Рубрика: Физика
Нова индикација за постоење на 5-та елементарна сила?
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 26.05.2021 - 12:00

Во почетокот ќе објасниме дека сето искуство во врска со дејството на природните сили, коешто ние го чувствуваме во секојдневието, можеме да го објасниме со постоење на само  4 (четири) категории фундаментални сили: гравитацијата, електромагнетската, јаката нуклеарна сила и слабата нулеарна сила. Нивното дејствување  е резултат на интеракцијата којашто постои помеѓу нив. Меѓутоа, неодамна физичарите евидентирале сигнали за можно постоење и на 5-та фундаментална сила.

Слика 1: Oбјектот  на Фермилаб во кој е сместена лабораторијата во која е реализиран експериментот Мuon-g2.

Наодот произлезе од група физичари во експериментот наречен muon g-2, реализиран во лабораторијата Фермилаб (објектот го гледаме на слика 1), во Батавија, место близу Чикаго, Илиноис, САД. Имено, групата утврдила  дека однесувањето на еден тип фундаментални честички, т.н. “муони” (muons), не е во склад со однесувањето според актуелните физички закони, врз база на кои е составен општоприфатениот Стандарден модел за елементарните честички. Да објасниме, наведените честички, муони, се слични на електроните, меѓутоа тие се околу 200 пати помасивни од нив. Експериментот е реализиран така што честичките муони биле емитувани во прстенест лабораториски тунел со пречник од 14 m (го гледаме на сликата 2), во кој под дејство на магнетско поле, честичките започнуваат да “треперат” во ритам со некоја одредена брзина пресметана според актуелните физички закони. Сега следува најбитното. Истражувачите констатирале дека ритамот на треперењето на тие честички е значајно побрз во однос на очекуваното според актуелните физички закони. За овој несклад научниците немаат друго толкување освен дека е можно постоење на дополнителна, петта елементарна сила, којашто делува на честичките, а е резултат од интеракцијата на некоја нова, засега сè уште неоткриена фундаментална честичка.

Слика 2: Внатрешниот изглед на лабораторијата во која е реализиран експериментот.

Во врска со резултатот од наодот, лидерот на истражувачката екипа, британскиот професор Mark Ланкастер изјавил: “Ова откритие е мошне возбудливо со оглед на тоа што можеби укажува на нови физички закони за однесување на честичките и силите, за кои науката досега не знаела”.

Интересна е и изјавата на Бен Алана (Ben Allanach), професор на Универзитетот во Кембриџ: ”Интуицијата ми кажува дека се работи за некое многу значајно и големо откритие”.  

Се огласи и Британскиот совет за наука и техника: “Резултатот од наодот понуди силни докази за постоење на уште еден вид субатомски честички или на нова фундаментална природна сила” .

Меѓутоа, научниците сепак не се апсолутно сигурни дека не се работи за некоја статистистичка грешка, каква што може да се случи во научните експерименти. Имено, според законот за веројатност т.н. индекс на веројатноста треба да изнесува барем sigma = 5, додека во случајов истиот тој индекс изнесува sigma = 4,1. Во врска со тоа се огласи и доктор Митеш Пател (Mitesh Patel), од Кралскиот колеџ во Лондон (Imperial College London), кој беше член на истражувачкиот тим во експериментот “Muon g-2”: “Нужни се повеќе податоци и мерења, кои се надеваме дека ќе понудат цврсти докази дека резултатот од наведениот наод е веродостоен”.

Засега не е познато како би делувала потенцијалната нова 5-та сила, освен дека таа влијае на однесувањето на честичките муони. Теоретичарите сметаат дека таа сила би можела да биде поврзана со некоја нова, досега неоткриена субатомска честичка.

На крај, ќе наведеме уште само дека евентуалната дефинитивна потврда на постоење на оваа потенцијална петта сила, би можело да помогне да се разрешат некои постоечки мистерии, како на пример акцелерациската експанзија на универзумот, којашто засега се припишува на таинствената невидлива темна материја. 

 

* * * * * 

Инаку ова не е првпат научниците да наговестат за можното откритие на петтата основна сила во универзумот. Повеќе за ова може да прочитате и во Најнова научна потврда за постоење на 5-та фундаментална сила?

Клучни зборови:
Слика 1: Oбјектот во кој е сместена лабораторијата во која е реализиран експериментот Мuon-g2.

Слика 1: Oбјектот во кој е сместена лабораторијата во која е реализиран експериментот Мuon-g2.

Слика 2: Внатрешниот изглед на лабораторијата во која е реализиран експериментот.

Слика 2: Внатрешниот изглед на лабораторијата во која е реализиран експериментот.