Сингапур ја претстави една од најголемите пловечки фарми за соларна енергија во светот, со површина од 45 хектари. Фармата е дел од настојувањето за намалување на стакленичките гасови на оваа град-држава.
Се работи за досега најамбициозен проект од овој вид– фармата се состои од 122 000 панели сместени на површината на резервоарот Тенге, кои ќе можат да произведат доволно електрична енергија за одржување на сите пет постројки од резервоарот наменети за третман на водата.
Сингапур е дел од најголемите емитувачи на јаглерод диоксид по глава на жител во Азија, а поради неговата географска конфигурација, односно недостатокот од земја, поголемата употреба на обновливи извори на енергија претставува вистински предизвик за оваа островска град-држава. Токму поради тоа овој азиски финансиски центар се нафати кон поставување постројки во крајбрежјето и во акумулациите. Крајната цел е четирикратно зголемување на производството на електрична енергија добиена од обновливи извори до 2025 година.
Според одговорните за реализација на овој проект, компанијата Sembcorp Industries и националната агенција за вода на Сингапур – PUB, новата фарма може да произведе до 60 мегавати електрична енергија, а нејзиниот придонес кон намалување на емисиите на јаглерод би бил еквивалентен на отстранување на 7 000 автомобили од патиштата.
Ова не е прва соларна фарма на вода во оваа држава. Сингапур изгради соларна фарма и во теснецот Јохор, којшто ја раздвојува островската држава од Малезија, а освен тоа има и повеќе соларни електрани на копно.
Во февруари оваа година сингапурската влада го претстави „зелениот план“ кој вклучува и други еко-мерки, како што е садењето дрвја, намалување на отпадот испратен до депониите и изградба на повеќе електрични полначи наменети за електричните автомобили, со што се надева дека ќе се стимулира нивната употреба.
Сингапур планира да достигне ниво на нето-нула емисии “во најскор можен рок“, а најрано ова би го постигнале веќе во втората половина од овој век. И покрај ова некои критичарите сметаат дека целите на градот-држава се зад оние на другите развиени економии и дека Сингапур барем досега не направил доволно за да го овозможи остварувањето на неговите амбиции за чиста животна средина.