Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 22.6.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 22.06.2021 - 15:30

Во следните редови ги славиме родендените на пионерот во областа на информатиката, Конрад Зусе, и на англискиот биолог, философ, едукатор и автор, сер Џулиан Хаксли. А на денешен ден пред точно 222 години од првото дефинирање на мерните единици метар и килограм...

 

22.06.1910 – Роден е Конрад Зусе

Компјутерскиот пионер Конрад Зусе е роден во Германија. Творец е на Z1 (1935-1938), првиот програмски контролиран компјутер, кој ги содржеше сите основни елементи на еден современ компјутер, како, на пример, употребата на бинарниот систем и сепарацијата на чувањето податоци и контролата на работењето.

Конрад Зусе до неговата креација – компјутерот Z3

Првиот целосно програмабилен (со перфорирана лента) електромеханички компјутер Z3, Зусе го комплетираше во 1941. Четири години подоцна го претстави Plankalkuel, првиот програмски јазик од напредна категорија, кој содржеше голем број од стандардните опции карактеристични за денешните програмски јазици. Легендарниот FORTRAN се појави речиси една деценија подоцна. Карактеристично за Plankalkuel е што е користен во дизајнирањето на првиот шаховски програм. (З. И.)

 

22.6.1887 – Роден е Сер Џулиан Хаксли

Сер Џулиан Сорел Хаксли (Sir Julian Sorell Huxley) е англиски биолог, философ, едукатор и автор. Хаксли имал големо влијание врз современиот развој на ембриологијата, систематиката, бихејвиористичките изучувања и еволуцијата.

Џулиан Хаксли е внук на прочуениот страствен поддржувач на Дарвиновата теорија (“Дарвинов булдог“) Томас Х. Хаксли (повеќе за него тука) и брат на прочуениот книжевен автор Алдус Хаксли (“Храбриот Нов свет”)

Неговата научна истражувачка работа содржи важни сознанија за хормоните, процесон на развој, орнитологијата и етологијата. Тој го развил и водел одделот за биологија на новоформираниот Универзитет Рајс во Хјустон, Тексас, пред да се придружи на Британската разузнавачка служба за време на Првата светска војна. Подоцна станал професор по зоологија на Кралскиот колеџ во Лондон, бил секретар на Зоолошкото друштво во Лондон и учествувал во модернизацијата на зоолошката градина Риџентс Парк, развојот на некои други во Англија.
Меѓу биолозите е познат по неговата кованица “еволуциона синтеза” којашто се однесува на обединувањето на таксономијата, генетиката и Дарвиновата теорија во 40-тите години од минатиот век. Бил прв генерален директор на УНЕСКО, од 1946 до 1948 година. Во 1958 година е прогласен за витез, а во 1961 година учествува во формирањето на Светскиот фонд за зачувување на дивиот свет и природата. (Н. С.)

 

22.6.1799 – Прво дефинирање на мерните единици метар и килограм

Денес е важен ден во историјатаза стандардизацијат ана мериките и мерните единици што се користат во науката. Имено токму на овој ден во 1799 година во Архивата на Републиката во Париз, се претставени првите стандардизирани дефиниции за метар и килограм.

Уште кралот Луј XVI ги задолжил тогашните водечки научници да создадат стандардизиран мерен систем, што со текот на времето ќе доведе до создавање на метричкиот систем за мерење. Основните мерки и мерни единици ќе бидат засновани на репродуктивни физички стандарди. Сите други мерења ќе бидат изведени од основните единици со скалирање.

Еталон мерката за 1 метар изработена од платина и иридиум во просториите на Меѓународното биро за мерки и тегови во Севр, Париз

Метарот ќе биде прогласен за стандардна мерка за должина. За дефинирање на овој стандард биле изнесени две идеи. Според едната еден метар би се дефинирал како потребната должината на клатното (нишалото) за мерење на период од половина секунда. Според другата оваа должина би била еквивалент на десет милионити дел од должината на меридијанот на Земјата долж квадрантот, или една четвртина од обемот на Земјата од Север кон Југ. На крајот било прифатено дефинирањето со меридијанската должина.. Веќе следниот ден во Националното било е заведена и еталон-мерката за метро во вид на метална прачка изработена од платина.

Еталон мерката за килограм која се чува во Меѓународното биро за мерки и тегови во Севр, Париз

Килограмот првично требал да се вика “грав” и неговата маса да биде еднаква на масата на еден литар вода при точка на мрзнење, што е многу блиску до масата од 1 килограм каква што денес ја знаеме (ако се изземат допрецизирањата што беа направени неодамна за дефинирањето на оваа стандардна SI единица). Француската револуција ја прекина стандардизацијата и кога новата влада се вклучи во овој проект, тие претпочитале стандардната единица да биде наречена “грам“ и да се дефинира како масата на еден кубен сантиметар вода при точка на мрзнење. Но овој стандард имал “мал” проблем. – масата била премала за да има практична употребна вредност во трговијата. Оттаму произлегла потребата за поголема единица мерка за маса. Постигнат е компромис дека грамот сè уште ќе се користи, но официјалниот физички стандард ќе биде со големина на оригиналниот “грав”. Бидејќи грамот бил илјадити дел од оваа мерка (грав), дефинирано е дека 1 000 грама се потребни за да се добие новата стандардна мерка, килограм. Ова е причината зошто килограмот е единствениот метрички стандард со префикс во своето име.

Со текот на годините стандардите за метар и килограм се менуваа и допрецизираа. За ова повеќетука (Н. С.)

 

22.6.168 п.н.е. – Рим ја припои територијата на Македонија

Во битката кај Пидна, Римјаните ја победија војската на Македонците под водство на кралот Персеј. Овој пораз го означи крајот на македонската монархија и овозможи Рим да ја анектира територијата на Македонија. (Н. С.)

Клучни зборови:
Конрад Зусе

Конрад Зусе

Конрад Зусе до музејскиот примерок на неговиот компјутер Z3

Конрад Зусе до музејскиот примерок на неговиот компјутер Z3

Сер Џулиан Хаксли

Сер Џулиан Хаксли

Сер Џулиан Хаксли

Сер Џулиан Хаксли

Еталон мерката за 1 метар изработена од платина и иридиум

Еталон мерката за 1 метар изработена од платина и иридиум

Еталон мерката за килограм која се чува во Бирото за мерки и тегови во Севр, Париз

Еталон мерката за килограм која се чува во Бирото за мерки и тегови во Севр, Париз