Градовите мора целосно да се ослободат од употребата на автомобили за да може во нив квалитетно да се живее во иднина, вака барем вели извештајот на експертите од UCL (University Colege London) кои ја разгледувале употребата на автомобили во урбани средини со употреба на повеќе модели.
Со цел да се намали бројот на автомобили во градовите, експертите повикуваат на промена во колективното однесување. Ова е особено битно ако се има предвид фактот што на глобално ниво бројот на произведени автомобили се зголемува побрзо од населението – така во 2019 година биле произведени 80 милиони автомобили, додека населението се зголемило за 78 милиони жители. Имајќи го ова предвид, истражувачите велат дека идното урбано планирање мора да се фокусира и врз намалување на зависноста на граѓаните од автомобили, да се охрабруваат поретки и пократки патувања со нив, и да се промовира одењето пеш и возењето велосипед како примарни начини за локален транспорт. За подолги патувања, пак, треба да се поддржува и охрабрува користењето на јавниот превоз, а автомобилите би требало да се користат само при итни случаи или во специјални прилики.
За потребите на нивното истражување, презентирано во трудот објавен во Royal Society Open Science, истражувачите создале математички модел за употреба на автомобилите во еден град, каде жителите секојдневно користеле или автомобил или јавен превоз. Како проценет основен индикатор било земено времетраењето на патувањата, затоа што овој фактор е пресуден при одлуката за начинот на патување.
Користејќи го моделот, истражувачите дошле до едно екстремно сценарио за град со 50 милиони жители и со 50 милиони автомобили, каде сите жители секојдневно го користат автомобилот во обид да го минимизираат времетрањето на нивното патување. Како резултат, градот доживува највисоки нивоа на метеж и има потреба од нова инфраструктура – авении, мостови и паркинзи, кои треба да ги соберат сите тие автомобили. Во ова сценарио наместо да се намали, времетраењето на патувањето е максимално, односно се постигнува најлошото сценарио.
Вообичаено е да се претпостави дека подобрувањето на инфраструктурата на јавниот транспорт ќе ги намали основните индикатори (времетрањето на патувањето), бидејќи повеќе жители ќе се одлучуваат за оваа опција. Моделот покажал дека дури и без подобрување на инфраструктурата, времетрањето на патување можe да се намали само со намалување на бројот на луѓе кои во исто време ги возат своите автомобили. Така, на пример, ако на една група луѓе им е дозволено да возат една недела, а веќе следната мораат да користат други начини на транспорт, просечното време на патување може да се намали и до 25% што би довело до помал метеж и побрзо движење низ градот.
Намалувањето на употребата на автомобили во градовите главно зависи од понудата на повеќе опции за патување на граѓаните, но и на локалните продавници и давачи на услуги. Информирањето на граѓаните за подобро разбирање на последиците од употреба на автомобилите може да помогне тие да направат правилен избор, додека понатамошните интервенции од типот наплати за возење во метеж, патарини и паркирање, можат да придонесат за понатамошно промовирање на што помала употребата на автомобилите.
Производството на автомобили во светски рамки, тука вклучувајќи ги и електричните автомобили, придонесува со 4% во вкупните емисии на јаглероден диоксид. Останатите придружни трошоци вклучуваат употреба на бензин и електрична енергија, потребата од материјали и инфраструктура, како и метежите кои настануваат при употреба на голем број автомобили одеднаш.
Некои градови веќе имаат спроведено некои од горенаведените интервенции. Лондон, на пример, иако е град во којшто јавниот превоз се користи обилно, спроведува наплата за метеж и за движење низ зоните за ниски емисии. Во Мексико Сити, пак, се спроведува ограничување на движењето на возилата со забрани засновани врз нивната регистарска табличка, но оваа политика се покажа како контрапродуктивна и довела до зголемување на автомобилите – за да ги заобиколат ограничувањата возачите купуваат постари и поевтини возила кои потоа повеќе загадуваат.
Од нивниот модел и симулациите експертите заклучуваат дека поттикнувањето на луѓето да користат алтернативни начини на транспорт е клучно за возењето автомобил да изгледа помалку привлечно, а од суштинско значење е и инвестирањето во побрз, точен, безбеден и удобен јавен превоз.
Математичкиот модел може да се примени на кој било град, а може да биде особено корисен кога се применува кај градови каде повеќе од 90% од патувањата се одвиваат со автомобил, какви што се, на пример, американските градови Далас, Хјустон и Детроит.
Промовирањето на одржлив транспорт е цел на многу градови и основен дел од една од Целите за одржлив развој на ООН.