Денес се навршуваат точно 50 години од слетувањето на мисијата Аполо 15 на површината на Месечината. За повеќето оваа мисија е позната како мисијата кога за првпат астронаутите возеа автомобил на површината на друго небесно тело. Но, значењето на месечевиот ровер е многу поголемо од куриозитетот да се вози автомобил на Месечината –лунарното баги им овозможи на астронаутите да се движат подалеку и побрзо, да земат примероци од почвата што инаку би поминале неоткриени и да постават низа нови научни инструменти. Токму затоа денес, воочи половина век од денот кога за првпат овој автомобил беше стартуван на Месечината, пишуваме за овој настан.
Откако поставувањето на првите луѓе на Месечината ги задоволи геополитичките цели на Проектот Аполо, НАСА стави повеќе акцент на научните истражувачи цели. При првите неколку прошетки по површинат на Месечината аастронаутите земаа примероци од почвата во близина на нивните места на слетување. Но, научниците веќе долго време се надеваа на експедиција која ќе покрие поголема површина и ќе ги зголеми шансите за пронаоѓање на некои поретки геолошки примероци од карпи. Плановите за изработка на месечев ровер добиле зелено светло само два месеци пред Нил Армстронг и Баз Олдрин да станат првите луѓе кои зачекорија на Месечината.
Последното паркинг место на месечевиот ровер од мисијата на Аполо 15.
Иако со години претходно некој вид на лунарно баги беше една од замислите за транспортно средство по површината на Месечината, спецификите на местото каде тоа би било употребено поставија низа предизвици за инженерите, па тие предлагале повеќе концепти – возила налик на тенк кои се движат со гасеници, летечки коли, па дури биле предлагани и пого-стапови и мопеди. Но, на крај сосема соодветно за една земја вљубена во автомобилот, идејата за изработка на месечевиот ровер превагнала.
Астронаутите Џек Лузма и Џералд Кар го тестираат еден од раните прототипи на роверот
За возилото да може да патува до Месечината заедно со астронаутите тоа требало да биде склопливо, да тежи помалку од 250 килограми, а истовремено да може да носи двојно повеќе товар, бидејќи освен астронаутите со него би се превезувале и научните инструменти како и примероците од месечеви карпи. Освен тоа материјалите од којшто месечевиот ровер ќе биде направен треба да бидат во можност да издржуваат големи температурни промени на месечевата површина, со оглед на разликата од повеќе од 250ºC помеѓу температурата во сенка и онаа на сонце. Возилото исто така требало да биде доволно издржливо за го издржи дејството на абразивната лунарна прашина, но и ударите од микрометеороиди. И конечно, тоа требало да биде доволно моќно за возење по различен терен – планини, кратери, лабав чакал и прав. Залакот ќе се покаже навистина голем за инженерите на Џенерал Моторс и Боинг, кои ќе ги пробијат и роковите и буџетот при конструкцијата на роверот. Но, дополнителниот притисок од НАСА која се закани дека ќе ја откаже програмата за месечев ровер ако првото возило не се испорача навреме за последните мисии од програмата Аполо, изгледа дека даде соодветен поттик. Па, првиот месечев ровер ќе биде испорачан токму навреме за мисијата Аполо 15, со доволно простор за обука и тренинг на астронаутите.
Дејвид Скот и Џејмс Ирвин ќе го вежбаат управувањето на роверот речиси цела година.
На денешен ден пред 50 години, додека астронаутот Алфред Ворден (Alfred Worden) се наоѓа во командниот модул во орбитата на Месечината, астронаутите Дејвид Скот (David Scott) и Џејмс Ирвин (James Irwin) ќе слетаат со месечевиот модул на површината во реонот Хедли-Апенини. Двајцата астронаути потоа ќе го распакуваат месечевиот ровер и повеќе друга опрема и експерименти и во текот на наредните три дена ќе извозат со роверот околу 28 километри по месечевата површина. На последниот ден од нивниот престој на месечината, 3 август 1971 година, командантот на мисијата Дејвид Скот го паркираше роверот недалеку од лунарниот модул, насочувајќи ја камерата од роверот кон модулот со цел да го сними полетувањето кое треба да се случи за неколку часа. Во непосредна близина на роверот беше поставена и меморијална плочка со имињата на 14 астронаути и космонаути кои дотогаш погинаа во напорот да се освои вселената. Mесечевото “баги” сè уште стои на истото место изложено на космичките зрачења и собирајќи прашина. Тоа ќе биде првиот од сè на сè трите месечеви ровери кои ќе бидат користени во мисиите Аполо.
Џејмс Ирвин на површината на Месечината. Пред него, до месечевиот модул Сокол, стои распакуваниот ровер.
Од менаџментот на мисиите Аполо како предострожност било планирано прошетките со ровер да бидат во опсег на она што астронаутите би можеле и пеш да го изодат и да се вратат безбедно до месечевиот модул. Но, со секоја следна мисија довербата на НАСА во можностите на возилото растела. Па така, астронаутите од мисијата Аполо 16 ќе извозат повеќе од астронаутите од претходната мисија, а учесниците од последната мисија Аполо 17 ќе го поминат досега најдолгиот пат. Сите три ровера ќе останат на површината на Месечината, недалеку од местото на спуштање. Ова може да се потврди од сликите на лунарните орбитери кои повремено ги фотографираат овие места. На фотографиите јасно видливи се трагите од роверот, а на некои и самиот ровер.
Фотографија од ЛРО на којашто лесно се забележуваат трагите од прошетката и артефактите оставени на површината, меѓу нив и лунарниот ровер
Благодарение на роверите астронаутите успеаја да најдат повеќе интересни примероци од месечеви карпи, што придонесе за повеќе теории за настанокот на Месечината. Некои од примероците кои биле донесени и денес стојат запечатени и се очекува да станат предмет на научни истражувања. Но, и покрај ова научниците се надеваат дека новите месечеви мисии, поконкретно мисијата Артемис, ќе донесат нов материјал за проучување.
Дали во новите мисии на Месечината ќе има нови месечеви автомобили? Сосема извесно. Џенерал Моторс веќе најави партнерство со Локид Мартин со цел изработка на нов месечев ровер за потребите на мисиите Артемис на НАСА, со коишто американците треба да се вратат на Месечината во текот на оваа декада. Останува да почекаме и да се увериме.