Денес одбележуваме точно 125 години од денот кога Маркони поднел патентна пријава за новиот изум – радиото, и 91 година од раѓањето на американскиот астронаут Пит Конрад, кој беше дел од екипажот на мисијата Аполо 12 и еден од вкупно дванаесетте астронаути кои досега стапнале на Месечината.
2.6.1896 – Маркони го пријавил патентот за неговото најново откритие, радио
На 20-годишна возраст Гуљелмо Маркони (Guglielmo Marconi, 1874 – 1937) започнал да изведува експерименти со радиобранови (тогаш познати како Херцијански бранови), градејќи самостојно голем дел од опремата на таванот во неговиот дом во Болоња, Италија. Значаен напредок постигнал во летото 1895 година, кога открил дека може да постигне многу поголем домет, откако ја зголемил висината на антената и, користејќи уреди од жичната телеграфија, ги заземјил неговиот предавател и приемник. Со овие подобрувања системот бил во состојба да пренесува сигнали до 3,2 km и над ридови. Со користење на монополна антена, за разлика од Херц кој користел диполни, се намалила потребната фреквенција на брановите. Зрачел вертикално поларизирани бранови кои достигнувале поголеми растојанија. Од тој момент заклучил дека, со дополнително финансирање и истражување, уредот може да се покаже корисен како комерцијално, така и за воени цели.
Првиот предавател на Маркони (лево). Инженерите од Поштенската служба на Британија го тестираат усовршениот уред на Маркони
Маркони напишал писмо до италијанското Министерство за пошта и телеграф во кое ги објаснил неговите безжични телеграфски уреди, барајќи и одредено финансирање. Никогаш не добил одговор на неговото барање. Не добивајќи никаков интерес или благодарност за неговата работа во Италија, Маркони отпатувал во Лондон на почетокот на 1896 година, придружуван од неговата мајка, за да побара поддршка за својата работа. За време на неговиот престој го побудил интересот на главниот инжинер на британската пошта сер Вилијам Приси (Sir William Preece), од кого добил и поддршка. Во Лондон решил да го патентира својот систем, за што се пријавил на 2 јуни 1896 година, под британски патентен број 12039 со наслов “Подобрувања во пренесувањето на електрични импулси и сигнали, и во Уредот за оваа намена”, што претставува прв патент за комуникациски систем заснован на радиобранови. Во текот на таа и наредната година, Маркони реализирал успешни демонстрации каде користел и балони за да добие поголема висина за неговите антени. Бил во можност да испрати сигнали на растојанија до 6,4 километри, а подоцна и 14,5 километри. Овие демонстрации, заедно со предавањата на Приси за нив, привлекле значаен публицитет и во Англија и во странство.
Сепак, останала недовербата во врска со корисната примена на овие средства. Братучедот на Маркони, Џејмисон Дејвис (Jameson Davis) го финансирал неговиот патент и помогнал во формирање на Компанијата за безжични телеграфски сигнали. Во првите години напорите на компанијата биле посветени главно на прикажување на целосните можности на безжичната телеграфија. Следниот чекор бил преземен во 1899, со основањето безжична станица во Јужен Форланд (South Foreland), Англија, за комуникација со Вимро (Wimereux) во Франција, на растојание од 50 километри. Истата година британски воени бродови размениле пораки на растојание од 121 километар.
Во 1909 година Маркони ја добил Нобеловата награда за физика, која ја делел со германскиот физичар Фердинанд Браун (Ferdinand Braun). Подоцна работел на развојот на краткобрановите безжични комуникации, кои биле основа за сите современи радиоуреди за долги растојанија. (Д. М.)
2.6.1930 – Роден е астронаутот Пит Конрад, член на мисијата Аполо 12
Пит Конрад, помладиот (Charles Pete Conrad, Jr.) е американски астронаут, од втората класа астронаути. Бил копилот на вселенско летало на мисијата Џемини 5 (1965) , команден пилот на Џемини 11, командант на леталото при мисијата Аполо 12 и командант на мисијата Скајлаб 2.
За астронаут е избран во 1962 година. Заедно со командниот пилот Гордон Купер, Конрад учествува во неколку експерименти при летот на Џемини 5. При оваа мисија е постигнат рекорд за долготрајност на летот со екипаж, којшто изнесувал вкупно 190 часа и 56 минути.
Екипажот на мисијата Аполо 12 за време на тренингот на Земјата (лево) и Пит Конрад на Месечината (десно)
Мисијата Џемини 11 беше лансирана на 12 септември 1966 година. Покрај Конрад, во леталото се наоѓаше и Ричард Ф. Гордон, помладиот. Цел на мисијата беше реализација на приод кон целното возило Агена при првата орбита. Екипажот успешно ја оствари мисијата и постигна дотогаш рекордна орбита на летало со екипаж од 1370 километри.
На 14 ноември 1969 година Конрад им се придружи на Ричард Гордон и Алан Бин во мисијата Аполо 12. Круна на успешната мисија беше прецизното спуштање на лунарниот модул на 19 ноември, оддалеченост од едвај 180 метри од сондата Surveyor 3. Екипажот на оваа мисија помина вкупно 31 час и 31 минута на површината на Месечината. Аполо 12 успешно се врати на Земјата на 24 ноември.
При мисијата Скајлаб 2, која се одвиваше од 25 мај до 22 јуни 1973 година, на Конрад му се придружија Џозеф Кервин и Пол Вајтс. Екипажот направи докинг на вселенското летало Аполо со лабораторијата Скајлаб, која претрпе штети при нејзиното лансирање на 14 мај. Екипажот изврши поправки на Скајлаб коишто овозможија заштита од прегревање и обезбување на доволно напојување за изавршување на поголемиот дел од зададените експериментални работи.
Конрад се повлече од вселенската програма во 1974 година, преземајќи позиции најнапред во Американската телевизиска и комуникациска корпорација во Денвер, Колорадо, а потоа, во 1978 година во корпорацијата Мекдонел-Даглас во Лонг Бич, Калифорнија. Пит Конрад почина 1999 година . (Н. С.)