Храната стана еден од најголемите предизвици на 21 век. Според студијата спроведена од научниците на CNRS, во Европа би можел да се спроведе органски и одржлив агро-прехранбен систем, којшто е пријателски настроен кон биолошката разновидност, и којшто би овозможил балансиран соживот помеѓу земјоделството и животната средина.
Предложеното сценарио се заснова на три столба.
Блок-дијаграм на можното агроеколошко сценарио за 2050 година.
Првиот би вклучил промена во исхраната на европјаните, кои би требало да се преориентираат кон помала потрошувачка на производи од животинско потекло. Ова ќе овозможи да се ограничи интензивното сточарство и да се елиминира увозот на добиточна храна.
Вториот столб бара примена на принципите на агроекологија, со широка примена на долги, разновидни системи за ротација на одгледуваните земјоделски култури, во коишто би биле вклучени и зеленчуци за фиксирање на азотот во почвата, што ќе овозможи оптимизација на полјоделството без употреба на синтетички азотни ѓубрива и пестициди.
Последниот столб би бил истовремено одгледување на земјоделските култури и на добитокот, нешто што честопати се избегнува па сточарството и полјоделството како земјоделски гранки најчесто се одвиваат во одделни, ултра-специјализирани региони. Паралелното, истовремено одгледување на добиток и на растителни култури на ист простор ќе овозможи оптимално рециклирање на ѓубривото.
Со примена на едно вакво сценарио би било возможно да се зајакне автономијата на Европа, која самата би можела да ја нахрани предвидената популација во 2050 година, а истовремено да се продолжи и со извоз на житни култури во земјите на кои тие им се потребни за исхрана на населението. Но, она што е уште побитно, со примена на едно вака планирано земјоделство, пред сè суштински би се намалило загадувањето на водата и емисиите на стакленички гасови од земјоделството .
Студијата беше објавена минатата недела во научното списание One Earth.
Промените во надворешната трговија со прехранбени производи на Европа во изминатите 50 години.