Вулканот Килауеа на Хаваите е најдобро набљудуваниот вулкан во светот. Неговата ерупција во 2018 година беше најголема во последните 200 години, а од неа истражувачите добија мноштво нови податоци кои помогнаа за подобро разбирање вулканскиот внатрешен систем и неговото однесување. Две нови студии ги разгледуваат податоците за вулканските потреси и деформации за подобро да ги карактеризираат настаните коишто доведоа до ерупцијата од 2018 година и се одвиваа по неа.
Во едната студија биле користени податоци од постојаната сеизмичка мрежа и тилтметарот (инструмент за детектирање на суптилните промени во наклонот на теренот) поставени на врвот од вулканот Килауеа. Врз основа на овие податоци биле формирани модели за процесите во изворот на потресите, со цел да испита како вулканските потреси биле поврзани со исчезнувањето на езерото од лава и спуштањето на кратерот Халемаумау на почетокот и во текот на ерупцијата од 2018 година. Авторите на трудот се послужиле со пристапот на коваријантна матрица за податоците добиени од сеизмичката мрежа, со цел да ги засилат кохерентните сигнали и да го намалат шумот за полесно да ги детектираат и лоцираат изворите на вулканските потреси.
Поглед кон езерото со лава на врвот од вулканот Килауеа. (фото: U.S. Geological Survey)
Тимот открил три претходно неидентификувани извори на потреси, вклучително и долгтрајни потреси кои се случувале во периодот пред ерупцијата, а кои се поврзани со зрачењето од плиткиот хидротермален систем на југозападното крило на кратерот Халемаумау. Тимот забележал и две групи лизгачки потреси на почетокот и на крајот од месец мај. Моделите покажуваат дека првата група потреси била поврзана со поместување на камениот “вентил” во хидротермалниот систем, а вториот бил поврзан со промени во составот на гасовите во магмата сместена во јазот под кратерот погоден од десетина помали колапси.
Втората студија се фокусирала на периодот по ерупцијата од 2018 година. Откако ерупцијата завршила во август 2018 година, истражувачкиот тим користел GPS и податоци од интерферометриски радар со синтетички отвор за испитување на деформацијата околу калдерата поврзана со познатите резервоари на вулканот – плиткиот резервоар Халемауау (ХММ) и подлабокиот резервоар Јужна Калдера (ЈК). Тие го документирале издигнувањето на северозападната страна на калдерата и спуштањето на југоисточната страна на калдерата, што укажувало на тоа дека коморите со магма на врвот од вулканот се хидраулично различни. Истовремената промена на Источната зона со засеци (ИЗЗ) укажувала на динамичен трансфер на магмата помеѓу врвот и ИЗЗ.
Ерупцијата на Засекот 8 на вулканот Килауеа во јуни 2018 година (фото: Википедија)
Авторите презентирале нов модел, заснован на физика, кој користи диференцијални равенки за да го опише притисокот во резервоарот и протокот на магмата помеѓу резервоарите во вулканот, за да ги симулира потенцијалната поврзаност на магматските патеки на движење помеѓу резервоарите и ИЗЗ. Тие ја користеле динамичната инверзија на временската серија и површинското поместување забележани по колапсот од GPS уредот за да ја проценат спроводливоста на потенцијалните магматски патеки на движење.
Тимот открил дека примарниот сврзен тунел во постколапсниот период којшто е поддржан и од GPS-податоците претставува е плитка врска помеѓу ХММ и ИЗЗ. Студијата не исклучува и постоење на директен пат помеѓу резервоарите во ЈК и ИЗЗ, но укажува на тоа дека ако таков тунел постои, тој бил значително помалку активен во периодот што бил предмет на истражувањето.