Во денешниoт времеплов одбележуваме 40 години од претставувањето на првиот современ компјутерски систем, 230 години од раѓањето на американскиот уметник и пронаоѓач Семјуел Морзе, и точно 500 години од несреќната погибија на португалскиот истражувач и морепловец Фернандо Магелан...
27.4.1981 – Претставен првиот современ компјутерски систем
Компанијата Xerox го претстави Xerox 8010 Star Information System, првата комерцијална работна станица којашто во себе вклучи низа денес вообичаени технологии, како што се битмапен дисплеј, графички интерфејс заснован на прозорци, фолдери, компјутерско глувче (маус) со две копчиња, етернет мрежа, фајл сервери, принт сервери и е-пошта.
Моделот 8010, попознат како Star, беше насочен кон деловниот пазар и не доживеа особен комерцијален успех. Но и покрај комерцијалниот неуспех напредниот концепт на Star поттикна многумина да преземат барем дел од неговите технологии и да ги инкорпорираат во нивните производи. Така членови на инженерскиот тим на Apple Lisa, по нивната средба со Star на Националната компјутерска конференција во 1981, го преработуваат декстоп менаџерот на Cupertino, со фолдери по примерот на Star. Мајкрософт истата година ја развива првата верзија на MS Word (3.0) исто со помош на еден од софтверските инженери коишто претходно работеле во Xerox. (И. З / Н. С.)
27.4.1791 – Роден е Семјуел Морзе
Семјуел Финли Бриз Морзе (Samuel Finley Breese Morse) е американски уметник и пронаоѓач познат по своите два најзначајни патенти – електричниот телеграф и Морзеовата азбука.
Роден е во Чарлстаун, Масачусетс, а се школувал на Универзитет во Јејл. Учи да црта во Лондон и станува успешен сликар на портрети, достигнувајќи голем успех како еден од најголемите национални уметници во свое време. Истовремено бил и добар вајар.
Во 1826 година станал првиот претседател на Интернационалната Академија за Дизајн во Њујорк. Некаде во тоа време се заинтересирал за хемиски и електрични експерименти и инструменти и започнал со правењето на електромагнетниот телеграф, што целосно успеал да го конструира и комплетира во 1836 година, кога имал 45 години. Истовремено, со самото комплетирање на оваа иновација тој измислил и кодирана азбука, која денес е позната како Морзова азбука, токму во негова чест. На 4 септември 1837 година, во присуство на поголем број научници, Морзе со успех ја демонстрира работата на телеграфот. (Н. С.)
27.4.1521 – Домородното население од островот Мактан го убива Фернандо Магелан
Фернандо Магелан (Fernão de Magalhães) е португалски морепловец и истражувач кој пловел под шпанско знаме. Тој е првиот кој отпловил од Европа до Азија пловејќи кон запад, прв европјанин кој го преминал Тихиот Океан и ја предводел екпедицијата која прва ја обиколила Земјината топка.
Иако Магелан трагично го загубил животот на Филипините, пред враќањето во Европа, осумнаесет членови на неговиот тим се вратиле во Шпанија во 1522 година, комплетирајќи го кругот околу Земјината топка.
Магелан стапил во служба на кралот на Шпанија и ја повел експедицијата од 5 бродови чијашто цел била откривање на нов поморски пат до Азија; 1519./1520. го испитал југоисточниот брег на Јужна Америка, а во 1520 го открил теснецот (подоцна наречен Магеланов), преку којшто стасал до големиот океан кој го нарекол Тихи Океан (Пацифик), бидејќи во него не доживеал бура како во Атлантскиот океан. 1521 година пристигнува на Филипинските острови каде тргуваат со дел од домородното населени, се снабдуваат со намирници за патувањето назад и се обидуваат да ја шират христијанската религија, со убедување но и со меч. Жителите на островот Мактан жестоко се спротиставуваат и го убиваат Магелан со отровна стрела.
Експедицијата го продолжила патот околу светот, кој траел до 1522 година. Во Шпанија се вратил само бродот “Викторија“ со 18 луѓе, под водство на Себастијан дел Кан. Со ова прво патување околу светот, очигледно е докажано дека Земјата има топчест облик. Магелан ќе остане запаметен по многуте патувања со кои ќе донесат одговори на многу прашања кои дотогаш биле без одговор. (Н. С.)