Во следните редови пишуваме за Карл фон Фриш – човекот што го “дешифрираше” сложениот “говор” на пчелите, го одбележуваме роденденот на велосипедот и роденденот на математичарот Џон Неш чии научни дострели и животна приказна беа инспирација за еден холивудски блокбастер...
12.6.1982 – Почина Карл фон Фриш
Карл фон Фриш (Karl von Frisch) е австриски зоолог кому му припадна една третина од Нобеловата награда за медицина во 1973 година за ”откритијата во врска со организацијата и поттикнувањето на индивидуалните и социјалните шеми на однесување”. Откритијата на Фриш се направени при неговите истражувања на пчелите.
Првото откритие на Фриш беше дека пчелите гледаат во боја. Тој го докажал ова со хранење на пчелите со капки шеќерна вода коишто ги оставал врз сина картичка. Подоцна, тој ја поставил сината картичка сместена меѓу низа сиви картички. На животно коешто не разликува боја, сите картички би му изгледале сиви. Но, пчелите секогаш летале точно кон синиот картон. Понатамошните експерименти покажале дека пчелите ја гледаат ултравиолетовата светлина и се чувствителни на поларизирана светлина.
Второто откритие на Фриш беше дека пчелите танцуваат. Тој забележал дека кога пчелата “извидник” ќе најде локација за хранење, набрзо потоа на истата локација се појавуваат и другите пчели “проценители / претходници”. Тој заклучил дека извидничката пчела некако ги пренесува информациите до остатокот од ројот во кошницата. Тој почнал да ги следи овие пчели и да го набљудува нивното однесување кога тие ќе се вратат назад во кошницата. Фриш открил дека пчелата претходник изведувала два различни танци во зависност од оддалеченоста до изворот на храна. Ако извидникот најде храна на далечина од 50 метри, пчелата танцувала во круг. Овој танц сам по себе не дава никакви информации освен дека во близина има храна. Интересен е танцот кога храната била откриена подалеку. Кога храната се наоѓала на далечина поголема од 50 метри, пчелата извудник изведувала “танц со нишање“.
Танцот со нишање го прави пчелата којашто се движи исцртувајќи осумка и нишајќи го стомакот при преминување преку средниот дел од осмицата. Насоката во која се движи пчелата додека ги изведува танцот со нишање го озналува правецот во којшто се наоѓа храната, го означува аголот помеѓу изворот на храна и Сонцето. Бројот на стомачни нишања одговара на растојанието. Секое нишање е приближно еднакво на 800 метри. Тој исто така открил дека колку што пчелата поинтензивно танцвала, толку подобар билизворот на храна.
Ова се смета за една од најсложените форми на комуникација досега забележана во животинското царство, настрана од комуникацијата на меѓу приматите. (Н. С.)
12.6.1817 – Среќен точак-ден!
На денешен ден, пред точно 203 години на патот Манхајм – Швецинген се собрала толпа луѓе да ја проследи демонстрацијата на најновиот пронајдок на баронот Карл фон Драјс, наречена според него – драјсенова машина за трчање/дресина (draisienne laufmachine) или велосипед (velocipede), како што самиот Драјс го превел терминот laufmachine на францускиот леток.
Машината за трчање на Драјс
Драјс со неговата неговата трчачка машина, велосипедот изминал речиси 15 километри за 1 час. Иако истиот пат со јавање би се поминал многу побргу, сепак изумот на Драјс се сметал за голем напредок во изнаоѓањето нови независни начини на превоз.
Изумот на фон Драјс ќе претрпи со текот на времето повеќе измени од низа иноватори за конечно велосипедот да ја добие формата што денес ни е познат на сите. (Н. С.)
13.6.1928 – Роден е Џон Неш, американски математичар
Џон Неш (John Forbes Nash) бил американски математичар кој дал фундаментални придонеси во теоријата на игри, диференцијалната геометрија и проучувањето на парцијалните диференцијални равенки. Неговата работа обезбедила увид во факторите што управуваат со шансите и одлучувањето во комплексните системи што се наоѓаат во секојдневниот живот. Неговите теории се широко распространети во економијата.
Роден е на 13 јуни 1928 година во Блуфилд, Западна Вирџинија. Посетувал јавно училиште. Родителите на Неш имале можност да го надополнат образованието на нивниот син и тој земал напредни курсеви по математика во локалниот колеџ за време на последната година од средното училиште. Го посетувал Карнеги институтот за технологија (Carnegie Institute of Technology ) со добиена целосна стипендија, првично специјализирајќи за хемиски инженер. Советуван од неговиот професор по математика се префрлил на математика. После дипломирањето на 19 годишна возраст (1948), ја прифатил стипендијата од Универзитетот Принстон (Princeton University), каде што продолжил понатаму на постдипломски студии по математика. Советникот на Неш и поранешен професор на Карнеги, Ричард Дафин (Richard Duffin) напишал препорака за неговиот прием на Принстон во која стоело: “Тој е математички гениј.“ На Принстон започнал да работи на својата теорија на рамнотежа, подоцна позната како рамнотежа на Неш. Докторирал во 1950 година со дисертација од 28 страници за не-кооперативни игри.
Нобеловецот Џон Неш во живо (лево) и глумецот којшто го портретираше на големото платно (Расел Кроу – десно)
Во 1959 година, Неш започнал да покажува јасни знаци на ментално заболување и поминал неколку години во психијатриски болници на лекување од параноидна шизофренија. По 1970 година, неговата состојба полека се подобрила и со огромната поддршка од сопругата, се вратил на академска работа до средината на 1980-тите години.
Помеѓу 1945 и 1996 година, тој објавил 23 научни студии. Работејќи како постар математичар за истражување на Универзитетот Принстон во текот на подоцнежниот дел од животот, ја споделил Нобеловата меморијална награда за економски науки во 1994 година. Во 2015 година, исто така ја споделил наградата Абел за неговата работа на нелинеарни парцијални диференцијални равенки. Неш е единствената личност што ја добил Нобеловата меморијална награда за економски науки и наградата Абел.
На 23 мај 2015 година, Неш и неговата сопруга Алиша загинале во сообраќајна несреќа додека се возеле во такси на турнир во Њу Џерси.
Неговите борби со болеста и закрепнувањето биле основа за биографијата напишана од Силвија Насар (Sylvia Nasar), со наслов “Прекрасен ум” (A “Beautiful Mind”), според која е снимен и истоимениот филм. (Д. М.)