимил била премногу сложена и скапа за повеќето комерцијални апликации. Финч имал три ривали: RCA, General Electric и Western Electric, секој од нив корпоративен гигант што можел да го уништи. Но, како што се вели во написот во Бизнис вик (Business Week) од 1937 година "... системот Финч беше првиот што излезе од лабораторијата и влезе во семејните салони."
За да заштедат простор, радио-печатените весници користеле едноставен текст и графика.
RCA веднаш започнала преговори за онлајн верзии на четири њујоршки весници (The New York Times, Herald Tribune, American, и World-Telegram) во 1935 година. Финч, од друга страна, го продал на три американски радиостаници на тестирање неговиот систем “радио-печатач“ до крајот на 1937 година. Секоја радиостаница што се пријавила во “Финч лаборатории“ поставила 50 комплети за примање во својата област за емитување по цена од 125 американски долари по парче – инвестиција од 6 250 американски долари – што е еквивалентно на речиси 200 000 американски долари денес. И тоа не вклучувало опрема за скенирање и приклучоци за предавателите. Pадиодифузерите биле оптимисти, сметајќи дека приходите од рекламирање и претплати ќе ги оправдаат трошоците.
Во септември 1937 година, FCC им дозволила на радиодифузерите да емитуваат радио факсимилни сигнали помеѓу полноќ и 6 часот наутро. Во тоа време, радиостаниците ги завршувале своите преноси и се одјавувале во 23 часот или полноќ, па времето било идеално за доставување на печатени вести пред да се разбудат повеќето луѓе. Првите преноси на радио-печатени вести биле направени од страна на KSTP на 15 октомври 1937 година. Во ноември, станиците во Ајова и Вирџинија исто така емитувале радио-печатени вести. Станиците најпрво ги користеле доделените фреквенции за емитување факсимилни весници, но подоцна планирале да ги променат во предаватели на повисоки фреквенции. Така, WLW спровела експерименти со 700 KHz, но планирала да се префрли на 20 000 KHz за редовни преноси со факсимил.
Комплет од радио приемник и печатач за прием на радио факсимил
На предавателната страна преносот на радио факсимил вклучувал подвижен фотоелемент кој поминувал преку текстот и сликата што требало да се скенира. Електричните сигнали од фотоелементот варирале во зависност од осветленоста на даденото место на хартијата што се скенира. Преносниот бран бил модулиран со овие сигнали и носителот се емитувал на договорена фреквенција. Типичниот домет бил од 40 до 80 километри (25 до 50 милји), а некои експерименти биле успешни и до повеќе стотини километри – иако не постојано.
На крајот на приемот, радиосигналите се претворале во електрични импулси. Tипичната единица за радио факсил била сместена во она што обично било голем радио или фонографски орман, со радио приемникот и печатачот сместени како една единица. Системите ги печателе вестите на лента од хартија со ширина од пет инчи, која била или со слој од јаглерод (поткрепена со втор слој хартија, на кој се правеле слики кога игла го допирала првиот слој) или била чувствителна на топлина. Текстот и сликите биле отпечатени во црна или темно сива боја во две колони. Моторот на печатачот поместувал вертикално ролна хартија 1/100-инчи, по што игла се лизгала хоризонтално низ површината на хартијата. Кога механизмот за транспорт ќе добиел електричен импулс, иглата притискала на хартијата оставајќи црна линија. Со овој систем, мали точки или подолги линии можеле да се постават на секоја линија од лизгачката хартија и постепено да се гради слика.
Откако ќе се воспостават комплетите за примање, трошоците за потрошувачите биле релативно мали. Ролните хартија чувствителна на топлина чинеле по 1 американски долар, а проценетата цена на употребената хартија за една недела би била 0,10 американски долари. Трошоците за употреба на електрична енергија во просечен дом ќе се зголемат за само 0,20 американски долари неделно.
Детален преглед на механизмот за печатење од радио печатачот Crosley Reado
Околу преносите на печатените радио вести многу сериозно се вклучил и Пауел Кросли јуниор (Powel Crosley Jr.), човекот што печатот го нарекол „Хенри Форд за радиото“. Овие потези на Кросли, чии ефтини радио-апарати, во голем дел, придонеле за популарноста и растот на радиото од 1921 година наваму, биле огромнен плус за доверба на радио-печатените вести. Во индустриските кругови се сметало здраво за готово дека, ако Кросли бил вклучен во обидот, тоа требало да биде повеќе од сигурна работа. Со фабриката за производство, Кросли започнал комплетен деловен и маркетиншки план за приемниците и услугата за емитување. Во јануари 1939 година, биле објави големи реклами за “Reado Radio Printing” во весниците во Синсинати. Принтерите требало да се продаваат по цена од 79,50 американски долари и биле дизајнирани да работат со кое било радио. За повеќе од 10 US американски долари, ќе можело да се добие електричен тајмер за вклучување и исклучување на системот во претходно одредено време. Радио во кабинет што одговара исто така било достапно за дополнителни американски долари. Радио факсимилното печатење било демонстрирано дури и на штандот на Кросли на Светскиот саем во Њујорк 1939 година.
Но, судбината како да направила заговор против Кросли, како и против Финч, RCA и сите радиодифузери кои толку многу инвестирале во системот за радио факсимил. Одговорот на потрошувачите бил помалку од скромен. Ова ги натерало и огласувачите да бидат резервирани кон новата медиумска услуга, а без силна поддршка и претплати на огласувачите услугата била осудена на пропаст. До 1940 година, завршила испораката на радио факсимил за весници.
Сепак, Вилијам Финч не ја изгубил довербата во факсимилот како масовен медиум за комуникација. Веднаш по Втората светска војна, тој смислил нов пристап кон пренесување весници. Имал намера весниците да ги испрати преку телефонски линии во домовите на милиони Американци кои плаќаат. Неговиот деловен план вклучувал локални и регионални верзии на факсимилни весници, плус еден „супер-весник“ за национална потрошувачка. Ниту тоа не поминало. Телевизијата се пробила во дневните простории на нацијата. Текстот и сликите преку радио или телефон едноставно не можеле да се натпреваруваат со подвижните слики и звук на телевизијата.