Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 15/16.6.2021
Објавено на 15.06.2021 - 15:00

Во овој времеплов одбележуваме 269 години откако Бенџамин Франклин демонстрирал дека молњата е електрицитет, 177 години откако Чарлс Гудјир го патентира процесот за обработка на гума – вулканизација, 55 години од првиот успешен лет на една жена во вселената, 118 години од основањето на гигантот во автомобилската индустрија Форд и само 9 години од лансирањето на првата жена-тајконаут.

 

15.6.1752 – Бенџамин Франклин демонстрирал дека молњата е електрицитет

Бенџамин Франклин (Benjamin Franklin,17.1.1706 – 17.4.1790) е државник, дипломат, писател, научник и изумител, еден од најразновидните и најталентирани во колонијална Америка, и водечка фигура во американската борба за независност.

Експериментот со управувањето летало (змеј) во невреме е можеби најпознатиот експеримент на Бенџамин Франклин, којшто довел до пронаоѓањето на громобранот и разбирањето на позитивни и негативни полнежи. Врската помеѓу електричната енергија и молњата била позната, но не и целосно разбрана. Со спроведувањето на експериментот со леталото, Франклин докажал дека молњата е електрично празнење и сфатил дека може да се пренесе преку спроводник во земјата, обезбедувајќи безбедна алтернативна патека, со што се елиминира ризикот од смртоносни пожари и несреќи.

Франклин правилно претпоставил дека громот претставува електрично празнење. Пред да размисли да го спроведе својот експеримент со леталото, тој предложил да се подигнат железни шипки кон облаците во тек на невреме за да се привлече електричната енергија од нив. Тој, исто така, посочил дека врвовите на шипките треба да бидат шилести наместо да бидат заоблени. Бидејќи Филаделфија има рамна географија и во тоа време немало високи градби, со нетрпение ја чекал изградбата на црквата што се градела, за да го спроведе својот експеримент. Затоа најнапред објавил предлог за експериментот за да докаже дека молњата е електрична енергија со летање на летало во бура што е способна да произведе молња. Една година подоцна, кога бил објавен францускиот превод, го привлекол интересот на француските научници Делор и Далибар (којшто самиот на 10 мај 1752 година спровел сличен експеримент користејќи железна шипка долга 40 метри). Француските научници одделно и успешно го спровеле експериментот на Франклин, нарекувајќи го “Филаделфиски експеримент”.

Франклин не слушнал за успехот на неговиот предложен експеримент во Европа, пред да го спроведе експеримент со леталото. На 15 јуни 1752 година, му се укажала прилика да може да ја тестира негопвата хипотеза со пуштање на летало наместо да чека да се гради црквата. Со помош на неговиот син Вилијам, го изградил телото на леталото со две вкрстени ленти кедрово дрво и користејќи свила наместо хартија, за да не се кине од ветер и дожд. На врвот од леталото прикачиле подножје и долга остра и зашилена жица како сспроводник, додека на долниот крај од жицата прикачиле свилена лента и метален клуч. Металната жица го поврзувала клучот со Лајденов сад, којшто во тоа време се користе за складирање на високонапонски електричен полнеж којшто се складира помеѓу електричните спроводници поставени во внатрешноста и од надвор на стаклениот сад. Се чини дека Франклин знаел доволно за заземјувањето за да се заштити себе си од струен удар. Внимавал да стои врз изолатор, држејќи се сув, под покрив, за да јаизбегне опасноста од електричен удар.

Експериментот бил успешен, со извлекување на електричен полнеж од облакот. Експериментот го опишал во Пенсилванскиот весник , објавен на 19 октомври 1752 година, без притоа да спомне дека самиот го извршил. Овој извештај бил прочитан во Кралското друштво на 21 декември истата година. БебџаминФранклин станал член на Кралското друштво во Лондон, и бил признат во научните кругови ширум Европа, станувајќи најпознат Американец во Европа. (Д. М.)

 

15.6.1844 – Чарлс Гудјир го патентира процесот за обработка на гума – вулканизација

Гудјир (Charles Goodyear) ја започна својата кариера како партнер во бизнисот со железарии и алати на неговиот татко, кој банкротираше во 1830 година. Потоа, тој се заинтересирал за откривање на нов метод за обработка на гумата, со којшто таа би го изгубила својството на лепливост и би станала помалку чувствителна на наглите температните промени. Тој развил посебен начин на обработка на гумата со азотна киселина и во 1837 година договорил производство на поштенски ташни за американската влада, но гумената ткаенина се покажала бескорисна на високи температури.

Во 1839 година тој случајно испуштил гума измешана со сулфур на топла плотна и на овој начин го открил процесот на вулканизација. Вулканизацијата, всушност, претставува хемиски процес преку којшто се подобруваат физичките својства на природната или на синтетичката гума. Конечниот производ, односно гумата којашто го поминала овој процес, има поголема отпорност на деформирање и натрошење, а е поеластична во поголем опсег на температури. Наједноставната форма на вулканизацијата се прави со загревање на гумата со сулфур. (Н. С.)

 

16.6.1966 – Успешен лет на првата жена во вселената

До 1962 година, Советската вселенска програма веќе оствари неколку подвизи пред истото да го сторат Американците – во октомври 1957 година тие го лансираа првиот вештачки сателит Спутник 1 во ниска орбита околу Земјата, а во април 1961 година Јуриј Гагарин стана првиот човек (и маж) што бил во вселената. Сега Советите сакаа да бидат први коишто успешно ќе лансираат жена во вселената.

Успешниот женски кандидат требаше да биде помлада од 30 години, да е пониска од 170 cm, да не тежи повеќе од 70 кг и, по можност да биде падобранка или пилот. Од стотици пријавени, во потесниот избор за жени-космонаути влегоа Татјана Кузњецова, Ирина Соловиова, Валентина Пономариова, Жана Јоркина и Валентина Терешкова. Секоја од овие жени ја заврши исцрпувачката обука којашто вклучуваше тестови за изолација, бестежински летови, скокови со падобран, возења на центрифуга и пилотска обука. Откако завршија обуките и тестовите, на крај од сите пет за првиот лет во вселената беше избрана Валентина Терешкова.

Утрото на 16 јуни 1963 година, Восток 6 беше беспрекорно лансиран од космодромот Бајконур. Во капсулата се наоѓаше Валентина Терешкова која стана првата жена што била во вселената. Терешкова направи 48 круга околу земјата за 70,8 часа, колку што траеше нејзиниот лет во космосот. Нејзината мисија беше типична за мисиите на космонаутите од тој период – водење дневник, фотографирање и “глумење” заморче. Имено при летот на сите космонаути се отчитувале и забележувале биометриски податоци за да се утврдат ефектите од летот на вселената човечкото тело. Биометриските податоците земени од Терешкова беа споредени со податоците од машкиот космонаут, Валери Ф. Бијковски кој беше лансиран два дена претходно со леталото Восток 5.

Следниот космонаут-жена, Светлана Савитскаја ќе чека цели 19 години за да полета во орбитата и да стане втора жена во вселената. (Н. С.)

 

16.6.1903 – Основана е компанијата Форд

Компанијата Форд е американска корпорација за производство на автомобили основана од страна на Хенри Форд и уште 11 инвеститори. Во 1919 година семејството Форд, преку акциите на Хенри Форд, неговата жена Клара и синот Едзел нивн добива целосна контрола на компанијата. Тие, нивните наследници и Фондацијата Форд ќе бидат единствените акционери во компанијата сè до 1956 година кога за првпат акции од Форд ќе бидат понудени на берзата.

Компанијата е еден од најголемите производители на автомобили, камиони и трактори, како и автомобилски делови и додатоци. Седиштето на корпорацијата е сместено во Дирборн, Мичиген, САД. (Н. С.)

 

16.6.2012  – Лиу Јанг стана прва кинеска во вселената

Јанг беше дел од тричлениот екипаж лансиран со вселенската капсула Шенжу 9. Јангм заедно со командантот Џинг Хаипенг и операторот Лиу Ванг го спроведоа првиот успешен докинг на капсула со човечки екипаж со вселенскиот модул Тиангонг 1. Лиу Јанг, којашто пред да стаме дел од кинеската вселенска програма беше пилот на карго авиони во армијата на НР Кина, на оваа мисија беше задолжена за спроведување на експерименти од областа на медицината. (Н. С.)

Клучни зборови:
Графика којашто го прикажува спроведувањето на експериментот со летало

Графика којашто го прикажува спроведувањето на експериментот со летало

Бен Френклин

Бен Френклин

Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Производство гуми за камион во 40-тите години од минатиот век

Производство гуми за камион во 40-тите години од минатиот век

Валентина Терешкова пред летот во капсулата Восток 6

Валентина Терешкова пред летот во капсулата Восток 6

Терешкова е денес активен учесник на политичката сцена во Русија, пратеник во руската дума

Терешкова е денес активен учесник на политичката сцена во Русија, пратеник во руската дума   

Производна лента од 30-тите години на минатиот век во фабриката на Форд во Детроит

Производна лента од 30-тите години на минатиот век во фабриката на Форд во Детроит 

Седиштето на компанијата Форд

Седиштето на компанијата Форд

Современа производна лента во фабриките на Форд

Современа производна лента во фабриките на Форд

Првата жена тајконаут Лиу Јанг

Првата жена тајконаут Лиу Јанг