Во денешниот времеплов го славиме лансирањето на првиот американец во вселената, што се случи пред точно 60 години. Покрај ова го одбележуваме регистрирањето на првиот патент запишан под името на една жена, како и лансирањето на култната видео-игра Волфштајн 3Д...
5.5.1961 – Прв Американец во вселената
Алан Шепард помладиот (Alan Bartlett Shepard Jr.), беше лансиран во вселената со ракетата Редстоун од Кејп Канаверал, Флорида. Во капсулата Слобода 7 (Freedom 7) тoj ќе оствари 15-минутен лет во вселената и ќе стане вториот човек кој бил во космосот и прв Американец кој го направил овој подвиг.
За разлика од 108-минутниот орбитален лет на Гагарин во вселенското летало Восток коешто беше за трипати поголемо Слобода 7, летот на Шепард следеше суборбитален траекторија, достигнувајќи максимална височина од 187,4 километри, по што капсулата контролирано падна во водите на Атлантикот. Но, летот на Шепард се разликуваше од оној на Гагарин и по тоа што Шепард, за разлика од Гагарин, имаше извесна контрола врз управувањето на својата вселенска капсула. Милиони американци го следеле преку директен ТВ-пренос лансирањето на Шепард во вселената. Но, она што останало скриено од очите на јавноста, барем одредено време, е “вонредната состојба“ непосредно пред лансирањето која настанала поради неверојатен превид во дизајнот на вселенскиот костум на Шепард. Имено, бидејќи било планирано целото патување да трае само петнаесетина минути, костимот на Шепард немал однапред предвидено решение за елиминација на телесните течности. Одложувањата на лансирање го продолжиле времетраењето предвидено за летот за цели осум часа, што е оптоварување на мочниот меур на секој човек. За да не дојде до целосно одложување на настанот Шепард бил принуден да ја испразни бешиката во костумот, по што предизвикало куса врска на приклучоците на медицинските сензори, што оневозмило контрола на состојбата на астронаутот во лет. По овој лет Шепард, по препорака на НАСА, производителот на вселенски костими, Б. Ф. Гудрих, во костумот вградува можност за собирање на телесен отпад. Веќе следниот американец во вселената, Џон Глен, ќе има ваков костим. (Н. С.)
5.5.1809 – Мери Кис стана прва жена која поседува патент
На Мери Кис (Mary Dixon Kies) и биле одобрени патентните права за специфичната техника за плетење сламени шапки со користење на свила и конец. Одобрението за патентот на 5 мај 1809 година било потпишано лично од тогашниот американски претседател, Џејмс Медисон.
Поради Наполеоновите војни во Европа, САД вовеле ембарго на тргувањето со Франција и Велика Британија, со што се создала потреба од создавање домашно производство за шапки. Домашната американска индустрија за преработки од слама ја пополнила оваа празнина. Така, само во една година во државата Масачусетс биле произведени шапки во вредност од 500 000 американски долари (со денешна вредност од 9 милиони долари).
Мери Кис не била единствена жена-иноватор на ова поле. Во 1798 година една друга жена, Бетси Меткаф ќе креира нов метод за плетење на сламата. Методот ќе стане мошне популарен и таа ќе вработи голем број жени за изработка на нејзините шапки, зачнувајќи го индустриското производство на шапки во Америка. Но, иако можела побара патентна заштита за нејзината техника, слично како и повеќето жени од тоа време, коишто немале законско право на сопственост, Меткаф избрала да не ја патентира техниката. Мери Кис прва се осмелила да го напушти ова непишано правило.
Техниката на Кис била извонредна за изработка на нискобуџетни шапки наменети за носење при секојдневната работа. Примената на незината техника ја поттикнала шапкарската економија во нејзиниот регион којашто западнала во криза по воведувањето на ембаргото. Но, за жал, оваа приказна нема среќен крај. Со менливоста на модата набргу побарувачката за сламени шапки ќе опадне, па Кис не можела да профитира од нејзиниот изум и ќе почине во сиромаштија во 1837 година. Во пожарот на канцелариите на Американското патентно биро во 1837 година ќе исчезне и оригиналното досие со нејзината патентна пријава.
Сепак, во 2006 година Мери Кис ќе добие свое место во Американската Аула на славни пронаоѓачи. (Н. С.)
5.5.1992 – Претставена играта Wolfenstein 3D
Компанијата Id Software ја пушти во продажба играта Wolfenstein 3D, прва игра каде целото оригинално сценарио се гледа од прво лице. Играта е направена за ДОС компјутери. Wolfenstein 3D веднаш постигнува огромен успех, носејќи софтверска лавина од игри и зачнува цел жанр на игри каде играчот, опремен со оружје, го гледа и се движи низ виртуелниот свет како со свои очи. Ако овие неколку реда ја заскокоткаа вашата љубопитност, играта денес е достапна за iPod Touch, iPhone или iPad, па ако имате соодветен хардвер може да ја испробате. Сите останати може да погледнете исечоци тука (И. З.)