Со промените на навиките на купувачите расте и значајноста на дигиталните канали на продажба, односно електронската трговија. Посетителите на социјалните мрежи и веб-сајтови треба некако да се доведат до точка на купување, па тука до израз доаѓа дигиталниот маркетинг. Кои се трендовите во овој начин на продажба и кое е местото на дигиталниот маркетинг во електронската трговија?
Агилна организација – константна евалуација и приспособување на продажните канали. Со оглед на тоа што електронската трговија се одвива на интернет, а знаеме дека интернетот е „жива материја“, потребно е редовно следење на перформансите и испробување на различни пристапи.
Omnichannel продавница – дигитална сеприсутност на одредена трговска марка или на е-продавница кај потрошувачи. Важно е да бидете присутни секаде каде што се и корисниците – на сите уреди, мрежи и платформи. Важно е присутноста да биде конзистентна. Omnichannel претставува наследник на multichannel концептот, но се разликува од него бидејќи означува синергија на сите канали на комуникација, продажба и на промоција.
Контекстуално корисничко искуство – приспособување на корисничките искуства при купување, земајќи ги предвид потребите и интересите на купувачите. Единствен начин да извлечете максимум од секоја посета на вашата продавница е да му го дадете на купувачот тоа што тој сака да го види.
Magento – платформа за е-трговија којашто е сè популарна во оваа индустрија.
Иако можеби се чини дека електронската трговија функционира сама по себе, за жал, тоа не е точно. Потребно е да го привлечете посетителот кај вас, тој да се претвори во купувач и, конечно, да го задржите. Кога зборуваме за примена на дигиталниот маркетинг во електронската трговија, тука се работи за повеќестепена приврзаност во три фази: привлекување, конвертирање и задржување.
Алатки и стратегии за дигитален маркетинг што се користат и во секторот е-комерција може да бидат: SEO; маркетинг преку е-пошта; ремаркетинг/ретаргетирање; социјални мрежи; платено огласување преку Facebook и Google AdWords; и аналитика.
Во последно време, акцентот е ставен на ремаркетинг на Google и на социјалните мрежи, како и на маркетинг преку е-пошта. Што се однесува за маркетингот преку е-пошта, кога зборуваме за електронска трговија, најмногу се употребуваат автоматизирани секвенции на мејлови кои имаат одредени настани како „тригери“. Пример, за ова се серијата мејлови кои се пуштаат при напуштање на кошничката за купување, откажување од купувањето, за попусти и за понуди на слични, комплементарни производи.
Не треба да се занемари и аналитиката, којашто е ваш партнер во работењето. Со цел да ја прилагодите стратегијата за продажба на купувачите, мошне важно е да знаете кој, како и преку кој канал ја посетува вашата е-продавница. Анализата прва ќе покаже доколку има некој проблем со функционирањето на продавницата или, пак, ако постои ненадеен пораст на популарноста на одделни производи.
Е-трговијата не е нова работа, но со наметнатата изолација и социјалното дистанцирање таа доживеа невидена експанзија – стана сеприсутна и повеќе од неопходна за функционирањето на секој бизнис во услови на пандемија. За сите кои поседуваат е-продавница останува потребата да останат во тек со и постојано да ги следат трендовите на e-commerce индустријата.