или како еден научен труд беше побиен во рок од неколку часа
Со новиот ровер Персеверанс, кој го скенира дното на кратерот Језеро, потрагата по знаци за живот во минатото на Марс е во полн ек. Но, еден меѓународен научен тим минатиов викенд излезе со неверојатно тврдење – дека пронашле знаци за постоење на релативно напредна форма на живот на површината на Марс, примероци од нешто што наликува на габи. Своите видувања тие ги објавиле во списанието Advances in Microbiology. И како што и се очекуваше, необичните и извонредни заклучоци и тврдења привлекоа низа рецензии на трудот и предизвикаа лавина од коментари. Речиси со брзина на светлината научните кругови ги оспорија и отпишаа наодите. Па, да видиме за што конкретно се работи...
Во објавената студија се тврди дека на фотографиите од Црвената планета може да се забележат мноштво организми од видот габи, од кои некои по обликот потсетуваат на габите пуфки, кои ги има во изобилство на Земјата. Фотографиите кои тие ги приложуваат како доказ се направени од претходната генерација ровери на НАСА – Опортјунити и Кјуриосити, но и од камеррата со висока резолуција на орбитерот МРО. Како што тие поишуваат во нивниот научен труд, “габите опстојуваат во изобилство во услови на поголема радијација. Последователните фотографии ги документираат марсовските примероци кои наликуваат на габи како никнуваат од почвата и се зголемуваат, вклучително и оние кои наликуваат на пуфки.” “По уништувањето на сферните примероци со тркалата на роверот, нови сфери, некои со стебло, се појавиле во пукнатините на старите траги.” – пишуваат истражувачите. А покрај ова додаваат и дека “примероци налик на црна мувлеста габа се појавуваат врз роверите.” Но, тврдењата не запираат тука. Анализирајќи ги фотографиите од камерата на МРО тие ќе најдат докази за “аморфни примероци во пукнатините кои ја промениле формата и локацијата а потоа исчезнале.”, за понатаму во заклучокот да напишат “Веќе е утврдено дека повеќе терестријални организми можат да преживеат во услови налик на оние на Марс. Ако се има предвид веројатноста дека Земјата во посева Марс со живот и дека животот одново и одново се пренесува од еден свет на друг, навистина би било изненадување ако на Марс не постои живот.”
Тимот предлага дека овие “марсовци” “веројатно еволуирале и се прилагодени на ниските температури, непостојаниот пристап до вода, ниското ниво на кислород и високите нивоа на радијација.”
На крајот истражувачите сепак даваат оградување за нивните наоди укажувајќи на тоа дека “морфолошките сличности не претставуваат доказ за живот” и дека “не може во целост да се елиминираат минералите, изложеноста на временските услови и непознатите геолошки сили кои се специфични за Марс, а непознати и туѓи на Земјата.” Но и покрај сè, се работи за чудесен заклучок.
Во споменатиот истражувачки тим биле вклучени научници од Центарот за астрофизика на Харвард-Смитсонијан и од Универизтетот Џорџ Мејсон. Импресивно, нема што.
Но, работите не се онакви какви што изгледаат на прв поглед. Иако авторите на трудот имаат импресивни препораки, со оглед на тоа што се под капата на Институтот Смитсонијан и на Универзитетот Џорџ Мејсон, сепак она што “штрчи” е името на главниот автор, Рон Гејбриел Џозеф (Rhawn Gabriel Joseph), којшто во научните кругови е веќе познат по повеќе сомнителни и ненаучни тврдења за постоење на живот на други планети. Имено, се чини дека Џозеф досега има голем број неуспешни обиди за објавување на неговите трудови во реномирани научни списанија. Се чини дека во еден момент бил толку очаен што стартувал и сопствен журнал. Има и еден труд којшто бил објавен во реномираниот Astrophysics & Space Science во ноември 2019, но и тој набрзо бил повлечен откако било посочено дека “не се понудени доволен број на критички осврти на презентираниот материјал и цитираната литература, потфрлувајќи да обезбеди солиден доказ за шпекулативните изјави коишто се дадени во написот, со што донесените заклучоци стануваат безвредни.” Со други зборови, научното списание ја воочило својата грешка.
Последниот труд е објавен во научното списание Advances in Microbiology со седиште во Кина, коешто неколкупати во научните кругови било критикувано за неговата практика за реобјава на веќе публикувани трудови и не се смета дека има некој особен фактор на влијание. Па сепак...
Научната заедница ја загриза јадицата и се фрли кон соодветна критика на овие тврдења, имајќи го на ум мотото “Извонредните тврдења бараат поткрепа со извонредни докази”
Имено, мошне несериозно е да се тврди дека на Марс постои комплексен живот само врз основа на анализа од неколку фотографии. Благодарение на големиот број мисии испратени до црвената планета научната заедница располага со “тони” податоци спектролошки анализи, сезимолошки читања, сензорски мерења (и што уште не) кои сите укажуваат на едно – Марс е извонредно негостопримлива планета барем за животот онаков каков што го знаеме на Земјата. Па така, овој ‘труд’ сигурно нема да биде земен предвид како сериозно истражување, слично како и претходно објавените трудови од овој автор.
Како што тоа мошне добро ќе го срочи претседателот на Здружението Марс Австралија, Џонатан Кларк, во неговата изјава за порталот South China Morning Post “Животот на Марс едвај може да опстојува, камоли да го има во изобилие”.