Група истражувачи, предводени од биохемичарот д-р Рајан Флин (Ryan Flynn) открија дека гликаните може да се закачат и за некодирачките РНК (рибонуклеински киселини). Ова беше изненадување затоа што претходно се сметаше дека РНК функционира само внатре во клетките – во нивното јадро и во цитосолот (течниот дел од цитоплазмата), додека гликаните вообичаено се одвоени од нив со мембраните на органели на клетките или со мембраните на самите клетки.
Биолозите имаат прилично добро разбирање за нашите основни молекуларни елементи. Постојат јаглехидрати (како скроб), липиди (масти), нуклеински киселини (ДНК) и протеини (мускули). Овие понатаму се поделени во подвидови. На пример, целулозата и шеќерите се јаглехидрати. Потоа, постојат комбинации помеѓу овие групи, каков што е примерот кога различни шеќери се комбинираат со липиди во црвените крвни клетки формирајќи ги крвните групи.
Гликаните се вериги од молекули на шеќер кои можат да врзуваат масти и протеини во процесот наречен гликозилација (glycosylation),процес во којшто јаглехидратот се врзува за хидроксилна група или за друга функционална група од друга молекула, помагајќи им во нивниот транспорт низ клетката или преклопување во правилни форми за нивната намена. Тие се вклучени во многу основни биолошки процеси – од развојот на ембриони до препознавањето на патогени.
Тимот на Флин открил дека гликаните можат да се врзат за РНК, и да ја извлечат надвор, на површината од клеточната мембрана, во форма на т.н. гликоРНК. Ова го нашле откако ги обележале молекулите на гликол со сиjалинска киселина во лабораториските примероци од клетки и откако направиле екстракција на РНК. Потоа, со сигурност утврдиле дека дел од прочистената РНК има шеќерна обвивка означена со сиалинска киселина.
Така било докажано дека гликоРНК се присутни на клеточната површина, исто како и протеините и липидите. Тоа значи дека гликоРНК можат да учествуваат директно во комуникација од клетка до клетка, што е откритие од огромна важност. Способноста на гликаните да се поврзат директно со РНК се чинела малку веројатна, така што тимот претпоставува дека постои трета, многу мала молекула која делува како “лепило”.
Потоа пронашле гликоРНК во секоја клетка што ја проверувале – кај клетките од луѓе, глувци, хрчак, риби – во видови разделени со стотици милиони години еволуција. Ова укажува на тоа дека овие молекули можеби имаат некаква важна биолошка функција што е зачувана насекаде низ живиот свет на Земјата.
Споредувајќи ги гликоРНК со РНК-базите на податоци, Флин и неговите колеги откриле и некои од тие молекули што одговараат на РНК поврзани со болести. Некои РНК модифицирани од гликаните формираат гликоРНК којашто традиционално се поврзува со развојот на автоимуни болести. Претходно се сметало дека овие делови на РНК се претежно недостапни за нашиот имунолошки систем, бидејќи тие се безбедно вметнати во нашите клетки и се ослободуваат само преку клеточна смрт.
Истражувачите истакнуваат дека сите гликани не содржат сиjалинска киселина, којашто била користена за откривање на гликоРНК, па затоа веројатно пропуштиле да откријат повеќе видови во оваа молекуларна класа.
Иако функциите на гликоРНК сè уште се мистерија, научниците се надеваат дека нивното откритие наскоро ќе придонесе за изнаоѓање на многу други одговори, можеби и за проблематичниот имунолошки систем на некои луѓе.