Рубрика: Омнибус
Олимписки игри во светот на животните
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 06.08.2021 - 13:45

На Олимписките игри, сите кандидати имаат иста цел, а тоа е да освојат медал. На Олимписките игри се вреднуваат силата, издржливоста и енергијата, а тоа е исто и во светот на животните, иако далеку од очите на јавноста. Сите рекорди во светот на животните имаат само една цел: опстанок и продолжување на видовите. Со анализи и истражувања научниците откриле дека, во тој поглед, животните се исклучителни “спортисти”. Нивните атлетски способности и вештини се далеку поголеми од човечките. Така, со сигурност може да се каже дека во светот на животните, конкуренцијата е силна, а човекот во однос на нивните способности понекогаш е дури и смешен! Се надевам дека текстов е интересен бидејќи е компаративен и нуди информации и за животните, но и за некои спортски дисцилини.

 

Дисциплина: трчање 100 метри, спринт
Натпреварувачи: обичен европски зајак (Leporidae europaeus), гепард (Acinonyx jubatus).

Јусеин Болт, спринтерот од Јамајка, во моментов го држи светскиот рекорд на 100 метри,šкојшто изнесува 9:58 секунди, а на 200 метри 19:19 секунди. Ова значи дека неговата просечна брзина е 10,44 м/сек., или 37,6 км/час. Ако во борбата за медал учествува и обичниот зајак, зајко ќе победи, бидејќи тој може да трча многу побрзо и може да достигне брзина од 77 км/час, особено ако почувствува опасност. Тајната на овој тркач лежи во структурата на неговите задни нозе, кои функционираат како федери, како и на силните мускули на нозете, кои работат заедно како систем на долг лост поврзан со тетивите. Во полна брзина, Јусин прави чекор 2,7 - 2,9 метри, а зајко може да скокне 3 метри, иако неговото тело има должина од околу половина метар.

Иако зајакот спаѓа меѓу шесте најбрзи животни-цицачи, сепак најбрз на светот е гепардот. Овој дамчест спринтер од фамилијата мачки може да трча со брзина од околу 115 км/час, или 32 м/сек. Тоа е околу трипати побрзо отколку најбрзиот човек. Гепардот има исклучително еластичен 'рбет, кој со секој потег се наведнува и се исправа, дејствувајќи како федер што го турка телото напред. Тој има добро развиена мускулатура, лесен скелет, долги нозе (најдолги во светот на мачките) и канџи кои не може да ги вовлече. Но, тој со оваа брзина не може многу долго да издржи.
 

Дисциплина: Пливање
Конкуренти: Лепезеста сабјарка (Istiophorus platypterus), туна (Thunnus thynnus).

Рибата лепезеста сабјарка е рекордер во вода како што е гепардот на копно. Со својата огромна грбна перка, издолженото и вретенесто тело, таа е една од најхаризматичните риби. Поседува исклучително добра вештина за пливање и грациозност. Кога го лови пленот, таа плива со брзина која е малку помала од онаа на гепард – околу 110 км/час. На нејзиното мени се туната и скушата. Горната вилица, која наликува на сабја, и помага да го убие пленот. Живее во водите на Индискиот Океан. Дури и повеќекратниот олимписки победник Мајкл Фелпс, кој плива со брзина од 8 км/час би изгледал бавно во однос на неа.

И туната е исто така одличен пливач кој живее во јато. Со своето силно вретенесто тело достигнува брзина до 100 км/час. Побавна е од сабјарката, па затоа таа може да ја стигне и да ја изеде, но многу побрза е од ослиќ, лигњи, харинги, скуши и ракови кои пливаат побавно од неа, па таа нив ги јаде!

 

Дисциплина: синхронизирано пливање
Натпреварувач: обична сипа (sepija officinalis)

Синхронизираното пливање е спорт кој вклучува елементи на пливање, гимнастика и танц. Тоа генерално се смета за женски спорт, иако е дозволен и за мажи. Во суштина, тоа е многу тешка спортска дисциплина, бидејќи бара сила, добра техника на пливање, чувство за ритам и простор и способност да се издржи мошне долго со главата под вода, бидејќи тоа е дел од кореографијата. Но, ако ги споредиме луѓето со сипите, тогаш луѓето за нив се само аматери. Сипата е најинтелигентниот безрбетник кој има способност да ја менува бојата на телото и е позната и како “морски камелеон”. Сипата е вистински виртуоз во балет и танц, и тоа на млазен погон.

Се пари на пролет, кога водата е потопла и тогаш можат да се видат прекрасните танци на мажјаците за да ги привлечат припадничките од спротивниот пол. По борбата, победникот плива со женката внимателно следејќи го секој нејзин чекор. Пливаат повремено на грб, повремено на стомак. Притоа мажјакот нежно ги допира сите нејзини осум крака и двете пипала. Воедначеноста на движењата, односно синхронизацијата на паровите е постигнато благодарение на големите нервни влакна коишто пренесуваат команди со брзина на светлина. Со дамките и мускулите на кожата и визуелниот контакт меѓу партнерите, се реализира оваа преубаво синхронизирано пливање. За успешноста на синхронизацијата придонесуваат и двете сложени очи, адаптирани за врвно тродимензионално гледање. За време на парењето, главите на партнерите се свртени една кон друга и машките “раце” се завиткани околу главата на женката, што личи како да се бакнуваат.

 

Дисциплина: Кревање тегови
Натпреварувач: црвена шумска мравка (Formica rufa rufa)

Оваа мравка е типичен жител на шумите. Живее во мравјалник во кој владее ред, чистота и поделба на работата. Овие мравки се чистачи на шумите бидејќи се хранат со гасеници и инсекти. Често можат да се видат како се враќаат во мравјалникот носејќи на грбот плен кој е много потежок и поголем од нив самите. Различни видови мравки можат да носат товар 10 до 50 пати потежок од нивната тежина.

Најјаките кревачи можат да подигнат тегови со тежина од само 1,8 пати поголема од тежината на своето тело. Наим Сулејманоглу е еден од најтрофејните кревачи на тегови во историјат ана олимписките игри, а во својата кариера има поставено и рушено неверојтни 46 пати. Еден од најдобрите резултати во оваа дисциплина е кревање на тегови од 185 кг со повлекување и 233 кг со исфрлување. Кога би го споредиле со оваа мравка, спортистот би требало да подигне товар од 4 тона! Ако некогаш инженерите одлучат да направат робот-кревач на тегови, сигурно како пример ќе им послужи скелетот на мравката, кој е изграден од хитин, материјал кој е многу еластичен и многу цврст. Каросериите на тркачките автомобили се направени од сличен материјал, кој е лесен и отпорен.

 

Дисциплина: Џудо
Натпреварувач: бумбарот-еленче (Lucanus cervus)

Џудо е боречка вештина која доаѓа од Јапонија и на јапонски значи верувале или не “нежен пат”. За да земат златен медал во џудо, натпреварувачите мораат да бидат исклучително борбени, да ја познаваат техниката на движења и да можат да одржуваат беспрекорна рамнотежа. Основачот на оваа дисциплина е Џигоро Кано (1860 - 1938). Најистакнати мајстори се, како што е познато, Јапонските натпреварувачи. Меѓутоа, митот за непобедивоста на Јапонците во џудо го укинал Холанѓанин во далечната 1961година, кој победил на третото светско првенство во Париз. Во 2012 година, на Олимпијадата во Лондон, Косово успеа да ги освои своите први златни медали од олимписките игри токму во спортот џудо.

Но, приказната оди понатаму. И од нив има подобри. Сите особини на еден врвен џудист, истражувачите-зоолози ги пронашле кај машкиот бумбар-еленче, кога се бори за наклоност на женката бумбар-еленицата во време на парење. Со своите огромни рогови, тој се бори некогаш и до смрт. Притоа, тој се труди да го легне противникот на грб и не му дозволува да се крене. Како вистински џудисти! Поразениот потоа се елиминира од натпреварот. Бумбарот-еленче е вистински спортист. Тој со роговите може да крене 30 пати поголема тежина од тежината на своето тело. Но, постои уште една разлика меѓу овој бумбар и џудистите. Тој секогаш се бори гладен, а џудистите најадени. Но и бумбаров има свој проблем. На високи летни температури, бумбарот елече брзо ја губи својата телесна маса, па организаторите на животинската олимпијада би морале да им обезбедат разладени рингови.

 

Дисциплина: Скок со стап

Натпреварувач: болва (Orchesella villosa)

Скок со стап е атлетска дисциплина во која се користи свитлив стап за совладување на одредена висина. Новиот светски рекордер во оваа дисциплина, од минатата година, е Арман Дуплантис со скок од 6,17 метри што е 3 санитметри повисоко од 27 години стариот рекорд на Сергеј Бупка кој изнесуваше 6,14 метри. Светска рекордерка е Јелена Исинбајева со 5,06 метри. Но, пред околу 500 милиони години, природата створила исклучителен скокач со стап, а тоа е земната болва, подвид од видот Collembola. Оваа болва е ненадминат скокач и има 6 нозе. Телото £ е сплескано и, гледана со голо око, изгледа мазна, но не е така, бидејќи е прекриена со ситни влакненца, свиткани наназад, со кои се закачува за домаќинот како боцка (чичак).

Тајната на нејзината моќ за скокање лежи во нејзиниот “орган” прицврстен за стомакот, под опашката, познат под името јадец. Тоа е пружина која се наоѓа и овозможува на болвата експлозивен скок во воздухот. Луѓето кои скокаат со стап пред тоа мораат да трчаат и да постигнат одредена брзина. Стаповите со кои скокаат мора да бидат лесни и вобичаено се направени од стаклени влакна. Дозволени им се три обиди. Болвата може да скокне во висина од 7,5 сантиметри, што е 25 пати повеќе од нејзината висина. Тоа значи дека човек висок околу 2 метри, би требало да скокне до висина од 50 метри, но тој не може, не е болва!

 

Дисциплина: Скок во далечина

Натпреварувачи: црвена верверичка (Sciurus vulgaris), црвен кенгур (Macropus rufus), ракета жаба (Silverstoneia flotator)

Скокот во далечина е атлетска дисциплина во која спортистите се обидуваат со залет да скокнат што подалеку. Светски рекордери во оваа дисциплина се: Мајкл Пауел (8,95m), а во женска конкуренција Галина Чистјакова (7,52m).

Скокот во далечина на верверичката се изведува 15-20 метри над земјата. Нели ве потсетува ова на скокање во циркус без мрежа? Верверичката така скока за да го избегне непријателот. Мора. Вистински мајстор во оваа дисциплина е црвената, или обичната европска верверичка. Возрасната црвена верверичка е долга 18-24 см, а може да скокне 4 метри во далечина, благодарение на силните задни нозе, виткото тело, канџите и способноста да одржува рамнотежа. За правецот и рамнотежата £ помага и нејзината голема опашка, која е долга од 15-20 см. Американската сива верверичка е двојно поголема од европската, но нејзиниот скок е покус.

Со исклучителни резултати може да се пофали и црвениот кенгур, кој може да скокне 12,8 метри, а според должината на телото првото место и припаѓа на жабата-ракета, која може да скокне 4 метри, што е 100 пати поголема должина од нејзиното тело.

Клучни зборови: