Во овој втор дел од празничниот времеплов ги славиме родендените на германскиот хемичар и физичар Хајнрих Густав Магнус, американскиот теоретски физичар и нобеловец Стивен Вајнберг, и американскиот педијатар Бенџамин Спок, кој донесе ново разбирање за начинот на којшто децата треба да се негуваат и воспитуваат. Покрај ова одбележуваме и 57 години од претставувањето на првата програма напишана во Basic...
1.5.1964 – Прва програма напишана во Basic
Џон Г. Кемени (John G. Kemeny) и Томас Е. Курц (Thomas E. Kurtz) навистина придонеле во основите на компјутерската наука. Во 1964 година, овие двајца професори од колеџот Дартмут ја составија првата програма на нивниот нов јазик, Basic.
Сè започнало кога математичарите Кемени и Курц се обиделе да ги направат компјутерите подостапни за нивните студенти на додипломски студии. Па, двајцата професори во 1956 година се нафатиле да создадат едноставни јазици за програмирање.
Производ од ова се експериментите со DARSIMCO (Dartmouth Simplified Code) и DOPE (Dartmouth Oversimplified Programming Experiment). Експертскиот експеримент покажал дека во DARSIMCO сè уште бил преоптоварен со програмирање, додека DOPE бил премногу едноставeн за да биде од голема корист. По ова било експериментирано со тогаш достапните компјутерски јазици, Фортран и Алгол, кои се покажале пресложени така што барале професионално знаење за нивна употреба. Но, Кемени и Курц го искористија она што го научија од експериментите и набргу ја создадоа првата верзија на Basic, којшто за основа го има програмскиот јазик Фортран. (И. З.)
2.5.1802 – Роден е Хајнрих Густав Магнус, германски хемичар и физичар
Хајнрих Густав Магнус (Heinrich Gustav Magnus, 1802 – 1870) бил познат германски експериментален научник. Тој не го користел своето прво име и во текот на животот бил познат како Густав Магнус. Роден е во Берлин во еврејско семејство. Во младоста добил приватна настава по математика и природни науки. На Универзитетот во Берлин студирал хемија и физика (1822 – 1827). Се стекнал со докторат во 1827 година со тема за елементот телур. Потоа се усовршувал како гостин истражувач во лаборатории во Стокхолм и Париз. Поради тоа стекнал врвно образование во експерименталната наука кога во 1831 година бил назначен за предавач по физика и технологија на Универзитетот во Берлин. Во 1834 г. станал доцент, во 1845 г. редовен професор, а подоцна и декан. Како наставник неговиот успех бил извонреден. Неговите експериментални демонстрации привлекувале многу млади талентирани студенти кои подоцна станале познати имиња во историјата на хемијата и физиката.
Магнус објавил 84 трудови во истражувачки списанија. Од 1825 до 1833 главно бил окупиран со хемиски истражувања. Ова резултирало во откривањето на првата група на платино-амониумски соединенија (зелена сол на Магнус). Тој бил првиот што ги идентификувал трите сулфо киселини:алкил сулфурна, етионска, изетионска и нивните соли. Истражувањата по 1833 година вклучуваат: апсорпција на гасови во крвта (1835 – 1845), проширување на гасови со топлина (1841 – 1844), притисок на пареа на вода и разни раствори (1844 – 1854), термоелектричност (1851), електролиза на метални соли во раствор (1857), електромагнетна индукција на струја (1858 – 1861), апсорпција и спроведување на топлина во гасови (1860-ти), отклонување на проектилите од огнено оружје (Магнусов ефект).
Магнус бил експериментатор, а не теоретичар. Починал на 4 април 1870 година на 67 годишна возраст. (Д. М.)
2.5.1903 – Роден е Бенџамин Спок
Бенџамин Спок (Benjamin Spock) е американски педијатар, познат по неговата мошне влијателна работа на полето на нега и воспитување на децата. Неговата книга “Нега на бебињата и децата” е преведена на 39 јазици и е продадена во над 50 милиони примероци, а беше достапна и на просторите на поранешна Југославија.
Татко му бил истакнат адвокат кој вредно работел и поставил високи стандарди во семејството. Младиот Бенџамин ги усвоил овие стандарди и се запишал најнапред на академијата Филипс во Масачусетс, а потоа на Јејл каде студирал книжевност и истторија. Во текот на две година на Јејл студирал и медицина, за потоа да се префрли на Колеџот за лекари и хирурзи на Универзитетот Колумбија, каде дипломирал како најдобар во класата.
За време на специјализацијата Спок дошол до заклучок дека честопати лекарот и пациентот не се разбираат доволно. Ова го поттикнало следните шест години да се посвети на проучувањето на психоанализата. Бил прв педијатар којшто студирал психоанализа со цел да ги разбере потребите на децата.
Бил активист на Новата левица и се залагал против војната во Виетнам. Бил одличен спортист, за што сведочи олимпиското злато коешто го освоил како дел на американската веслачка екипа на осмерец на Олимписките игри во Париз.
Во повоена Америка, Спок се трудел да докаже дека родителите всушност се вистински експерти во познавањето на своите деца и дека треба повеќе да им веруваат на своите чувства. Колку што повеќе разговарал со родителите и го проучувач психолошкиот и емотивен аспект од растењето, толку повеќе бил убеден дека се погрешни методите со коишто лекарот се служи во неговиот однос кон пациентот.
Дотогаш важело правилото дека доенчето ќе биде разгалено ако се зема во раце при плачење. Спок инсистирал дека напротив, со земањето во раце ќе се зацврсти чувството на саканост и прифаќање коишто ќе му обезбедат на детето подобра основа за понатамошниот живот. Наместо препораки со строги правила, за родителите имал молба да бидат досетливи, креативни и да ја препознаат и негуваат индивидуалноста на нивните деца. (Н. С.)
3.5.1933 – Роден е Стивен Вајнберг
Стивен Вајнберг (Steven Weinberg) e американски теоретски физичар познат по својата работа во физиката на честички, теорија на квантното поле, гравитацијата, суперсиметријата, суперструните и космологијата, како и теоријата наречена Техниколор. Во 1979 година тој ја добива Нобеловата награда за физика за неговиот придонес во Обединувачката теорија за слабата нуклеарна сила и електромагнетската интеракција помеѓу елементарните честички.
Во 1966 година Вајнберг го предлага неговиот модел на обединување на електромагнетизмот и на нуклеарната слаба сила, со објаснување на масите на носителите на сила од слабиот дел на интеракцијата преку спонтано кршење на симетријата, а во чија основа е предвидувањето за постоење на Хигсовиот бозон. Моделот добива потврда во 1973 година, со откривањето на слабите неутрални струи. Трудот со којшто Вајнберг ја претстави оваа теорија е едно од најцитираните теоретски дела од високоенергетската физика. (Н. С.)