Во денешниот времеплов го славиме роденденот на холандскиот физиолог и офталмолог, Франс Дондерс, и на американскиот биолог и еколог, Рејчел Карсон. Покрај тоа го одбележуваме денот кога познатиот висечки мост Голден Гејт беше пуштен во употреба и денот кога се појави Windows 2.1...
27.5.1818 – Роден е Франс Корнелис Дондерс
Франс Корнелис Дондерс (Frans Cornelis Donders) е еден од најеминентните холандски лекари од 19 век, чиишто истражувања на физиологијата и патологијата на окото ќе овозможат научен пристап кон корекцијата на рефрактивните недостатоци на видот како што се кратковидоста, делекувидоста и астигматизмот.
Дондерс бил едуциран армиски хирург, подоцна и професор на Факултетот во Утрехт, кој еден период во кариерата се посветил исклучиво на проучување на офталмологијата.
Тој открил дека хиперметропијата, односно далекувидоста, се должи на ‘скратениот’ облик на очното јаболко, со што фокусот на светлинските зраци што се прекршуваат во леќата на окото, односно нивната собирна точка се наоѓа зад мрежницата (ретината). Тој открил дека заматениот вид при астигматизмот се должи на нееднаквата и деформирана површина на корнеата и леќата, коишто ги расипуваат светлинските зраци наместо да ги фокусираат.
За проблемите на оптиката напишалк повеќе научни дела од коишто најпознатото е Аномалиите на прекршувањето и акомодацијата (The Anomalies of Refraction and Accommodation) објавено на англиски јазик. Во доменот на физиолошката оптика по неговите придонеси за напредокот на ова поле, оваа книга се изедначува со нејзината вашност со трудовите на Хелмјолц. Во книгата се дадени објаснувања за астигматизмот, за врските помеѓу страбизмот и хиперметропските и миопските состојби, како и неговото откритие на хиперметропијата. Делото долго време ќе биде главен извор на знаење за разбирање и корекција на овие оптички недостатоци.
Но, освен во областа на офталмологијата Дондерс ќе има важни придонеси и во физиологијата – ќе го оствари првото мерење за времето на реакција за психички провес, ќе го посочи метаболизмот како извор на топлината кај животните и растенијата, а има особен придонес и во изучувањето на физиологијата на говорот. (Н. С.)
27.5.1988 – Windows Hits верзија 2.1
Мајкрософт издава 2 верзии на Windows 2.1 – Една за 286 компјутери и една за 386 компјутери. Се сеќавате ли на оваа верзија на Windows? Не? Малкумина се сеќаваат. До верзијата 3, Windows веќе имаше некаков вид на значителна база на корисници. (И. З.)
27.5.1937 – Мостот Голден Гејт официјално е пуштен во употреба
Мостот Голден Гејт или Златната Порта, (Golden Gate Bridge) е висечки мост кој се издига над заливот Голден Гејт и ги поврзува градот Сан Франциско и гратчето Саусалито.
Мостот го носи потписот на четворица архитекти / дизајнери – Џозеф Штраус, Черлс Елис, Лион Саломон Мојзеф и Ервин Мароу. Градбата на мостот била започната на 5 јануари 1933 година, а градбата е завршена кон крајот на април 1937 година. Вкупната должина на мостот изнесува 2737 метри, а оддалеченоста меѓу двете кули од главниот лак изнесува 1280 метри, додека висината на водата изнесува 67 метри. Двете кули на мостот имаат висина од 227 метри, а пречникот на главните носечки кабли изнесува 91 сантиметар. Има 6 автомобилски ленти и две патеки за пешаци и велосипедисти.
Мостот денес е меѓународен симбол на градот Сан Франциско и е едно од американските архитекотонски дела што е познато во светски рамки. Голден Гејт е еден од најдолгите висечки мостови во светот. (Н. С.)
27.5.1907 – Родена е Рејчел Карсон, биолог и еколог
Рејчел Луис Карсон (Rachel Louise Carson, 1907 –1964) е американски биолог, позната по нејзините книги посветени на загадувањето на животната средина и историјата на океаните и морињата.
Карсон многу рано развила голем интерес за природниот свет. Се запишала на Женскиот Колеџ во Пенсилванија со намера да стане писател, но набргу потоа го променила полето на студии од англиски во биологија. По успешното завршување на овие студии во 1929 година, и студиите на универзитетот Џон Хопкинс (М.А., 1932), а во 1931 година се приклучила на факултетот на Универзитетот во Мериленд, каде предавала пет години. Од 1929 до 1936 година предавала и во летната школа Џон Хопкинс а ги работела и постдипломските студии на Биолошката морска лабораторија во Вудс Хол, Масачусетс.
Во 1936 година, Карсон ја добива позицијата биолог за води при Аамериканското биро за риболов, каде останала до 1952 година, последните три години како главен уредник на публикациите на ова биро. Еден напис во месечникот Атлантик од 1937 година послужил како основа за нејзината прва книга, “Под морето-ветрот”, објавена 1941 година.
“Морето околу” нас од 1951 година ќе стане национален бестселер, а била преведена на 30 јазици. Нејзината трета книга, “Работ на морето“ е објавена во 1955 година.
Најзината пророчка визија “Тивка пролет”(1962) издадена од Њујоркер станала бестселер, и притоа го свртела вниманието на светот кон опасностите од загадувањето на животната средина. Очекувањата за иднината на Движењата за животната средина од 1960-тите и раните 70-ти боле генерално песимистички, што се должи на севкупното чувство на “цивилизациска болест “ и постоело убедување дека долгорочните перспективи на Земјата се мрачни. “Тивка пролет” сугерираше дека планетарниот екосистем врќр ги досегнал границите на одржливост. Карсон остана цврсти на нејзините ставови за последиците од недискриминаторната употреба на пестициди и покрај заканите со тужби од хемиската индустрија и обвинувањата дека се занимавала со “емоционализам“ и “грубо изобличување“. Некои критичари дури тврделе дека Карсон е комунист. Карсон почина пред да види какви било суштински резултати од нејзината работа за ова прашање, но зад себе ги остави едни од највлијателните публикации за животната средина. (Н. С.)