Рубрика: Омнибус
Ин мемориам Стивен Вајнберг
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 28.07.2021 - 13:15

Деновиве, поточно на 23 јули, во јавноста беше објавена жална вест – познатиот физичар-теоретичар Стивен Вајнберг (Steven Weinberg) почина во 88 години од неговиот живот. Тој беше еминентен научник познат по неговиот голем научен придонес во дополнувањето и разјаснувањето на Стандардниот модел на субатомските честички, по неговата работа на полето на теоријата на квантното поле, гравитацијата, суперсиметријата, суперструните и космологијата, како и на теоријата наречена Техниколор. Покрај ова беше и популаризатор на научната мисла, објавувајќи повеќе научно-популарни книги.

Во неговата научна дејност тој го предвиде постоењето на дотогаш сè уште неоткриените субатомски честички W, Z и Хигс-бозоните, и тоа цела една година пред истите да бидат потврдени со експериментално детектирање во акцелераторот на CERN. Да објасниме, W бозонот е честичка носител на слабата нуклеарна сила, Z бозонот, често наречен “братучед” на W бозонот, е неутрална елементарна честичка, а Хигс-бозонот, поинаку наречен и “божја честичка”, е носител на масата на сите елементарни честички. Натаму, тој точно го предвидел интеракциското однесување помеѓу W и Z бозоните иако тие сè уште не беа откриени.

Вајнберг фотографиран за време на едно негово предавање во септември 2017 година на Универзитетот на Тексас во Остин, САД (фото: Мет Валентајн)

Сега иде најбитното – според нивното претпоставено интеракциско однесување тој заклучил дека двете природни елементарни сили, електромагнетската и слабата нуклеарна сила, се всушност дејства на само една единствена природна сила и според тоа тие две сили тој ги обединил во една единствена природна сила којашто ја нарекол “електрослаба сила”. Како објаснение тој навел дека двете различи дејства на наведените две сили се всушност последица од нивното дејствување во постоечките сегашни енергетски услови во универзумот, коишто се поинакви во однос на условите што владееле во почетокот на универзумот. Имено, тогаш владеело многу повисоко енергетско ниво, при кое наведените две природни сили се однесувале како само една единствена сила. Таа негова идеја тој ја објавил 1967 година во научното списание Physical Review Letters, под наслов “Моделот на лептоните” (“Model of Leptons”).

Неговите предвидувања беа експериментално потврдени откако наведените бозони беа детектирани во акцелераторот CERN. Со тоа бројот на елементарните природни сили, под чие дејство настанал универзумот, бил редуциран од претходните 4 (четири), на вкупно 3 (три) основни елементарни сили: јака нуклеарна, гравитациска и електрослаба сила. Тоа беше голем научен придонес во астрофизиката, па за тоа негово дело тој ја добил Нобеловата награда за физика во 1979 година заедно со неговите соработници Шелдон Глашоу (Sheldon Glashow) и Мохамед Абдус Салам (Mohammad Abdus Salam).

Но, тоа не беше единствената дејност на Стивен Вајнберг. Тој има напишано и повеќе научни книги наменети за пошироката јавност. Првата таква книга беше со наслов “Првите 3 минути” (“The First Three Minutes”) објавена во 1977 година, во која тој го изнесе најсовременото сфаќање за постанокот на универзумот. Но книгата насловена како “Соништа за конечна теорија” (“Dreams of Final Theory”), објавена во 1992 година, ќе биде многу попопуларна, а во неа тој го изразува сопственото верување дека физичарите конечно ќе успеат да најдат решение за постоечката некомпатибилност помеѓу двете фундаментални теории – Општата теорија за релативитетот и квантната теорија.

Сепак, Стивен Вајнберг ќе остане во трајно сеќавање според неговото капитално откритие, како обединувач на двете елементарни природни сили, електромагнетската и слабата нуклеарна сила.

Вечна му слава!

Клучни зборови:
Вајнберг фотографиран за време на едно негово предавање во септември 2017 година на Универзитетот на Тексас во Остин

Вајнберг фотографиран за време на едно негово предавање во септември 2017 година на Универзитетот на Тексас во Остин, САД (фото: Мет Валентајн)

Издание на Првите три минути

Издание на Првите три минути

Издание на Соништа за конечна теорија

Издание на Соништа за конечна теорија