Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 21.5.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 21.05.2021 - 17:00

Во денешниот времеплов одбележуваме 100 години од раѓањето на советскиот нуклеарен физичар и активист за човекови права Андреј Сахаров, 171 годинa од раѓањето на Џузепе Меркали, познат по неговата скала за мерење на интензитетот на земјотресите, 94 години од првиот непрекинат соло лет преку Атлантикот кон Европа, и 89 години откако истиот подвиг го повтори една жена...

 

21.5.1921 – Роден е Андреј Сахаров

Андреј Дмитриевич Сахаров (Андрей Дмитриевич Сахаров,1921 – 1989) е истакнат советски нуклеарен физичар, дисидент и активист за човекови права. Во 1975 година ја добил Нобеловата награда за мир.

Андреј Сахаров е роден во Москва во 1921 година. Во 1938 година се запишува на Московскиот државен универзитет. Поради евакуацијата од Москва во 1941 година, дипломира во Ашкабад, во денешен Туркменистан. По дипломирањето е упатен на работа во лабораторија во Уљјановск. Во Москва се враќа во 1945 година, каде започнува да студира на Теоретскиот отсек на Институтот за физика при Советската академија на науките. Во 1947 година се стекнува со докторска титула.

Од средината на 1948 година Сахаров учествува во советскиот проект за изработка на атомска бомба, која ќе биде тестирана на 29 август 1949 година. По преселбата во Саров во 1950, тој игра клучна улога во следната фаза, развивањето на хидрогенска бомба. Истражувањето успева и на 12 август 1953 година СССР успешно извршува тестирање на хидрогенска бомба. Сахаров продолжува да работи на ова поле и неговите сознанија се клучни при тестирањето спроведено во октомври 1961 година, на т.н. Цар бомба – најмоќната бомба што кога било експлодирала.

Сахаров има предложено и идеја за реактор за контролирана нуклеарна фузија, која сè уште претставува основа за истражувањата на ова поле.

Кон крајот на 1950-тите Сахаров почнува да размислува околу моралните и политичките импликации од неговата работа. Во текот на следната декада, почнува да се спротивставува на ширењето на нуклеарното оружје. Притискајќи за ставање крај на атмосферските тестови, тој одигра улога при потпишувањето во Москва на Договорот за делумна забрана на тестирањата во1963 година.
Со текот на годините Сахаров ќе зема сè повеќе ќе се ангажира на полето на политиката , пацифизмот и човековите права, поради што доаѓа во конфликт со властите. Во 1975 година ја добива Нобеловата награда за мир, но не му е дозволено да отпатува на церемонијата на доделувањето. Поради неговите јавни протести против интервенцијата во Авганистан, ќе биде испратен во внатрешен егзил во Горки, каде ќе остане до доаѓањето на власт на Горбачов.

Со отворањето на СССР кон запад и перестројката, Сахаров се ангажира политички. Ќе почине ненадејно, во 1989 година, од срцев удар. (Н. С.)

 

21.5.1850 – Роден е Џузепе Меркали

Џузепе Меркали е италијански сеизмолог, вулканолог и католички свештеник, познат по создавањето на Меркалиевата скала за мерење на интензитетот на земјотресите. Поради ограничениот пристап којшто Меркали го имал до сеизмичките инструменти, најголем дел од информациите за неговите сеизмички анализи тој ги добивал преку лични опсервации на штетите. Заради конзистентност на неговите анализи, на Меркали му бил потребен метод за оценување на релативните ефекти на секој настан. Така тој ја развил скалата за интензитет, која првично имала 6 степени, за подоцна да ја допрецизира на 10 степени. Други сеизмолози подоцна ја развиваат на 12 степени, каква што ја знаеме и денес. (Н. С.)

 

21.5.1927 – Чарлс Линдберг стана првиот човек кој самостојно го прелета Атлантикот

Чарлс Линдберг (Charles Lindbergh), познат и по прекарот Самотниот Орел, полета претходниот ден од Њујорк и се спуштил во Париз, прелетувајќи 5 836 km за 33 часа и 32 минути, освојувајќи ја Ортиговата награда (Orteig Prize) наменета за првиот човек што ќе го прелета Атлантикот во еден лег.

За време на летот Линдберг се соочил со низа предизвици, меѓу кои прелетување на олујни облаци на висина од 3000 метри и избегнување на врвовите на големи бранови при низок лет. Покрај ова, Линдберг морал да се справува и со проблемот на подмрзнување на крилата, а неколку часа летал “на слепо” низ густа магла. И покрај ова имал среќа со ветровите коишто меѓусебно се поништувале, па не морал да се справува со дополнителниот отпор, а покрај тоа ова овозможило и попрецизен лет со помош на следење на инструментите.

Линдберг слетал на аеродромот во Бурже во сабота, 21 мај во 22 часот и 22 минути по локално време. На аеродромот бил пречекан од 150 000 луѓе коишто со нетрпение го очекувале неговиот успех. (Н. С.)

 

21.5.1935 – Амелија Ерхарт стана прва жена која самостојно го прелета Атлантикот

Таа имала намера да лета кон Париз со нејзиниот авион Lockheed Vega 5B, по истата рута што ја изминал Чарлс Линдберг пет години порано ј при неговиот соло-летот преку Атлантикот. Нејзиниот технички советник за летот бил славниот американски авијатичар со норвешко потекло Бернт Балчен, кој помогнал во подготовката на нејзиниот авион. По летот кој траел 14 часа и 56 минути, време коешто таа го поминала борејќи се со лошото време – силниот северен ветер и услови за мраз, но и со механички проблеми, Ерхарт слетала на ледина во Кулмор, во близина на Дери, Северна Ирска. На местото на слетување се затекнале како сведоци извесни Сесил Кинг и Т. Соер. Денес на ова метсто е поставен паметник а во гратчето Дери постои Музеј на Амелија Ерхарт. (Н. С.)

Клучни зборови:
Џузепе Меркали

Џузепе Меркали

Џузепе Меркали

Џузепе Меркали

Џузепе Меркали

Џузепе Меркали

Андреј Сахаров

Андреј Сахаров

Андреј Сахаров

Андреј Сахаров

Духот на Сент Луис во музејот Смитсонијан

Духот на Сент Луис во музејот Смитсонијан

Дочекот на Линдберг во Париз

Дочекот на Линдберг во Париз

Музејот на Амелија Ерхарт во Дери

Музејот на Амелија Ерхарт во Дери

Паметникот поставен во Северна Ирска на местото каде слета Амелија Ерхарт

Паметникот поставен во Северна Ирска на местото каде слета Амелија Ерхарт