Големите космички експлозии не се ретка појава во вселената. Тие настануваат главно на два можни начини. Eдниот е при судир на две масивни космички тела, вообичаено масивни ѕвезди, кои претходно биле во состав на т.н. бинарен систем, но ротирајќи помеѓу себе тие перманентно се приближувале и на крај се судриле со експлозија, емитувајќи гама зраци, според кои астрономите ги анализираат тие експлозии.
Другиот начин за појава на космичките експлозии е трансформација на екстремно масивните ѕвезди во црни дупки на крај од нивниот живот, појава наречена супернова. Имено, во текот на нивниот живот термонуклеарната реакција во средиштето на ѕвездите продуцира одбивна сила, којашто е во рамнотежа со ефектот на гравитацијата, па ѕвездата е во стабилна состојба. Меѓутоа, кога таа ќе го потроши сето нејзино нуклеарно гориво, термонуклеарниот процес во нејзе запира, а со тоа исчезнува и одбивната сила, па останува само дејствието на гравитацијата, по што јадрото од звездата колапсира во многу мал простор, којашто ја трансформира ѕвездата во црна дупка а потенцијалната гравитациона енергија на крај резултира со експлозија на надворешните слоеви.Такви космички експлозии досега се забележани од страна на повеќе опсерватории ширум светот.
Уметничка визија на изблик од гама зраци при космичка експлозија
Пред извесно време, набљудувајќи го космосот од специјализираната опсерваторија во Намибија, астрономите објавиле дека идентификувале исклучително силна космичка експлозија чијашто силина ги надминува сите досега идентификувани поединечни космички експлозии, толку што таа претставува предизвик да се вклопи во постоечката теорија за потеклото на гама–зрачните експлозии. Експлозија се случила на одалеченост од околу една милијарда светлински години од Земјата. За потсетување, една светлинска година е растојанието што светлината го поминува во време од една година. На прв поглед оддалеченоста од 1 милијарда светлински години изгледа огромно голема, меѓутоа во космички размери тоа сепак е релативно мало растојание. Колку за пример, најблиската до нас галаксија, Андромеда е оддалечена “само” 2,5 милиони светлински години.
Еве го стручното објаснување на Силвија Зај (Silvia Zhy) од германскиот истражувачки центар DESY (Deutsches Electronen Synchrotron), една од авторите на трудот во којшто е презентиран наодот: "Најголемата досега детектирана експлозија во космосот асоцира на гравитациски колапс на некоја мошне масивна брзоротирачка ѕвезда, којашто се трансформирала во црна дупка. Процесот е следен: ослободената гравитациска енергија произвела налет на бранови со постапка во која вообичаено се разликуваат две различни фази. Во почетната фаза се појавува кус одблесок во времетраење од десетина секунди, притоа ѕвездата со експлозија ја отфрлила нејзината периферна обвивка. По оваа почетна, прва фаза, следи фазата т.н. ефект на последен сјај (afterglow) после прасокот, всушност долготрајно и постепено благо исчезнување на емитувањето радијација, при што останува само екстремно компримираната ѕвездената маса трансформирана во црна дупка”.
Гама зрачна радијација детектирана од орбитален сателит на НАСА.
Еве ја и изјавата на астрофизичарот Роб Прис (Rob Priss):"Експлозијата беше исклучително силна, така што таа ги “преплави” инструментите во опсерваторијата на НАСА. Имено, енергијата од нејзината радијација беше дури петпати поголема од ослободената енергија од радијација во која било од досега идентификуваните космички експлозии.”
Оваа појава на екстремно силна космичка експлозија научниците ја објаснуваат со можност дека се работи за релативно редок, нов тип на супернова експлозија, но случајот треба и натаму да се истражува.
Наодот беше објавен во научното списание Science.