Рубрика: Телекомуникации
Младинско радио „Клуб 100“ – првото независно радио во македонскиот етер
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.07.2021 - 16:15

Овој месец одбележуваме два значајни јубилеја од радиодифузијата во македонскиот етер – 35 години од стартувањето и 30 години од последната емисија на Младинското радио „Клуб 100“ – првото независно радио во македонскиот односно скопскиот етер. Јубилејот ќе се одбележи овој петок, на 23.7.2021, со изложба на артефакти, документи, фотографии и снимки од работењето на Младинското радио КЛУБ 100, која сите заинтересирани ќе може да ја разгледаат во Куршумли Ан во скопската стара чаршија, со почеток од 20 часот.

... Вие сте на фреквенцијата на 100,1 MHz и го слушате Младинското радио „Клуб 100“ ...

Оваа реченица се слушаше во скопскиот етер во текот на 1987, 1988, 1989, 1990 и 1991 година – време на големи промени, време на зародиш на новата страница во македонската историја и осамостојувањето, демократизација, плурализам и нов почеток. А дел од тоа време е и Младинското радио „Клуб 100“ во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје. Изложбата во Куршули ан (и овој текст) ќе потсети на релативно кратката, но бурна и значајна дејност на Младинското радио “Клуб 100“.

 

Пролетта 1986 година, на иницијатива на професорот Слободан Таневски, дел од учениците и професорите од средното училиште „Орце Николов“ започнаа со подготовки за формирање на младинско експериментално радио во рамките на своето училиште. Радиото како проект беше замислено како можност за поттикнување и будење на креативноста кај младите, дополнување и надградба на практичната настава на учениците од ова училиште од електротехничката струка, но уште побитно – како обид да се создаде и популаризира еден нов современ радиоизраз кој ќе допре и ќе ги ангажира слушателите на повеќе нивоа, со крајна цел постепена изградба на професионално радио кое ќе биде во чекор со времето и потребите на младите.

Следеа едногодишни подготовки кои подразбираа пишување на елаборат за намената на радиото, за очекуваното влијание на младите и пошироко, за програмската концепција и техничката реализација, па обезбедување на позитивни мислења од разни општествено-политички организации, но и согласност од тогашната Радио-телевизија Скопје, како и добивање низа одобренија од државните органи. Тој пат успешно беше изоден по што Младинското експериментално радио „Клуб 100“ го имаше своето прво емитување во периодот од 25 до 29 мај 1987 година, во рамките на традиционалниот училишен фестивал со кој се одбележуваа Денот на младоста – 25 Мај и Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. „Клуб 100“ повторно се огласи во скопскиот етер во 1988 г., од 6 до 10 јуни, на истата фреквенција од 100,1 MHz ФМ УКБ. Обете години емитувањето беше реализирано со употреба на предавател со моќност од 2W и антена изработени од учениците и професорот, а студиото ќе функционира во импровизирани услови, во училната за практична настава, поради што повремено има појава на некои од несаканите акустички ефекти. Но, двете експериментални емитувања ќе бидат повеќе од успешни, како во технички така и во програмски аспект, придонесувајќи за значајно подигање на стручното образование и креативноста на младите.

Емитувањето на експерименталната програма првите две години се вршеше од училница

Привремената дозвола за емитување на експериментална програма добиена во 1987 година (лево) и дозволата за редовно емитување на радиопрограма добиена во 1989 година (десно)

Затоа, по барање и обезбедување на дополнителни дозволи, Младинското радио „Клуб 100“ почнува со редовна работа на 30 ноември 1989 година. Технички раководител и главен и одговорен уредник на радиото беше професорот Слободан Таневски. За потребите на радиото една од помошните простории наменета за складирање на нагледните средства од наставата, ќе биде пренаменета и оспособена за вистинско радиско студио – со посебна спикерска кабина и режиски простор. Учениците заедно со професорот Таневски ќе извршат акустичка обработка на просториите (со картонски опаковки за јајца J), а исто така ќе изработат и поголема студиска миксета, интерфон за студиска комуникација и сигнализација и 15-метарска антена, којашто ќе биде поставена на покривот од училиштето “Орце Николов”. Покрај ова од два постари предаватели од 10W, добиени како подарок од Радио Скопје, учениците и професорот ќе оспособат еден за работа и ќе го користат за емитување во следните две години. Обезбедената техника овозможи непречено проширување на работата на Клуб 100 кое сега ќе може да се слуша речиси секаде на подрачјето на Скопје и околината.

Предавателот од 10W од типот Nera со којшто почна емитувањето на редовната програма во 1989 година

Секој четврток, од 14 до 22 часот се емитуваше разнообразна радиопрограма со широк спектар на емисии и теми. Програмската шема почнуваше со ХИТ 100 (музичко-контактна емисија), следуваа емисиите ДЕМОСКОП (музичко-контактна емисија), БИП-БИП (информативно-контактна емисија), МУЗИЧКИ ПОРТРЕТ (музичко-информативна емисија), ТОП-ЛИСТА (музичко-контактна емисија), а завршуваше со НОЌНА ПРОГРАМА во 22 часот.

Од април 1990, радиото почна со секојдневна работа, освен во сабота и недела. Поради одредени случувања (проблеми околу статусот на радиото), од септември 1990, па сè до згаснувањето на 20 јуни 1991, радиото повторно работеше секој четврток.

Дел од екипата на Младинско радио Клуб 100 на последниот ден од емитувањето програма

Понесени од младешкиот ентузијазам, со невообичаена сериозност и професионализам, радиото даваше слика на актуелните случувања од сите сфери на животот, и тоа не само на младите. Ги следеше настаните и случувањата од сите области и сфери, и преку соодветни коментари, осврти, критики, анкети, интервјуа и разговори со соодветни гости го следеше пулсот и ритамот на времето во кое постоеше. Тоа беа времиња кога немаше Интернет и до секоја информација се стигнуваше „рачно“, со „копање“ низ многу книги, лексикони, енциклопедии и списанија. Немаше ниту дигитални плеј-листи, туку музиката се пушташе од плочи (винили), касети и магнетофонски ленти.

Исклучително значајно е што од тој период останаа неколку значајни артефакти во форма на касетни изданија. Во издавачкото портфолио на Младинското радио „Клуб 100“ се компилациските касети „Демоскоп (1 и 2)“, радиодрамите „Полициска приказна (1 и 2)“ на театарската група „Црв“, како и албумите „Чемер“ и „Македонски корени“ на „Ѕвон“, „Заедно сме лице“ на „Девијант“ и „Ритуал и пепел“ на групата „Клержо“.

Дискографските изданија во продукција на Младинско радио Клуб 100

По згаснувањето на Младинското радио, дел од учесниците продолжија со работа по другите, тогаш новоосновани радија, но и во телевизиите и печатените медиуми во Скопје и Македонија. Тогашните ученици и студенти кои ги креираа програмата и содржините, денес се врвни новинари, медиумски работници, инженери и изградени личности кои со гордост го истакнуваат значењето на тој период и својата работа во Младинското радио „Клуб 100“.

 

Јубилејот ќе се одбележи во петок, на 23.7.2021, со изложба на артефакти, документи, фотографии и снимки од работењето на Младинското радио КЛУБ 100, која сите заинтересирани ќе може да ја разгледаат во Куршумли Ан во скопската стара чаршија, со почеток од 20 часот. Изложбата ќе биде надополнета со дружба и музика од 80-тите и 90-тите години и настап на Деан Шкартов (Клержо), Венцислав Смаќоски (Клержо) и Влатко Каевски (Киборг), музичари чии песни беа дел од дискографските изданија на Радиото.

Влезот на манифестацијата е бесплатен, но со ограничување на бројот на присутни, согласно препораките за заштита од Ковид-19.

Клучни зборови:
Емитувањето на експерименталната програма првите две години се вршеше од училница

Емитувањето на експерименталната програма првите две години се вршеше од училница

Предавателот од 10W со којшто почна емитувањето на редовната програма во 1989 година

Предавателот од 10W од типот Nera со којшто почна емитувањето на редовната програма во 1989 година

Дел од екипата на Младинско радио Клуб 100 на последниот ден од емитувањето програма

Дел од екипата на Младинско радио Клуб 100 на последниот ден од емитувањето програма

Дискографските изданија во продукција на Младинско радио Клуб 100

Дискографските изданија во продукција на Младинско радио Клуб 100

Првата дозвола за емитување на експериментална програма добиена од сојузните органи во тогашна СФРЈ

Првата дозвола за емитување на експериментална програма добиена од сојузните органи во тогашна СФРЈ

Дозвола за емитувње на редовна програма добиена од сојузните органи во Белград

Дозвола за емитувње на редовна програма добиена од сојузните органи во Белград