Рубрика: Медицина
За ефикасноста на вакцините и зошто таа е променлива
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 07.08.2021 - 13:30

Преку примерот на студијата на ефикасноста на вакцината Коронавак /Синовак во Бразил ќе разбереме како се вршат пресметките на ефикасноста на вакцините и зошто ефикасноста не е константна големина, дадена еднаш засекогаш, туку на почетокот е повисока, а потоа се намалува. Исто така, ќе разбереме зошто за една иста вакцина се добиваат разни вредности на ефикасноста во разни студии и разни земји. Заклучоците важат и за други типови на вакцини.

Како основа ќе го земеме документот "Background document on the inactivated vaccine Sinovac-CoronaVac against COVID-19" од СЗО (apps.who.int/iris/rest/bitstreams/1348684/retrieve), базиран на бразилската студија "Clinical Trial of Efficacy and Safety of Sinovac's Adsorbed COVID-19 (Inactivated) Vaccine in Healthcare Professionals (PROFISCOV)" (www.clinicaltrials.gov/ct2/show/NCT04456595). Оттаму го преземаме графикот подолу, кадешто е прикажана промената на инциденцата на симптоматски ковид кај вакцинираните (црвената линија) и плацебо (контролната) група, односно невакцинираните. Претходно во двете групи никој немал прележано ковид-19, односно немал антитела.

Инциденцата, изразена во број на инфицирани дневно, претставува стрмина на дадена крива во дадена точка (извод, односно тангенс од аголот на наклон на тангентата на кривата, прикажани со дебелите линии). Доколку ги пресметуваме инциденците и ефикасноста за периодот од 28-иот до 43-тиот ден од првата доза (така направиле во Турција и добиле фантастична ефикасност), соодносот на ризиците претставува сооднос на стрмините, односно сооднос на тангенсите на аглите COA и COB кај левиот триаголник, односно:

RR = (AC/OC)/(BC/OC) = AC/BC.

Значи, сè што ни треба е соодносот на должините од цртежот, коишто ги преземаме директно како пиксели од сликата: RR = 7/(26+7) = 0,212. Ефикасноста на вакцината претставува намалување на ризикот, односно:

VE = 1-RR = 1-0,212 = 0,788 = 78,8%.

Тоа би била солидна ефикасност против симптоматски ковид – ама под услов кога би останала толку висока цело време. За жал, со текот на времето, како што се намалува титарот на неутрализирачките антитела во плазмата, така започнува да расте инциденцата на инфицирање кај вакцинираните (црвената крива надесно станува сé пострма), додека инциденцата кај плацебо групата останува иста (стрмината на сината крива надесно останува иста). Тоа е нормално, затоа што кај нив нема заштита што би ослабела со текот на времето.

Ако ја повториме пресметката на десниот дел од дијаграмот, од денот 84 до 100, тогаш од десниот триаголник долу на сликата добиваме дека соодносот на ризици е многу полош, т.е. се искачил дури на RR=0,743. Ова покажува дека вакцинираните добиваат симптоматски ковид сè почесто и се доближуваат до невакцинираните. Ефикасноста на вакцините во периодот од 84-тиот до 100-тиот ден опаднала на само:

VE = 1-0,743 = 0,257 = 25,7%.

Бразилските научници, сосема чесно, ефикасноста ја пресметале збирно, од 28-иот до 98-иот ден од првата доза и затоа добиле средна ефикасност од 50,4%. Да пресметувале после 100-тиот ден, немало да добијат одобрение од СЗО, затоа што при ефикасност помала од 50% повеќе не се смета за вакцина. Во турската студија, пак, пресметувале ефикасност само на левиот дел од кривата (од 28-иот до 43-иот ден), додека антителата се на максимум, а црвената крива искачува пополека, па така добиле ефикасност од околу 80% Ова би било објаснувањето зошто една иста вакцина дава толку различни вредности за ефикасноста – едноставно, затоа што сите немале ист фолоу-ап период.

Доколку би ја пресметале ефикасноста, на пример, во интервалот од 5-тиот до 6-иот месец, таа би била уште пониска, можеби и под 10%. Тука станува збор само за ефикасноста против симптоматски ковид. Ефикасноста против тешка форма на болеста, за среќа е прилично повисока, од две причини. Прво, за заштита од тешка форма е доволна 6 пати помал титар на антитела отколку за заштита од симптоматски ковид, односно само околу 3% од титарот кај конвалесцентите. Второ, дури и при нула антитела, меморискиот имунитет од мемориските Б-клетки кај вакцинираните ќе доведе по 3-6 дена до развивање на антитела, коишто ќе спречат тешка форма на болеста.

Да заклучиме, вакцинираните се во голема предност пред невакцинираните и непрележаните поради заштитата од тешка форма на болеста. Второ, иако антителната заштита е минлива и релативно краткотрајна, создавањето на меморискиот имунитет е главната придобивка поради која всушност треба да се вакцинираме. Трето, бидејќи вакцините не можат да остварат долготрајна заштита од заразување и симптоматски ковид, вакцинираните треба да продолжат со превентивните мерки (одржување растојание, носење маски) исто како да не биле никогаш вакцинирани. Најдобро е вакцините да се сфатат како средство за лична заштита од тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт.

Клучни зборови: