На пазарот веќе подолго време може да се набават мерачи со одлична цена со коишто секој што сака може да ја провери потрошувачката на електрична енергија на разни електрични уреди.
Со мерачот претставен во овој напис може да се измери моменталната потрошувачката на електрична енергија на уредот кој е приклучен на него. Исто така, може да се измери вкупната потрошувачка на електрична енергија во текот на некој временски период. Освен тоа мерачот го покажува напонот (моментален и максимален), јачината на струјата (моментална и максимална), факторот на моќност, електричната моќност (моментална и максимална) и потрошената електрична енергија за определен период.
Јас го купив преку интернет, порачувајќи го од популарниот АлиЕкспрес по цена од околу 11 евра.
Со овој уред ја мерев потрошувачката на електрична енергија на повеќе електрични уреди. Неговата точност и прецизност ја проверив така што на него приклучував уреди со позната електрична моќност.
Во продолжение ќе ги прикажам измерените вредности на потрошувачка на електрична енергија на клима-уред од марката NEO со декларирана моќност од 3,5 kW (12000 btu).
Во приложените карактеристики за овој клима-уред можеме да прочитаме дека декларираната топлинска моќност при греење изнесува 3,2 kW, при потрошувачка од 1,1 kW електрична моќност.
Најнапред го измерив напонот додека клима уредот работи. Напонот изнесуваше 211V. Во зима, кога сите соседи имаат вклучено по некоја електрична греалка, напонот е помал од 220 V.
Моменталната електрична струја што течеше низ клима уредот додека тој работеше на максимална моќност во режим на греење, изнесуваше 4,71 A. Максималната електрична струја во некој момент откога го приклучив мерачот изнесувала 4,73 А.
Моменталната електрична моќност на клима уредот кога е вклучен на максимална моќност во режим на греење изнесуваше 971,5 W. Максималната електрична моќност на клима уредот во режим на греење во временскиот период откога беше вклучен мерачот изнесуваше 980W.
Фреквенцијата на наизменичната струја беше точно толку колку што треба да биде: 50 Hz. Факторот на моќност во моментот на фотографирањето изнесуваше 0,99.
Во време кога клима уредот работи во обратен режим (dF = defrost), за да ја одмрзнува надворешната единица, потрошувачката беше 530 W
Вакви слични мали и практични уреди произведуваат многу фирми, па така по достапна цена можат да се најдат и во повеќе наши продавници, како на пример овој или овој. Со мало пребарување на интернет лесно ќе може да најдете некој што ќе може и вие да го користите.