Во изминатиов период видов толку текстови, фотографии и информации за Теохаров aудио, па навистина се борев со дилемата дали на читателите на Емитер им е потребен уште еден осврт на портфолиото на овaa нашa надежнa high-end аудио мануфактура. Идејата беше да се направи осврт на технолошки освежената линија на звучници од топ-рангот на Теохаров, односно пасивните звучнички системи од линијата „C“ (Ц). Но низ разговор со Веселин Теохаров, идејата за краток осврт се трансформира во желба за подолготрајно слушно тестирање...
Неуморниот дух и инвентивноста на одговорниот конструктор во Теохаров повторно го подигнаа и онака високиот критериум за квалитет на серијата Ц, а тој не штедејќи се, мошне живописно ми ги пренесе своите импресии за бројните унапредувања направени со последната едиција на престижната серија која е составена од три модели, сите двосистемски со една или две мид-бас единици и соодветна високотонска единица, сè од престижната серија Илуминатор на данскиот производител Scan Speak.
Навидум, сè е како и претходно, но тука почнува да се расплетува приказната за унапредениот дизајн на свртниците и повисокото ниво на употребените делови во нив (Janzen Superior/Silver Z-Cap кондензатори, на пример), унапредените звучнички терминали, ексклузивен сет на елементи за декуплирање од подот од Viablue, повисоко ниво на завршна обработка итн... Аха...интересно но не неочекувано, иновативно, ништо ново под сонцето, особено не од Веселин кој во секоја пригода не пропушта да нагласи дека врвниот квалитет и бескомпромисен дизајн на уредите е императив на Теохаров.
И тогаш, бум...: „Знаеш, кабинетот е асиметричен (за сите модели од серијата Ц) и нема ниту една паралелна страна, но во новата серија е направен од сендвич од три композитни матeријали, односно соединет HDF и ORNAMAXTM со композитна фолија, внатре е матрична решетка. На тој начин резонантната фреквенција на кабинетот е околу 1Hz...“ Полека, полека... пласираше информации за кои ми требаше малку време за да ги процесирам и колку што е можно побргу да се обидам да компарирам кои производители во аудиоиндустријата можат да се пофалат со вакво нешто!? Би рекол, не многу. Можам да се сетам само на неколку имиња кои се екстремно високо на скалата на звучничкиот дизајн во high-end аудио светот како Tidal, Wilson Benesch, Fink Team... остатокот се држи до чисти дрвени композити (независно од тоа како ги нарекуваат) или екстреми од типот на комплетно метални конструкции направени од мноштво делови или издлабени во блок-алуминиумска легура како YG Acoustics и за крај, секако карбонските конструкции.
Предниот панел и понатаму е изработен од 15 mm CNC обработен алуминиум на кој драјверите се директно монтирани, а самата конструкција е со двојно (во референтниот модел со тројно) одвојување од подлогата. За сето ова може да се прочита на новиот веб-сајт на Теохаров (teoharov.mk), каде што покрај техничките информации, можете низ фотографии да стекнете впечаток и да донесете сопствен заклучок за сè она што е напишано.
Но во продолжение на разговорот, Веселин подготвено додава: „...мислам дека е неопходно да ги слушнеш Модел Ц дома, па да кажеш дали сето ова има смисла и дали новата едиција, покрај козметичко, е и вистинско технолошко унапредување?“ Го прифатив предизвикот, па тука ќе го завршам овој текст, кој е сосема доволен за почетно запознавање со серијата Ц преку онлајн-вестите на Емитер, а за нашите импресии по тестирањето на парот звучници од серијата Ц, поточно моделот Reference, ќе читате во следниот број на ЕМИТЕР.