Во денешниот времеплов го славиме роденденот на Ален Блумлин, генијалниот британски инженер којшто има огромен придонес во областа на телекомуникациите, електрониката и аудиотехниката. Неговите пронајдоци и денес наоѓаат примена во нашето секојдневие. Покрај ова одбележуваме 14 години од започнувањето на продажбата на првиот iPhone и 27 години од едно мошне значајно палеолошко откритие...
29.6.1903 – Роден е Ален Блумлин
Ален Блумлин (Alan Dower Blumlein, 29.6.1903 – 7.6.1942) бил англиски инжeнер електроничар, кој направил многубројни откритија во областа на телекомуникациите, снимањето на звукот, стереофонскиот звук, телевизијата и радарот. Со вкупно 128 патенти Блумлин е познат како еден од најзначајните пронаоѓачи во неговото време.
Роден е во Хемстед, Лондон. Неговата идна кариера се чини дека била утврдена уште на седумгодишна возраст, кога на својот татко за поправка на ѕвончето на вратата, му доставил сметка потпишана со “Ален Блумлин, електроинженер”. Неговата сестра тврдела дека не можел квалитетно да чита сè до неговата дванаесетта година. Неговиот одговор бил “Точно, но знаев многу квадратни равенки!”
По напуштањето на школата Хајгејт во 1921 година, студирал на Сити и Гилдс Колеџот (дел од Imperial College). Две години подоцна дипломирал како најдобар студент.
Во 1924 година, Блумлин почнал да работи на своето прво работно место во International Western Electric. Тој ја мерел амплитудно-фреквенциската карактеристика на човечкото уво кај повеќе испитаници и ги искористил резултатите за дизајнирање на првите телекомуникациски мрежи.
Истата година, заедно со професорот Едвард Малет (Edward Mallett) го објавил првиот од неговите два труда за IEEЕ (Institute of Electrical and Electronics Engineers), за мерење на отпорност на висока фреквенција. Ова му ја донело Премиум наградата на IEEЕ за иновации. Следната година заедно со Норман Кипинг (Norman Kipping) објавиле серија од седум статии за списанието Wireless World.
Во 1925 и 1926 година, Блумлин и Џон Перси Џонс (John Percy Johns) дизајнирале и примениле подобрена форма на калем за оптоварување што ги намалува загубите и преслушувањата во телефонските линии за долги растојанија. Овие биле користени до крајот на ерата на аналогната телефонија. Истата двојка измислила и подобрена форма на мост за мерење на наизменична струја, познат како Блумлинов мост и последователно, како мост на односот на трансформаторот. Овие два пронајдока биле основа за првите два патенти на Блумлин.
Во 1929 година почнал да работи за компанијата Колумбија Графофон (Columbia Graphophone Company). Неговиот прв проект бил да пронајде метод за режење плочи што ќе го заобиколи патентот на Бел кој бил во тогашна употреба и за кој требало да се исплатат значителни финансиски средства за авторски права. Тој ја измислил главата за режење на плочи со движечки калем (moving-coil disc cutting head) и не само што добил патентно право за неа, туку понудил и значително подобрен квалитет на звукот.
Колумбија Графофон и Компанијата Грамофон (Gramophone Company) се интегрирале и така настанала познатата компанија за музичка продукција ЕМИ (EMI, 1931). Со својот тим Блумлин развил серија микрофони со движечки калем кои биле користени во студиото за снимање на ЕМИ, но и од страна на BBC.
Во 1931 година, Блумлин го измислил “бинауралниот звук”, денес познат како стереофонски звук. Системите за репродукција на звукот во кината на почетокот имале само еден пар звучници, па така актерот можел да биде на едната страна од екранот, но гласот можел да доаѓа од другата. Блумлин заклучил дека нашол начин како звукот да го следи актерот. Неговите најрани забелешки на оваа тема потекнуваат од 25 септември 1931 година, а неговиот патент го имал насловот “Подобрувања во врска со звукот на пренос, звук и снимање на звук и системи за репродукција на звук.” Апликацијата е заведена со датум од 14 декември 1931 година и била прифатена на 14 јуни 1933 година како патент во патентното биро на на Велика Британија со патентен број 394.325. Патентот опфатил многу идеи во стереотехниката од кои некои се користат и денес. Вклучени се околу 70 побарувања како на пример:
• Употреба на коинцидентен пар “брзински микрофони” (velocity microphones) со нивните оски под прав агол, еден над друг, уште познато како “Блумлинов пар”.
• Снимање два канала во единствена бразда на снимката со користење на двата ѕида на жлебот под прав агол еден со друг и агол од 45 степени во однос на вертикалата.
• Стерео глава за режење на плочите.
• Користење на хибридни трансформатори како матрица за левиот и десниот сигнал како и за сигналите на збир (М) и разлика (С).
Бинауралните експерименти на Блумлин започнале во почетокот на 1933 година, а првите стерео-плочи биле изрежени подоцна истата година. Голем дел од развојните работи на овој систем за кинематографска употреба биле завршени до 1935 година. Во кратките тест-филмови на Блумлин (најзначајно, “Возови во станицата Хејс”, кој трае 5 минути 11 секунди и “Филмот за прошетка и разговор”), неговата оригинална намера за звукот да го следи актерот била целосно реализирана.
Во јуни 1937 година, Блумлин го патентирал она што сега е познато како ултра-линеарен засилувач (патент на САД 2.218.902, од 5 јуни 1937 година).
Телевизијата била развиена од многу поединци и компании во текот на 1920-тите и 1930-тите. Придонесите на Блумлин, како член на тимот на ЕМИ, започнале сериозно во 1933 година кога неговиот шеф Исак Шенберг (Isaac Shoenberg) го поставил со полно работно време на ТВ-истражувања.
Блумлин, исто така, во голема мерка бил одговорен за развојот на брановодната структура што се користи во системот Маркони-ЕМИ со 405-линиии - развиен за британската телевизиска служба на Велика Британија во палатата Александра, првата светска телевизија декларирана како “ТВ со висока дефиниција” (240 линии или подобро), кој подоцна бил усвоен како CCIR систем А.
Блумлин бил толку клучен за развојот на воздушниот радарски систем H2S (за да им помогне во наведувањето на бомбите), така што по неговата смрт во јуни 1942 година, многумина верувале дека проектот ќе пропадне. Сепак, тој опстоjaл и бил фактор за скратување на Втората светска војна. Улогата на Блумлин во проектот била строго заштитена тајна во тоа време и следствено, дури две години подоцна било објавено само кратко соопштение за неговата смрт. (Д. М.)
29.6.2007 – Започна продажбата на телефонот којшто го промени начинот на којшто комницираме
Речиси шест месеци откако беше претставен, многу очекуваниот iPhone на Apple излезе во продажба. Појавата на iPhone и првиот ден од продажбата беше пречекана со долги редици купувачи пред продавниците на Apple, насекаде низ САД. Телефонот стана феномен преку ноќ – за само 74 дена беа продадени еден милион ајфони! Од тие први денови до денес, со секој следен модел iPhone продолжи да поставува нови стандарди во продажбата и целосно ја промени дефиницијата за смартфон и ИТ-индустријата, воопшто, но истовремено засекогаш го промени начинот на којшто комуницираме а со тоа и светот. (И. З.)
29.6.1994 – Пронајден речиси целосно зачуван скелет на пигмејски мамут
Првиот речиси целосно зачуван фосилен остаток од скелет на пигмејски мамут беше пронајден во порозните карпи на островот Санта Роза, еден од островите во каналот на Калифорнија. Ова е единствениот целосен скелет пронајден во светот и е прв којшто бил успешно датиран. Научниците процениле дека остатоците се стари околу12 840 години. Примерокот бил висок околу еден и пол метар и тежел околу еден тон.
Видот Mammuthus exilis, кој е далечен роднина на современиот слон, се верува дека живеел само на островите сан Мигел, Санта Роза и Санта Круз. Пред ова откритие биле пронајдени само делумни остатоци од пигмејски мамут. Палеонтолозите сè ушто откриваат нови локалитети со остатоци од овие животни од времето на плеистоценот. (Н. С.)