Рубрика: Енергетика
Емисиите од штетни стакленички гасови се вратија на рекордно ниво
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 28.04.2021 - 22:45

Лоша вест – по ланската пандемиска пауза, емисиите на стакленички гасови пораснаа, достигнувајќи досега невидено ниво. Добра вест е тоа што употребата на обновливи извори подеднакво се зголемува.

Добрите вести за договорот потпишан помеѓу институциите на Европската унија за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55% во споредба со нивото од 1990 година, останаа поматени со една помалку добра вест. Имено, Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) го објави својот годишен извештај во којшто се проценува дека оваа година, емисиите на јаглерод диоксид ќе се зголемат за речиси 5% во споредба со 2020 година, достигнувајќи количина од 33 милијарди тони испуштени во атмосферата. Ова драстично ќе го смени минатогодишниот тренд кога емисиите се намалија како резултат на пандемијата и сеопфатните карантини.

Фатих Бирол, извршниот директор на МАЕ изјавил дека “Оваа година се очекува зголемување од 1,5 милијарди тони на глобалните емисии на јаглерод” и дека трендот ”главно ќе бидe поврзан со зголемeната употреба на јагленот како гориво во енергетскиот сектор.” Според Бирол  се работи за страшно предупредување и знак дека економијата, којашто е на пат да закрепне по пандемиската криза, е мошне далеку од одржлива во поглед на нејзиното влијание врз животната средина. “Ако владите ширум светот не се обединат во брзо спречување на новото зголемување на емисиите, сосема е веројатно е дека во 2022 година ќе се соочиме со уште полоша состојба.


МАЕ извести дека побарувачката за јаглен се зголемила за 4,5%, со што таа се приближи до историски највисокото ниво од 2014 година. Три четвртини од ова зголемување ќе биде последица од порастот на побарувачката на енергија.

Четири петини од вкупната побарувачка на јаглен ќе доаѓа од Азија, од што најголемиот дел за Кина, иако мора да се каже дека и побарувачката за Европа и САД бележи пораст. Порастот на потрошувачката на јаглен ќе го засени порастот на употребата на енергија од обновливи извори, а се очекува придонесот од ваквите извори да забележи пораст од 8% во производството на електричната енергија. МАЕ предвидува дека сончевата енергија и енергијата од ветер ќе забележат најголем годишен пораст од околу 17%. Се очекува дека 30% од производството на електрична енергија во светски рамки да потекнува од обновливи извори, што е повисок процент споредено со 2019 година, кога од обновливи извори биле произведени 27% од енергијата во светот. Позитивно е тоа што половина од ова зголемување на употреба на обновливите извори се случува во Кина.

Како стојат работите со побарувачката за нафта? Според МЕА таа силно ќе расте, иако агенцијата очекува дека сепак ќе остане под нивото на коешто беше пред пандемијата, што воглавно се должи на потребниот големиот временски период на опоравок на воздухопловниот превоз како индустриска гранка. Деновиве цената на нафтата се врати на пред-пандемиската вредност и таа чини околу 62 долари за барел, но во текот на минатата година нејзината цена во еден момент (27 април 2020 година) падна на вредност помала од 13 долари за барел. На крајот од минатата 2020 година цената на еден барел нафта изнесуваше околу 40 долари и оттогаш таа постојано е во пораст.

Клучни зборови: