Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 12.5.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 12.05.2021 - 16:30

Во денешниот времеплов гo славиме роденденот на Клеменс фон Пиркет, одбележуваме Денот на медицинските сестри, денот кога беа откриени остатоците од александрискиот универзитет и денот кога беше комплетиран првиот програмабилен компјутер во светот...

12.5.секоја година – Ден на медицинските сестри

Меѓународниот ден на медицинските сестри воспоставен 1974 година од страна на Меѓународниот совет на медицински сестри, се одбележува секој 12 мај во чест на Флоренс Најтингејл, родена токму на овој ден во 1820 година во Фиренца, којашто ги постави современите темели на оваа професија.

Најингејл стана важна фигура во развојот на медицинската нега кон средината на 19 век за време на Кримската војна. Во тоа време, таа била сместена во воената болница во Скутари (денешен Искардар, којшто е дел од Истанбул), каде таа го водела тимот од медицински сестри кои ги негувале повредените британски војници.

Кога за прв пат пристигнала во болницата, таа била шокирана од очајната состојба во објектот по што наметнала строги стандарди за медицинска нега, меѓу кои одржување на хигиената во одделенијата, како и добра опременост медицински материјали и залихи на храна за пациентите. Искуствата на Најтингејл во Скутари ја поттикнаа да поведе кампања за реформи во здравството и медицинската нега, а во 1860 година таа ја отвора Најтингејл школата за медицински сестри во болницата “Сент Томас“ во Лондон.

Успехот на школата поттикнa формирање на слични школи за обука на медицински сестри и на други места. Меѓу првите установи од овој тип е Школата за медицинска нега при Сиднејската амбуланта и диспансаро (денес Сиднејска болница) во Австралија, која била отворена во 1868 година под водство на медицинската сестра Луси Озбурн, некогашен ученик во болницата Свети Томас. По ова се отворени Школата за обука на медицински сестри Белви во Њујорк (1873 година), прва институција во САД втемелена врз принципите на Најтингејл, па Школата за медицинска нега во Фужоу, Кина (основана 1888 година ) итн.

Овие пионерски училишта ги поставија темелите за понатамошен раст и унапредување на современата медицинска нега и на професионалниот профил медицинска сестра.

Меѓународниот ден на медицинските сестри се одбележува со создавање и дистрибуција на промотивни и едукативни материјали. Овие материјали се наменети делумно да ја потенцираат посветената и иновативна работа на медицинските сестри ширум светот, што е од витално значење не само за подобрување на здравјето на пациентите, туку и за унапредување на здравствената заштита како на национално така и на меѓународно ниво. Едукативните материјали честопати служат и за подигање на свеста за проблемите со коишто се соочува оваа професија, вклучително и влијанието на економските фактори и тековната борба за соодветни работни услови и фер парична надокнада. Со подигање на свеста за важноста на оваа професија медицинските сестри се надеваат дека ќе поттикнат соодветен интерес зза доволен број луѓе да ја изберат оваа благородна дејност за нивно занимање. Со тоа ќе се обезбеди доволно посветен кадар насекаде и ќе се избегне повремениот недостиг од кадар од овој профил во многу земји.

Секоја година со промотивните и едукативните активности на Меѓународниот ден на медицинските сестри во фокусот се става некој од тековните проблеми во оваа професија. Оваа година одбележувањето на овој ден се одвива под мотото “Негувајќи го светот до здравје”, ставајќи го во фокус значењето на медицинските сестри во услови на пандемија.

Во Австралија, Канада, САД, но и други земји, Меѓународниот ден на медицинските сестри честопати е дел од еднонеделното оддавање почест именувано како Национална недела на медицинските сестри. (Н. С.)

 

12.5.1874 – Роден е баронот Клеменс фон Пиркет

Клеменс фон Пиркет (Clemens von Pirquet) е австриски лекар, познат по тоа што го развил кожниот тест за туберкулоза – класичниот дијагностички тест којшто се состои во аплицирање на туберкулинот врз површинска гребаница на кожата од раката. Врз основа на објаснувањето за алергијата и имунитетот на туберкулозата што Пиркет ги дал во 1907 година, французинот Манту ја вовел туберкулинската проба, а нешто подоцна, во 1924 година Калмет и Герен на Пастеровиот Институт во Лил, ја откриваат вакцината за туберкулоза позната како BCG (Bacilus Calmette-Guerin). Пресвртница во лекување на туберкулозата настанала во 1944 година, со откривање на стрептомицинот од Ваксман.

Во 1906 гоидина Пиркет забележал дека пациентите коишто примиле инјекции од коњски серум или од вакцина за овчи сипаници вообичаено имале побрзи, поизразени реакции при втората инјекција. Додека ги проучувал симптомите од вакцинацијата против кравји сипаници, тој истовремено развил и теорија за инкубацијата на инфективните болести и формирањето на антитела. Во 1909 година тој ги публикувал своите резултати од направената серија туберкулински тестови помеѓу жителите на Виена. Тестовите покажале дека 70% од тестираните деца веќе биле инфицирани со туберкулоза уште пред да наполнат 10 години, а над 90% од нив пред да наполнат 14 години. (Н. С.)

 

12.5.2004 – Откриен локалитетот на најстариот универзитет во светот

Во 2004 година беше објавено откритието на установата за којашто се верува дека е најстариот храм на знаењето, Александриската библиотека. Откритието беше објавено од страна на претседателот на Египетскиот висок совет за антиквитети, Захи Хавас, во текот на конференција којашто се случуваше на Универзитетот на Калифорнија.

Полско-египетскиот тим откри 13 предавални во коишто имало и испакнат подиум за предавачот. Никогаш претходно не биле пронајдени комплекси со предавални налик на овие, на ниту едено од познатите медитерански локалитети со остатоци од стара Грција или Рим.

Александрија се смета за родното место на западната наука, место каде Евклид ги откирл правилата на геометријата, каде Ератостен го измерил пречникот на Земјата и каде што птоломеј го напишал делото Алмагест односно Големата Книга, коешто ќе биде највлијателната научна книга за природата на универзумот во наредните 1500 години. (Н. С:)

 

12.5.1941 – Завршена издработката на првиот целосно програмабилен компјутер

Комплетирањето на првиот целосно програмабилен компјутер во светот, уредот Z3, го заврши Конрад Цусе (Konrad Zuse). Овој компјутер беше истовремено прв систем од овој тип којшто ќе оперира со бинарен систем, наспроти децималниот.

За комплетирањето на овој електромеханички дигитален компјутер биле употребени 2400 релеи. Програмите беа внесувани со перфорирани ленти. Моделот Z3 бил програмабилен, за разлика од независно развиените модели на бинарни компјутери ABC (од 1942 година) и ENIAC (од 1945-46 година) на Атанасов коишто претставувале во основа огромни наменски калкулатори, коишто немале можност за слободно програмирање.

Моделот Z3 ќе го користи германската авиоиндустрија за решавање на системи од симултани равенки и пресметки на математичките аспекти на вибрациите на авиорамовите предизвикани од стрес. Компјутерот ќе биде целосно уништен во 1944 година при бомбардирањата на Германија при крајот на Втората светска војна. (Н. С.)

Клучни зборови:
Флоренс Најнтингејл со ламба, портрет

Флоренс Најнтингејл со ламба, портрет

Флоренс Најнтингејл

Флоренс Најнтингејл

Клеменс фон Пиркет

Клеменс фон Пиркет

Клеменс фон Пиркет тестира за туберкулоза

Клеменс фон Пиркет тестира за туберкулоза

Манто или туберкулински тест, познат и како пикетов тест за туберкулоза

Манто или туберкулински тест, познат и како пикетов тест за туберкулоза 

Компјутерот Z3 реконструиран во 60-тите години од минатиот век, денес експонат во Дојче музеум

Компјутерот Z3 реконструиран во 60-тите години од минатиот век, денес експонат во Дојче музеум

Конрад Цусе покрај реконструираниот модел Z3

Конрад Цусе покрај реконструираниот модел Z3

Локалитетот на александриската библиотека и универзитет

Локалитетот на александриската библиотека и универзитет

Предавална или аудиториум во комплексот на александриската библиотека

Предавална или аудиториум во комплексот на александриската библиотека