Рубрика: Историја и археологија
Само 7% од нашата ДНК е карактеристична за современите луѓе!?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.07.2021 - 13:00

Што е она што ги прави луѓето единствени, уникатни? Со употреба на една нова алатка, којашто овозможува попрецизна споредба помеѓу ДНК-та на современите луѓе и онаа на нашите изумрени предци, научниците се придвижија чекор поблизу кон решавањето на оваа сè уште нерешена мистерија.

Научниците веќе знаеја дека современите луѓе делат сегмент од нивната ДНК со неандерталците, но и дека различни луѓе делат различни делови од геномот со нив. Една од целите на новото истражување била да се идентификуваат гените кои се наоѓаат единствено кај современите луѓе.

Како што се тврди во трудот објавен минатата недела во Science Advances, само 7% од нашиот геном е ист со сите останати современи хоминиди, и ова парче не може да се најде кај нашите рани предци. Според авторите на трудот ова е прилично мал процент, недоволен да се тврди дека сме толку многу различни од неандерталците, на пример. Истражувањето се заснова на ДНК која била извлечена од фосилни остатоци на сега веќе изумрени неандерталци и денисовани кои датираат од пред околу 40 000 или 50 000 години, како и од 279 современи луѓе од целиот свет.

Реконструиран скелет од неандерталец, десно, и скелет од современ човек изложен во Природонаучниот музеј во Њујорк. Фото: АП

Исто така, било откриено и дека уште помал дел од нашиот геном – единствено 1,5% – е уникатен само за нашиот вид и тој дел може да се најде кај сите луѓе кои се живи денес. Овие ‘дребни’ парчиња од ДНК можеби ги содржат најзначајните показатели за тоа по што навистина се разликуваат современите човечки суштества од другите хоминиди.

Поддршка за работата во изложена во трудот пристигнува и од повеќе експерти од областа на палеонтологијата, кои потврдуваат дека била развиена навистина вредна алатка којашто ги зема предвид и податоците што недостасуваат во древните геноми. Но, како и со сè, има и спротивставени мислења – популацискиот генетичар Алан Темплтон од Универзитетот во Вашингтон, е едено од нив. Тој смета дека претпоставката на авторите дека промените во човечкиот геном се распределуваат по случаен избор, наместо да се собираат околу одредени жаришта во геномот, е проблематична.

Еден од авторите на трудот, Ричард Грин, компјутерски биолог од Универзитетот во Калифорнија, во 2010 година помогнал при првото грубо секвенционирање на геномот на неандерталец. Само четири години подоцна бил објавен трудот кој покажа дека современите луѓе носат остатоци од ДНК од неандерталец. Оттогаш, научниците продолжуваат да ги рафинираат техниките за извлекување и анализирање на генетскиот материјал од достапните фосили.

Како и да е, наодите од новиот труд се во согласност со она што и досега го знаевме – дека ние како вид сме навистина млади, и дека не толку одамна сме ја делеле планетата со повеќе други видови хоминиди.

Клучни зборови:
Реконструиран скелет од неандерталец, десно, и скелет од современ човек изложен во Природонаучниот музеј во Њујорк. Фото: АП

Реконструиран скелет од неандерталец, десно, и скелет од современ човек изложен во Природонаучниот музеј во Њујорк. Фото: АП