Привидното нарушување во динамиката на епидемијата поради намаленото велигденско и првомајско тестирање полека останува зад нас, па ефективниот репродукциски број Rt (со 15-дневно усреднување) како да се враќа на некоја стабилна вредност од околу 0,77 (на дијаграмот на првата слика). Да се надеваме дека претстојното попуштање на мерките нема многу да ја наголеми неговата вредност, односно нема повторно да излезе над единица (т.е. дневните бројки во просек нема да започнат да се зголемуваат).
При Rt=0,77 дневните бројки во просек се намалуваат секој ден за околу 5,1%. Со ова темпо на намалување за околу 33 дена (околу средината на јуни) би можеле до дојдеме до спорадично заразување (само 20 нови случаи за 14 дена на 100 000 жители). Вкупниот број на случаи до тогаш не би требало да надмине 160 000 случаи, бидејќи секојдневно ќе се додаваат се помалку и помалку случаи. Оваа вредност ја покажува портокаловата стрелка на дијаграмот на втората слика. Уште еднаш да повториме, сето тоа под услов последното попуштање на мерките да не предизвиизвика застој во намалувањето на бројките (најверојатно нема да има проблем, затоа што и постоечките мерки беа премногу слаби).
Иако лично ми е тешко да ја прифатам таа логика на попуштање на мерките во момент кога на епидемијата треба да ѝ се зададе завршен удар и што побргу да се вратиме кон понормален живот, сепак овој потег на здравствените власти беше сосема предвидлив и очекуван. Како многупати досега, штом бројките се поднамалат властите продолжуваат со попуштање на мерките и поткревање на бројките, за да што е можно побргу и што е можно повеќе луѓе прележат и така да го „решат“ проблемот, кој инаку требаше да се реши со други, похумани и попаметни методи (за коишто сме зборувале многупати).
Како и да е, бројот на активни случаи ќе продолжи стрмо да се намалува при сè помал раст на вкупниот број на случаи, како што се гледа од фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи). Црвената линија покажува до колку би требало да се намали официјалниот број на активни случаи до 29 мај (до околу 5260 активни случаи). Но, ако ја следиме зелената крива на истиот дијаграм, забележуваме дека уште отсега реалниот број на активни случаи е практично толкав (поточно околу 5440 случаи). Реалниот број на случаи би го имале ако случаите би се затворале точно според алгоритамот на МЗ, десет дена од отворањето за асимптоматските, односно 21 ден за симптоматските случаи. Пондерираниот просек на ова време до затворање изнесува околу 19 дена, но толку ажурно затворање сме имале само во помирните периоди, додека за време на големите избувнувања, времето се зголемувало дури до 35 дена (моментално изнесува 28 дена - на дијаграмот на третата слика). Значи, кога не би се доцнело со ова административно затворање, ние сега реално би имале околу 5445 активни случаи, а не 10 308. Ова самото по себе не претставува некаков посебен проблем, но добро е да се знае каква е вистинската состојба.
Стапката на позитивни тестови продолжува да се намалува, што е можеби најобјективниот показател на смирувањето на овој бран (црвената линија на дијаграмот на четвртата слика). Одамна не сме виделе толку ниска вредност на седумдневниот просек на оваа стапка, која неделава изнесува само 8,30%. За македонски услови тоа можеби изгледа ниско, но според меѓународните критериуми на ECDC, стапките над 3% укажуваат на многу висок ризик од ширење на зараза (слично на критичната вредност на 14-дневната инциденца од 120 случаи на 100 000 жители, која кај нас моментално изнесува 149 случаи на 100 000 жители – па сепак, нам ни се чини многу ниска, после она низ што поминавме).
Моментално имаме големо намалување на преносливоста на вирусот, во најголема мерка поради прележувањето, но исто така и под дејство на сезонскиот фактор – доаѓањето на летото. Доколку Rt остане на овие нивоа (под единица), за многу кратко време, како што рековме, ќе дојдеме до спорадично заразување, па така корона вирусот ќе исчезне од ударните вести. Меѓутоа, доколку Rt повторно започне да расте, па макар и само до единица, тоа може да предизвика сомневање дека една од опасните варијанти на вирусот (бразилската, бенгалсктата или јужноафриканската) можеби веќе пристигнала и започнала да се шири. Ако започнат реинфекции на веќе прележани или вакцинирани, тоа ќе ни биде прв индикатор дека нешто ново се случува.
Нека остане ова само како едно "what if" сценарио, да не прејудицираме ништо, но да бидеме будни затоа што корона вирусот со своите мутации низ светот досега приредила многу непријатни изненадувања.