Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 7.5.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 07.05.2021 - 15:30

Во денешниот времеплов славиме 75 години од основањето на технолошкиот гигант Sony, компанија заслужна за воведувањето на повеќе револуционерни производи од областа на аудиот и информатиката, го одбележуваме рускиот ден на комуникациите и меѓународниот ден на безбедносните лозинки (да и тоа го има wink ) ...

7.5.1946 – Основана е корпорацијата Сони (Sony)

Компанијата била основана од Масару Ибука (Masaru Ibuka) и Акио Морита (Akio Morita) во 1946 година како Токио Цушин Когјо (Tokyo Tsushin Kogyo) односно Токиска телекомуникациска инженерска корпорација, скратено Тоцуко (Totsuko). Ибука, чијашто компанија Јапонски прецизни инструменти ja снабдувала со електронски уреди Царската јапонска армија, и Морита, инструктор за применети науки, се сретнале за време на Втората светска војна како инженери кои дизајнирале ракети. Двајцата работеле заедно во следните 40 години во она што се нарекува една од најпродуктивните врски на деловната историја“. Генијот на Ибука за развој на производот и мајсторството на Морита за деловно управување и маркетинг го претвориле Сони во едeн од најпознатите брендови во светот. Името во старт било замислено дека е меѓународен, а не јапонски термин. Сони, кое станало официјално име за компанијата во јануари 1958 година, потекнува од латинскиот збор сонус (звук).

Првиот потрошувачки производ на компанијата бил електричен шпорет за ориз. Иако овој производ слабо се продавал, компанијата имала успешна деловна активност за поправка на радија и друга електрична опрема. Нејзиниот ангажман во доменот сервисирање за јапонскиот јавен радиодифузер (NHK), морал да биде одобрен од американската окупациска армија. Ангажманот подоцна и овозможил на младата компанија да отварори повеќе нови работни места. Во 1950 година, Тоцуко го претставила првиот магнетофон дизајниран во Јапонија, но и оваа потрошувачка ставка не се продавала добро. Во 1952 година Ибука ги посетил САД и ги воспоставил првичните контакти за лиценцирање на транзисторски приемник од Лабораториите Бел, тогаш оддел на компанијата Вестерн електрик, производниот дел од компанијата АТ&Т (Американскиот телефон и телеграф). Следната година и Морита отишол во САД и потпишал договор со Вестерн електрик. Овој договор довел до првата исклучително успешна линија на производи на Тоцуко – транзисторски радија. Иако Texas Instruments Incorporated бил прв на пазарот со своето транзисторско радио Regency во 1955 година, џебните радија TR-63 од 1957 година на Сони биле огромен успех и донеле меѓународно признание на компанијата.

Многубројни се производите што Сони ги има лансирано. Само да се потсетиме на МД-5 првиот потполно транзисторизиран  десктоп калкулатор (1964). Во 1968 година компанијата ја испорачала својата прва телевизија во боја Тринитрон, првиот снимач со видео во боја (видео рекордер) (1971), свој VHS  (1988).

Во 1979 година, преносливиот касетофон Сони Вокмен (Walkman) се појавил на пазарот. Иако инженерите на Сони биле скептични во однос на дизајнирање на уред што може  само да репродуцира и да не снима. Вокменот станал меѓународна сензација и на крајот се продале стотици милиони единици.

Првиот репродуктор за компакт дискови (ЦД) се појавил во 1982 година со договор за развој помеѓу Сони и холандскиот производител Филипс Електроникс НВ.

Следната година Сони го претставил првиот камкордер.

Во 1988 година ја купиле CBS Records Group од CBS Inc. со што Сони се здобил со најголемата светска компанија за снимање, а следната година ја купил и Columbia Pictures Entertainment, Inc.

Раните 90-ти години на минатиот век биле тешки години за Сони.  И покрај деловните превирања, продолжил да дизајнира и испорачува нови производи. Во 1994 година, одделот за забава ја претставил својата конзола за видео игри PlayStation на јапонскиот пазар. Друг голем центар за профит бил Sony Online Entertainment, особено нејзината Интернет игра за виртуелна реалност EverQuest. Забавната група на компанијата исто така ја освоила фантазијата на многу луѓе со своето роботско куче, AIBO, претставено во 1999 година. Во 1997 година, Сони ја вовел линијата за персонални компјутери VAIO. VAIO бил висококвалитетен и скап систем што компанијата им го пласирала на корисниците заинтересирани за развој или играње мултимедијални програми. (Д. М.)

 

7.5.1895 – Ден на радиото (Ден на комуникациските работници) во Руската Федерација

На овој ден, во Санкт Петербург, рускиот научник Александер Степанович Попов (1859 - 1906), пред Руското друштво за физика и хемија го демонстрирал својот пронајдок, радиоприемник, во статијата со наслов „За односот на металните прашоци со електричните осцилации“, објавена на 15 декември 1895 година. Тој не аплицирал за патент за својот пронајдок.

Работата на Попов како наставник во руско поморско училиште го поттикнало да истражува електрични феномени со висока фреквенција. На 7 мај 1985 година, тој презентирал нацрти на безжичен детектор за молња што го конструирал користејќи кохерер за откривање на радиошумот при удар на гром (coherer – примитивна форма на радиодетектор, т.е. стаклена цевка која содржи метални струганици меѓу двете електроди. Во нормални услови, отпорноста меѓу електродите е многу голема. При влијание на електромагнетен бран, отпорноста нагло се намалува и постои целосна спроводливост на струјата, со што се открива присуството на сигналот). На 24 март 1896 година пренесувал радиосигнали меѓу два објекта во кампусот, меѓусебно оддалечени 250 метри. Работата на Попов била заснована на откритијата на физичарот Оливер Лоџ (Oliver Lodge), кој во јуни и август 1894 година одржал јавни предавања за Херцовите електромагнетни бранови и прв во светот извел успешни демонстрации на радио пренос.

Овој ден во поранешниот Советски Сојуз, а денес во Руската Федерација се слави како Ден на радиото, или Ден на работниците во телекомуникациите и како Ден на радиотелевизијата во Бугарија. (Д. М.)

 

7.5.секоја година – Светски ден на лозинките

Тие се чудни, комплексни, ги има насекаде и ги забораваме многу повеќе отколку што знаеме. Не, не зборуваме за годишнини. Зборуваме за вашите лозинки!

Лозинките се стари речиси подеднакво колку и потребата на луѓето да чуваат тајни. Сепак, кога ќе се спомене зборот лозинка, повеќето помислуваат на зборот што го впишуваме како корисничко име или е-пошта на сите веб-страници каде што се бара тоа. Но, долго пред тоа, тие играа подеднакво важна улога, особено во шпионажата и во тајните друштва. Кога сакате да се осигурате дека лицето со кое разговарате е лично испратено од вашата организација, ќе ги прашате за лозинка!

Тајните организации како масоните и другите братства, исто така, честопати барале лозинки пред да пропуштат некого низ врата.

Денес, на ваквите работи многу помалку се обрнува внимание, но дигиталната заштита стана апсолутно важна за нашето секојдневно постоење. Понекогаш само го штити нашиот идентитет на нашиот омилен веб-форум, или на пример заштита на профилот на Фејсбук, кој речиси секој го има.

Светскиот ден на лозинката служи за да ја разбуди свеста на луѓето дека грижата за лозинките е од суштинско значење за заштита од кражба на идентитетот. Постои застрашувачка статистика за моменталната состојба на безбедноста на лозинките. “Бизнис инсајдер“ направил истражување за да утврди колку се ранливи сметките и открил дека 10 000 од најчестите лозинки овозможуваат пристап до 98% од сите сметки. Со други зборови, повеќето луѓе користат исти лозинки – и ги користат истите со години.

Организаторите на Светскиот ден на лозинката исто така ја поттикнуваат идејата за двофакторска автентикација. Како личност со компјутерски писменост, веројатно веќе сте го сретнале овој концепт. Идејата е да се користат две форми на безбедност за да се потврди дека вие се обидувате да пристапите до вашата сметка, а не на некој друг.

Двофакторната автентикација може да има најразлични форми. Најчесто, тоа вклучува употреба на редовна лозинка и потоа испраќање на предупредување до вашиот телефон за да потврдите дали навистина вие се најавувате. Ако не е така, тогаш можете да го одбиете барањето за најавување и промена на вашата лозинка.

Ќе биде интересно да се види како Денот на лозинката се развива со времето. Во моментов, една типична лозинка вклучува букви, броеви, промени во големината на буквите и симболи, но не може секогаш да биде така во иднина. Којзнае како квантните компјутери и вештачката интелигенција ќе ја променат играта? Само ќе треба да почекаме и да видиме. (И. З.)

Клучни зборови:
Масару Ибука и Акио Морита, основачите на Сони

Масару Ибука и Акио Морита, основачите на Сони 

Масару Ибука и Акио Морита, основачите на Сони

Масару Ибука и Акио Морита, основачите на Сони 

Првиот производ на компанијата Тоцуко, којашто ќе прерасне во гигантот Сони, бил електричен самовар за ориз. Производот поминал без некој поголем комерцијален успех

Првиот производ на компанијата Тоцуко, којашто ќе прерасне во гигантот Сони, бил електричен самовар за ориз. Производот поминал без некој поголем комерцијален успех (извор: википедија)

Првиот магнетофон од јапонско производство бил создаден во погоните на Сони

Првиот магнетофон од јапонско производство Sony G type бил создаден во погоните на Сони во 1950 година. Уредот бил неверојатно масивен и според кажувањата биле потребни двајца за да го кренат. (извор: историја на инженерингот)

Првиот производ на Сони којшто ќе има огромен интернационален успех – транзисторското портабл радио TR-730

Првиот производ на Сони којшто ќе има огромен интернационален успех – транзисторското портабл радио TR-730. На фотографијата е модел од 60-тите години. (извор: википедија)

Производот Вокмен од Сони ќе го промени начинот на слушање музика, претворајќи го чинот во длабоко лично искуство. Од своето создавање до денес овој производ ќе се продаде во милиони и милиони примероци.

Производот Вокмен од Сони ќе го промени начинот на слушање музика, претворајќи го чинот во длабоко лично искуство. Од своето создавање до денес овој производ ќе се продаде во милиони и милиони примероци.

Онлајн платформата и играта Еверквест на компанијата и носат милионски заработки

Онлајн платформата и играта Еверквест на компанијата и носат огромна заработка од самиот почеток

АИБО – првиот пес-робот од Сони

АИБО – првиот пес-робот од Сони

Првиот персонален компјутер којшто ја доби ознаката VAIO

Првиот персонален компјутер којшто ја доби ознаката VAIO

Александер Степанович Попов  (1859 - 1906

Александер Степанович Попов  (1859 - 1906)

Шема од приемникот на Попов

Шема од приемникот на Попов