Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 1/2/3.8.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 01.08.2021 - 18:45

Во овој времеплов ги славиме роденденот на ирскитфизичар Џон Тиндал, и на првата кинеска подморница на нуклеарен погон. Го одбележуваме и откритието на позитронот, подвигот на вистинската подморница Наутилус, како и претставувањето домашниот персонален компјутер TRS-80, а се сеќаваме и на почетоците на развојот на програмскиот јазик COBOL.

 

1.8.1974 – Кинезите ја добиваат нивната прва нуклеарна подморница

Морнарицата на Кинеската народна армија ја пушти во употреба подморницата ЧангЖенг 1, првата целосно кинеска подморница со нуклеарен погон. Советскиот сојуз ќе одбие да ги сподели своите знаења во врска со нуклеарниот погон со Кина, па Мао Це Тунг решава кинезите да се потпрат на сопствени сили и да развијат сопствена програма за изградба на нуклеарни подморници.

Првата кинеска подморница на нуклеарен погон 

Изградбата на подморниците започна во 1968 година во бродоградилиштето Хулудао во провинцијата Лјаонинг. Пресуризираниот реакторот од 90 мегавати овозможуваше турбоелектричен погон. Подморницата од тип 091 ќе биде лансирана во 1970 година, а нуклеарниот реактор ќе биде активиран во јули 1971 година по што ќе започнат пловните тестови на отворено море. НАТО ќе на заведе подморницата под шифрирано име класа Хан.

Првата генерација на подморници дизајнирани во Кина ќе се покаже инфериорна во однос на американските и руските модели од тоа време. Но подморницата ќе се задржи долго време во употреба – таа ќе биде повлечена од употреба во 2000 година. (Н. С.)

 

1.2.1967 – Морнарицата на САД ја регрутира Грејс Хопер за развој на програмскиот јазик COBOL

Американската морнарица ја регрутира во редовен состав Грејс Мареј Хопер со чин капетан, за да помогне во развојот на програмскиот јазик COBOL. Грејс Хопер веќе била позната по нејзината работа на компјутерите Марк I и II за Харвард во 1940-тите години. Таа, поддржана од тимот  составен од неколку производители на компјутери и Пентагон, ги создала спецификациите за COBOL  (COmmon Business ориентиран јазик) за деловна употреба.  Овие почетни развојни напори за создавање на COBOL биле насочени кон создавање на компјутерски програми што лесно се вчитуваат, со што е можно поголема независност на машината. Дизајнерите се надевале дека COBOL ќе може да функционира на кој било компјутер за којшто постои соодветен компајлер, само со минимални измени.

Грејс Хопер – дамата која го зачна програмскиот јазик COBOL 

Грејс Хопер има уште многу големи придонеси за компјутерската наука во текот на нејзината многу долга кариера, вклучувајќи го и составувањето на веројатно првиот компајлер – “А-0“. Нејзе и се припишува и првата употреба на терминот “баг” (bug) – бубачка, во контекст на компјутерската наука, кога во нејзиниот работен дневник го залепила молецот кој паднал во релејот на харвардскиот компјутерот Марк II. Хопер почина на 1 јануари 1992 година.

Во 1997 година американската морнарица ќе и оддаде почест именувајќи го нивниот нов тогаш најсовремен и технички напреден брод USS Hopper (DDG 70). (И.З./Н.С.)

 

2.8.1932 – Oфицијално е откриен позитронот, античестичка на електронот, од страна на Карл Андерсон

Уште во 1928 година, Пол Дирак во еден свој труд предлага дека електроните може да имаат позитивен полнеж и негативна енергија. Трудот ја воведува дираковата равенка, која ги обединува квантната механика, специјалната теорија на релативноста и тогаш новиот концепт на спин на електроните за да го објасни т.н. зиманов ефект.

Фотографија од облачната комора која беше користена за да се докаже постоењето на позитронот (фото: К. Андерсон)

Трудот директно не го предлага постоењето на нова честичка, но дозволува и позитивен и негативен ефект на електроните како решение. Некаде во приближно исто време, позитронот за првпат директно го набљудуваа и Димитри Скобелцин и Чанг-Јао Чао, но резултатите од нивните истражување не биле сигурни, а феноменот којшто го забележале не бил доистражен. Така останува на Андерсон, 3 години подоцна, да ја открие новата честичка која ја именува како позитрон, за што во 1936 година ја добива Нобеловата награда за физика. Интересно е тоа што Фредерик и Ирен Жолио Кири имале докази за позитрони на стари фотографии пред резултатите на Андерсон, но тие погрешно ги отпишале како протони. (Д. М.)

 

2.8.1820 – Роден е Џон Тиндал

Џон Тиндал (John Tyndall) е ирски физичар, најпознат по тоа што демонстрирал зошто небото има сина боја. Во научниот свет станал познат во 1848 година како автор на обемно дело За кристалите (Crystals).

Во 1856 година патува во Швајцарија заедно со професор Хаксли, со кого заеднички ќе го напише делото За структурата и движењето на глечерите (On the Structure and Motion of Glaciers). Во 1863 година тој ќе гo објави делoто “Топлината како начин на движење” (Heat as a Mode of Motion), по што следи “За зрачењето” (On Radiation) во 1865, и “Звук” (Sound), а во 1870 година го објавува делото “Светлина” (Light). Во овиед дела тој вклучува истражувања за акустичките својства на атмосферата и сината боја на небото, за којашто тој предлага дека се должи на расејувањето на светлината од ситните водени честички.

Неговата првична научна репутација била заснована на истражувања на дијамагнетизмот. Спроведувал истражувања за топлинското зрачење, го проучувал спонтаното создавање и теоријата за потеклото на болестите од микроби, движењето на глечерите, звукот, дифузијата на светлината во атмосферата и многу други нешта поврзани со овие теми. Тој докажал дека озонот претставува форма на кислород, а не дека се работи за водородно соединение, а го создал и респираторот наменет за пожарникари, како и повеќе помалку познати пронајдоци, како на пример подобрен сигнал за магла. Една од неговите најзначајнииновации, светлинската цевка, ќе придонесе за развој на фибероптиката. Соверемениот светлински иструмент е познат како гастроскоп, со којшто се овозможува поглед во внатрешноста на стомакот на пациентот без хируршка интервенција. Тиндал исто така бил и мошне попиларен предавач.

Починал на 4 декември 1893 година на возраст од 73 години.

 

3.8.1958 – Подморницата УСС Наутилус стана првото пловило коешто помина под Северниот Пол

Наутилус е воопшто, првата подморница со нуклеарен погон. Во пловидба е пуштена 1954 година, а именувана е според истоимената подморница Наутилус од Жил Верновиот роман “20 000 милји под морето”, и според уште една американска подморница којашто учествувала во 2. Светска војна. Благодарение на нуклеарниот погон, подморницата можела да остане под вода подолго од дотогашните подморници кои биле погонувани со дизел мотори, поради што уште во првите години од нејзината употреба таа поставила повеќе нови рекорди и патувала на претходно недостапни локации. (Н. С.)

Подморницата УСС Наутилус

 

 

3.8. 1977 – Radio Shack го претставува компјутерот TRS-80

Radio Shack го претставу својот прв персонален компјутер TRS-80 Model 1. Опремен со 4KB RAM меморија, меморија на магнетни ленти – касети, и вграден BASIC преведувач, TRS-80 бил еден од првите персонални компјутери на пазарот наменет за широка потрошувачка, заедно со Commodore PET и Apple II. Во време кога повеќето микрокомпјутери доаѓаа во форма на кит-комплети наменети за хобистите, овие три компјутера беа наменети за сите просечни луѓе, а се покажаа и мошне популарни во училиштата. (И.З./Н.С.)

Рекламен оглас за TRS-80 Model 1

Клучни зборови:
Првата кинеска подморница на нуклеарен погон

Првата кинеска подморница на нуклеарен погон

Првата кинеска подморница на нуклеарен погон

Првата кинеска подморница на нуклеарен погон 

Грејс Хопер во компјутерската лабораторија

Грејс Хопер во компјутерската лабораторија

Грејс Хопер – дамата која го зачна програмскиот јазик COBOL

Грејс Хопер – дамата која го зачна програмскиот јазик COBOL

Фотографија од облачната комора која беше користена за да се докаже постоењето на позитронот

Фотографија од облачната комора која беше користена за да се докаже постоењето на позитронот (фото: К. Андерсон)

Џон Тиндал

Џон Тиндал

Подморницата УСС Наутилус

Подморницата УСС Наутилус

Уметничка визија на УСС Наутилус под мразот

Уметничка визија на УСС Наутилус под мразот

Првиот 'персоналец' од Radio Shack – TRS-80 Model 1

Првиот 'персоналец' од Radio Shack – TRS-80 Model 1

Рекламен оглас за TRS-80 Model 1

Рекламен оглас за TRS-80 Model 1