Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 29.7.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 29.07.2021 - 18:30

Во овој времеплов гo славиме родендените на руско-американскиот иноватор Владимир Зворикин, пионер во доменот на телевизијата, jа одбележуваме годишнината од смртта на британската хемичарка и нобеловка Дороти Хоџкин, и се сеќаваме на моментот кога Мајкрософт го презеде Yahoo.

 

28.7.1888 – Роден е Владимир Зворикин, руско-американски изумител

Владимир Космич Зворикин (Влади́мир Козьми́ч Зворы́кин,1888 – 1982) е руско-американски изумител, инженер и пионер на телевизиската технологија. Зворикин измислил телевизиски предавателен и приемен систем, користејќи цевки со катодни зраци. Играл значајна улога во практичниот развој на телевизијата уште од раните триесетти, вклучително и цевки од типот за складирање на полнеж, цевки со инфрацрвена слика и електронски микроскоп.

Роден е во Муром, Русија, во семејство на просперитетен трговец. Студирал на Институтот за технологија во Санкт Петербург, под влијание на Борис Розинг. Тој му помагал на Розинг со експериментална работа на телевизија во подрумот на приватната лабораторија на Росинг. Работеле на проблемот со „електрична телескопија“, нешто што Зворикин дотогаш не го чул. Во тоа време, електричната телескопија (или телевизијата како што подоцна се нарекувала) била само сон. Зворикин не знаел дека другите ја проучувале идејата уште од 1880-тите, или дека професорот Росинг работел на тоа во тајност уште од 1902 година и постигнал одличен напредок.

Владимир Зворикин

Зворикин дипломирал во 1912 година. Потоа студирал Х-зраци кај професорот Пол Ланжвен (Paul Langevin) во Париз. За време на Првата светска војна, служел во рускиот сигнален корпус и работел на тестирање на радио-опрема што се произведувала за руската армија. Во текот на Октомвриската револуција ја напуштил Русија и заминал во САД.

Откако пристигнал во САД, Зворикин се вработил во лабораториите на Вестингхаус во Питсбург, каде имал можност да се вклучи во експерименти околу телевизијата. Аплицирал за телевизиски патенти во САД на 29 декември 1923 година под назив “Телевизиски систем” (добил два патенти во 1931 година), а втората апликација од 1925 година во суштина ја има истата содржина, но со мали измени и дополнување, за пренос и прием во боја (добил патент за апликацијата во 1928 година). Демонстрацијата дадена од Зворикин била далеку од успешна за раководството во Вестинхаус, иако ги покажала можностите својствени на системот заснован на катодните зраци. Му било кажано да “посвети време на повеќе практични потфати“. Во меѓувреме ја работел и докторската теза на Универзитетот во Питсбург. Неговите експерименти биле насочени кон подобрување на производството на фотоелектрични ќелии, со што и докторирал во 1926 година.

Во тоа време, сепак, Зворикин експериментирал со подобрена цевка за примање на катодни зраци, поднесувајќи барање за патент за ова во ноември 1929 година и го претставил новиот приемник што го именувал „кинескоп“, на конвенцијата на Институтот за радио инженери. Откако го развил прототипот на приемникот до декември, Зворикин го запознал Дејвид Сарноф (David Sarnoff), кој го ангажирал и го поставил на чело на развојот на телевизијата за Радио корпорацијата на Америка – РЦА (Radio Corporation of America – RCA) во своите фабрики и лаборатории во Камден, Њу Џерси. Сега можело да започне тешката задача за развој на предавателниот дел - камерата.

Експериментите на Зворикин започнале во април 1931 година, а по постигнувањето на првите ветувачки експериментални предаватели, на 23 октомври 1931 година, било решено новата цевка на камерата да го носи името “иконоскоп”. Зворикин прв го претставил својот “иконоскоп” на RCA во 1932 година. Тој продолжил да работи на тоа, и “иконоскопот на слика”, претставен во 1934 година, бил резултат на соработката помеѓу Зворикин и лиценцираниот Телефункен на RCA. Во 1935 година, Рајхпост започнале со јавните радиодифузии со помош на оваа цевка и примена на 180 линиски систем.

Владимир Зворикин ја демонстрира телевизијата

Потоа следел периодот на судско-правните процеси за докажување на приоритетот на патентот, кога RCA поднела тужба за мешање, против ривалскиот телевизиски научник Фило Фарнсворт, тврдејќи дека патентот на Зворикин од 1923 година имал приоритет во однос на дизајнот на “дисекторот на слика” на Фарнсворт, и покрај фактот дека не може да докаже дека Зворикин произведувал функционална цевка на камера пред 1931 година. Управата за патенти на САД донела одлука во 1934 година, доделувајќи приоритет на пронајдокот на “дисекторот на слика” на Фарнсворт.

За време на неговиот постојан раст во RCA, Зворикин останал вклучен во многу важни случувања и добил неколку извонредни почести, вклучително и Меморијалната награда Морис Либеман од Институтот за радио инженери во 1934 година. Тој бил награден со Медал Хауард Н. Потс од Институтот Френклин во 1947 година, бил прогласен за почесен потпретседател на RCA во 1954 година. Во 1966 година, Националната академија на науките му го доделила Националниот Медал на науките за придонесите во инструментите на науката, инженерството и телевизијата и за неговата стимулација на примена на инженерството во медицината. Во 1967 година, Зворикин ја добил наградата Златна плоча на Американската академија за достигнувања.

Тој бил основач-претседател на Меѓународната федерација за медицинска електроника и биолошки инженеринг, добитник на Медалот Фарадеј од Велика Британија (1965) и член на Американската национална сала на славните од 1977 година. Го примил првиот Прстен на честа на Едуард Рајн (Eduard Rhein) од германската фондација „Едуард Рајн“ во 1980 година. Од 1952 до 1986 година, IEEE им доделила награди на достојни инженери во името на Владимир К. Зворикин.

Зворикин починал на неговиот 94-ти роденден, 29 јули 1982 година, во Принстон, Њу Џерси. (Д. М.)

 

29.7.1994 – Почина Дороти Хоџкин, британска хемичарка и нобеловка

Дороти Мери Кроуфут (Dorothy Mary Crowfoot), подоцна Хоџкин (Hodgkin), е британска хемичарка која ја унапредила техниката на кристалографија со Х-зраци за утврдување на структурата на биомолекулите. Ова станало основно средство во истражувањата од областа на структурната биологија, па во 1964 година Хоџкин станала трета жена што ја освоила Нобеловата награда за хемија.

Дороти Хоџкин

Меѓу нејзините највлијателни откритија се потврдувањето на претпоставената структура на пеницилинот (1945) и на витаминот Б12 (1948). Хоџкин, исто така, ја разјаснила структурата на инсулинот во 1969 година по 35 години работа.

Дороти Мери Кроуфут е родена на 12 мај 1910 во Каиро, Египет, како најстара од трите ќерки во семејството Кроуфут. Семејството живеело во Каиро каде нејзиниот татко работел како археолог. Во текот на зимските месеци, секоја година се враќало во Англија за да го избегне потоплиот дел од сезоната во Египет. Во 1921 година Дороти била запишана во училиштето Сер Џон Леман (John Leman Grammar School) во Беклс (Beccles), Англија, каде била една од двете девојки што смееле да учат хемија.

Во 1928 година, Хоџкин им се придружила на своите родители на археолошкиот локалитет Џераш (Jerash) во денешен Јордан, каде ги документирала обрасците на мозаиците од повеќе византиски цркви од времето на Византија од 5 и 6 век. Таа ги завршила цртежите откога ги започнала своите студии по хемија во Оксфорд, истовремено спроведувајќи хемиски анализи на стаклените тесери од истата локација (tesserae – плочка, вообичаено во форма на коцка, која се користи при правењето мозаик). Вниманието коешто го посветува на деталите при создавањето прецизни цртежи од овие мозаици ќе се преслика во нејзината понатамошна работа при препознавањето и документирањето на обрасци во хемијата.

Молекуларен (лево) и структурен (десно) модел на пеницилинот

Хоџкин развила страст кон хемијата уште од млада возраст, а нејзината мајка, искусен ботаничар, го поттикнувала нејзиниот интерес за науката. Така, за нејзиниот 16-ти роденден, таа и подарила на ќерка си книга за кристалографија со Х-зраци, што и помогнало да донесе одлука за нејзината идна професија. Во оваа насока добила дополнително охрабрување од еден семеен пријател, хемичар. Државното училиште во тоа време не вклучувало и изучување на латинскиот јазик, чиешто познавање тогаш било неопходно за влез во Оксфорд. Па така, директорот на училиштето и држел приватни часови по овој предмет, што и овозможило на Дороти да го положи приемниот испит. Во 1928 година на 18 годишна возраст, таа се запишала на Колеџот Сомервил во Оксфорд (Somerville College, Oxford). Дипломирала хемија во 1932 година, со диплома од прва класа и е третата жена која го постигнала тоа во оваа институција. Во есента истата година, ја започнала програмата за докторски студии на колеџот Њухам во Кембриџ (Newnham College, Cambridge), под менторство на Џон Дезмонд Бернал (John Desmond Bernal). Тогаш станала свесна за потенцијалот за употреба на кристалографијата со Х-зраци за утврдување на структурата на протеините. Работела со Бернал на првата примена на оваа техника за анализа на биолошка супстанца, пепсин. Докторатот и бил доделен во 1937 година за истражување на рентген кристалографијата и хемијата на стероли.

Во 1934 година, се преселила назад во Оксфорд. Колегиумот ја назначил својата прва колешка и професорка по хемија во 1936 година, функција што ја имала до 1977 година.

Хоџкин во 1960 година била назначена и како професор за истражување на Волфсон колеџот во Кралското друштво, позиција која ја имала до 1970 година.

Покрај Нобеловата награда во 1964 година, во 1965 година од британската кралица Елизабета II била воведена во Редот на заслужните граѓани (Order of Merit). Член на Кралското друштво била од 1947 година, а од истото ја добила престижната награда - Коплиев медал (1976). Најголемиот дел од последниот дел од нејзиниот живот го посветила на каузата на научниците во земјите во развој, особено Кина и Индија, на подобрување на односите меѓу Истокот и Западот, и на разоружувањето.

Починала на 29 јули 1994 година од последиците од мозочен удар. (Р. М.)

 

29.7.2009 – Yahoo! склучува договор со Microsoft

Големата борба за преземање на Јаху од страна на Мајкрософт започна уште во 2008 година. Се разбира, исходот беше дека извршниот директор на Јаху Гери Јанг се повлече, а на негово место дојде Керол Барк. Керол направи храбар потег во 2009 година, кога се согласи на договор со Стив Балмер. Мајкрософт ги добил технологиите за пребарување на Yahoo и ќе создаде енџин за пребарување за Yahoo, кој Јаху ќе го користи во наредните години а за ова ќе добива премии од пласирањето рекламни огласи. Но локалниот јапонски сајт Yahoo.jp ќе отстапи од ова правилo, користејќи го енџинот за пребарување на Google во Јапонија. И покрај тоа што овој момент го довел во прашање целиот договор, извршниот шеф на Јаху Јапонија, Масахиро Инуе, појаснил дека Мајкрософт не ја локализирал нивната услуга за Јапонија, па од тие причини тие се решиле за користење на услугите на Google. (И. З.)

 

29.7.1996 – Mpath Interactiv ја припои Catapult Entertainment Inc

Како пример за брзорастечката индустрија на Интернетот, Mpath Interactive ја припои компанијата Catapult Entertainment Inc. во обид да се етаблира во бизнисот со онлајн видео игри. Претходно ниту една компанија не работела повеќе од неколку години, ниту имала индустрија за мрежни игри, која имала достапност на софтвер за мрежни компјутери, така што корисниците можеле да се натпреваруваат едни против други во видеоигри преку широки растојанија. (И. З.)

Клучни зборови:
Зворикин и една од катодните цевки

Зворикин и една од катодните цевки

Зворикин ја демонстрира телевизијата

Зворикин ја демонстрира телевизијата

Владимир Зворикин

Владимир Зворикин

Дороти Хоџкин

Дороти Хоџкин

Структурен модел на пеницилинот

Структурен модел на пеницилинот

Молекуларен модел на пеницилинот

Молекуларен модел на пеницилинот