Додека ние, во Македонија, штотуку го започнавме процесот на имунизација на населението во светот овој процес започна одамна. Па така некои земји веќе можат да се пофалат со имунизација на повеќе од половина од популацијата, а на глобално ниво минатата недела речиси незабележително помина уште еден голем момент – количината на администрирани вакцини против ковид-19 ја надмина бројката од една милијарда.
Ова се случува само 14 месеци откако СЗО го прогласи ширењето на заразата со ковид-19 за пандемија и само 4 месеци по официјалното одобрување на првата вакцина против ковид за итна употреба.
Досега се целосно се вакцинирани повеќе од 500 милиони луѓе, што е 7% од светската популација која, според статистичките податоци изнесува 7,79 милијарди.
Но, и покрај оваа импресивна бројка работите не се толку оптимистички. Имено најголемиот дел од овие милијарда вакцини, околу три четвртини, се администрирани во рамките на најбогатите нации, додека останатиот дел од светот каска, што поради немање пари, што поради немање усет за навремена набавка (погодете каде сме ние ).
Научниците повеќе пати досега укажуваа дека ако сакаме да ја зауздаме пандемијата, ќе треба да се вакцинира 75% од глобалната популација. Во моментов сме изминале само една десетина од патот што треба да се изоди за да ја надминеме акутната фаза од пандемијата, но нееднаквата дистрибуција на вакцините се заканува да го забави прогресот кон крајната цел – ‘нормализација’ на животот на планетата.
Во светски рамки бројот на новоинфицирани е најголем од почетокот на пандемијата, просечно во изминатите две недели секојдневно се дијагностицираат по 800 000 нови заразени со ковид. Истовремено расте и бројот на починати.
Како што укажуваат стручњаците, ако сакаме да ја надминеме оваа акутна фаза на пандемијата потребно е секаде во светот со исто темпо да се вакцинираат здравствените работници од првите редови, лекарите, повозрасните луѓе и секако сите оние за коишто постои зголемен ризик дека при евентуална зараза ќе завршат во болница.
Сè дури вирусот неконтролирано се шири, постојат услови за изнедрување на нови варијанти, нешто што и сега се случува, со што се загрозува ефикасноста на вакцините. Лаконското оставање на посиромашните држави на цедило, на милост и немилост на беснеењето на вирусот, не е само проблем на погодените држави, туку проблем на целиот свет. Оттаму обезбедувањето еднаков пристап до вакцините против ковид-19 е во инерес на сите, и на сиромашните и на богатите.
Со цел да го намали диспаритетот помеѓу земјите СЗО, Гави алијансата за вакцини и Коалицијата за Епидемиска спремност за иновации (CEPI) го создадоа системот КОВАКС, којшто теоретски требаше да обезбеди рамномерна дистрибуција на вакцините насекаде во светот. Но, иако по овој систем досега се дистрибуирани околу четири милиони вакцини кон земјите со низок и среден приход, ова е само капка во океанот. Одредени земји несебично донираа одреден број вакцини за земјите кои имаат поголема потреба од нив, но овие примери се ретки а подарените количества се мали.
Изминатава недела започна сè погласно да се разговара за можноста патентните права за вакцините да се стават во мирување, но ова не им е по волја на дел од фармацевтските компании. Ослободувањето од правото за интелектуална сопственост на процесот за производство на вакцини ќе овозможи тие да се произведуваат во поголем број компании и земји, што секако ќе придонесе до побрза дистрибуција. Засега само руската вакцина ќе започне да се произведува надвор од границите на матичната држава и фармацевтска компанија. На другите останува да го ‘фатат чекорот’, ако сакаат.