Во следните редови ги славиме родендените на Вилем Хендрик Кејсом, холандскиот физичар којшто прв успеа да добие цврст хелиум и на Симеон-Дени Поасон, француски математичар, геометар и физичар. Денес го одбележуваме и лансирањето на првото вселенско летало со соларно едро.
21.6.1876 – Роден е Вилем Хендрик Кејсом
Кејсом е холандски физичар познат по тоа што прв успеал да добие хелиум во тврда агрегатна состојба.
Со намалување на температурата хелиумот почнува да се однесува на чуден начин. Како и сите други елементи така и хелиум се претвора во течност на одредена температура, а за хелиумот оваа температура изнесува точно –269°C, односно 4,2 К (келвина). Еден друг холандски физичар, Хајке Камерлинг Онес ја измислил техниката за ладење неопходна за постигнување на неверојатно ниски температури и тој прв успеал да произведе течен хелиум . Тој ја отворил неговата лабораторија за криогеника и за други научници кои сакале да го истражуваат дејстовото на ниските температури. Неговата работа со ниски температури ќе му ја донесе Нобеловата награда за физика во 1913 година.
Кејсом ќе започне да работи во лабораторијата на Онес во Лајден и, на извесен начин, ја продолжил неговата работа обидувајќи се да достигне уште пониски температури, а со тоа и хелиум во цврста агрегатна состојба. За време на неговите опити, тој открил дека течниот хелиум претрпува изненадувачка промена на 2,17 К. Специфичната топлина на гасот почнува нагло да расте, а густината да се намалува, а дел од вискозноста на течноста се спушта на нула. Оваа точка е позната како ламбда точка. Ова се должи на тоа што графикот што ги прикажува специфична топлината наспроти температура потсетува на буквата ламбда: λ. Течниот хелиум со нула вискозност е познат како “суперфлуид“.
Кеjсом се обидувал дополнително да ја намали температурата за да добие цврст хелиум, но ова не можел да го постигне при нормален атмосферски притисок. Тој морал да го заголеми притисокот врз течноста за 25 атмосфери за конечно да успее да добие цврст хелиум.
Како студент, Кејсом ја направил првата математичка презентација на дипол-дипол интеракциите меѓу молекулите. Овие интеракции се предизвикани од електростатското привлекување или одбивање помеѓу наелектризираните краеви на поларните молекули. Денес овие интеракции се среќаваат и под името Кејсомови интеракции. (Н. С.)
21.6.1781 – Роден е Симеон-Дени Поасон
Симеон-Дени Поасон (Siméon-Denis Poisson) е француски математичар, геометар и физичар, најпознат по неговата работа на полето на конечните интеграли - Поасоновите интеграли, поасоновата равенка во теоријата на можности, поасоновите загради кај диференцијалните равенки, напредокот на Фуријеовите серии, поасоновиот сооднос за еластичноста, теоретските придонеси во доменот на електромагнетизмот - (поасонова константа за електрицитетот) и на веројатноста.
Поасоновата дистрибуција ја опишува веројатноста за еден сосема случаен настан да се случи во одреден временски и просторен интервал во услови кога веројатноста за тој настан да се случи е многу мала, но бројот на проби е многу голем, па настанот всушност се случува неколкупати. Неговата работа има примена во областа на електрицитетот, магнетизмот и астрономијата.
Поасоновите теоретски статии за електричната струја и магнетизмот се едни од најважните и најоригиналните, со најголемо влијание – од нив ќе произлезе сосема нова гранка на математичката физика. Следни најважни дела се статиите за небесна механика, во која се докажал како достоен следбеник на Лаплас. Поасон придонел и за теоријата за привлекување.
Неговото име е едно од 72 имиња напишани на Ајфеловата Кула. (Н. С.)
21.6.2005 – Тестирано првото соларно едро за вселенски летала
Првото вселенско летало со соларно едро беше лансирано со помош на ракетата Волна која беше “испукана” од пренаменета руска подморница што во Беренцовото Море. Проектот којшто чинеше вкупно 4 милиони долари беше финансиран од американската непрофитна организација Планетарно друштво.
Едрото беше изработено од руската Асоцијација Лавочкин и Институтот за вселенски истражувања при Руската академија. Структурата на едрото на Cosmos 1 беше од 8 сегменти / латици, обложени со тенок филм од алиминиумска легура, со вкупна површина од 650 метри квадратни. Со лансирањето на ова прво летало со соларно едро требаше да се утврди можноста за постигнување на контролиран орбитален лет со ротирање на секое од едрата, како и за тестирање на можноста за погонување на вселенските летала со искористување на светлинското зрачење. (Н. С.)