Интердисциплинарен научен тим, предводен од универзитетите во Кембриџ и во Тибинген, собра мерења за големината на телото и на мозокот од преку 300 фосили од родот Хомо пронајдени низ целиот свет. Преку комбинирање на овие податоци со реконструкција на регионалната клима во светот во последните милион години, тие успеале да ги откријат специфичните климатски услови во коишто опстојувал секој од фосилите кога бил живо човечко суштество.
Студијата открива дека просечната големина на телото на луѓето варирала значително последниве милион години, со развој на поголеми тела во постудените региони. Се смета дека корпулентноста делува како заштита во постудени услови – од телото се губи помалку топлина кога неговата маса е голема во однос на неговата површина. Резултатите од истражувањето беа објавени неделава во списанието Nature Communications.
Иако нашиот вид, Хомо сапиенс, се појавил пред околу 300 000 години во Африка, родот Хомо постои многу подолго и ги вклучува и Неандерталците како и други изумрени, сродни видови како што се Хомо Хабилис и Хомо Еректус.
Главна карактеристика на еволуцијата на нашиот род е трендот на зголемување на големината на телото и на мозокот – споредено со некои од претходните видови каков што е, на пример, Хомо Хабилис, ние сме 50% потешки, а нашиот мозок е за трипати поголем. Но, за поттикот на ваквите промени до ден денес се дискутира навистина многу.
Черепи и бутни коски од неколку видови Хомо кои живееле во различни временски периоди и климатски услови: Во годниот ред – череп од Неандерталец стар околу 55 000 години (лево) до череп од Кромањонец стар околу 32 000 години (средина) и череп од Хомо од средниот Плеистоцен стар околу 430 000 години (десно). Под нив – Бутна коска стара 540 000 години (горе) и иста таква коска од Неандерталец стара 44 000 години (долу).
Истражувачите сега сметаат дека е сосема можно климата, а особено температурата, да била главниот двигател на промените во големината на телото во изминатите милион години.
Истражувачите го разгледале и влијанието на факторите од животната средина врз големината на мозокот во родот Хомо, но општо гледано корелациите биле слаби. Се покажало дека величината на мозокот била поголема кога Хомо живеел во региони со помалку вегетација, како отворени степи и пасишта, но ова бил случај и со живеењето во еколошки постабилни области. Со комбинирање на археолошките податоци, резултатите укажувале на тоа дека луѓето што живееле во овие региони ловеле големи животни како храна. Притоа ловот, како сложена задача, можел да ја поттикне еволуцијата на поголеми мозоци.
Истражувањето укажува и дека не-еколошките фактори биле поважни за поттикнување на развојот на поголем мозок отколку климатските услови, при што во главните кандидати за двигатели на овој процес биле додадени когнитивните предизвици на сè покомплексниот социјален живот, поразновидната исхрана и пософистицираната технологија.
Истражувачите велат дека постојат солидни показатели дека човечкото тело и големината на нашиот мозокот продолжуваат да се менуваат. Човечката фигура сè уште се прилагодува на различните температури, при што луѓето со во просек поголемо тело денес живеат во постудена клима. Големината на мозокот кај нашите видови се чини дека се намалува уште од почетокот на холоценот, пред околу 11 650 години. Зголемената зависност од технологијата, како што е делегирањето на покомплексните задачи на компјутерите, може да предизвика мозокот да се намали уште повеќе во следните неколку илјади години.
Черепи и бутни коски од неколку видови Хомо кои живееле во различни периоди и климатски услови:
Во годниот ред – череп од Неандерталец стар околу 55 000 години (лево) до череп од Кромањонец стар околу 32 000 години (средина) и череп од Хомо од средниот Плеистоцен стар околу 430 000 години (десно). Под нив – Бутна коска стара 540 000 години (горе) и иста таква коска од Неандерталец стара 44 000 години (долу).