Рубрика: Биологија
Зошто во сапунот не треба да има антибиотици!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.04.2021 - 14:15

Ако купувате антибактериски сапун, живеете во голема заблуда, затоа што она што ги штити вашите раце е сапунот, а не антибактериската состојка.

Веројатно како и многумина тргнувате од претпоставката дека производот за чистење со назнака антимикробски или антибактериски претставува побезбедна, односно похигиенска понуда за истата работа. Но, како што стојат работите, се чини дека не постојат докази дека дополнителните супстанции во овие производи ја подобруваат хигиената на рацете. Од друга страна тие придонесуваат за еден мошне опасен проблем – антибиотската отпорност на микроорганизмите.

Во пандемиските години ја усовршивме техниката на миење раце – на сите места и насекаде, со сè и сешто. Но, кога станува збор за ефективноста во уништувањето на патогените, обичниот сапун со ефективност од 100% е неприкосновен.

Зошто бактериите не можат да изградат отпорност кон нормалниот сапун? Одговорот на ова прашање лежи во начинот на којшто сапунот функционира, односно како тој ги чисти нашите раце.

При миењето на рацете, сапунот ги разложува нечистотиите и мрснотиите коишто ги задржуваат бактериите и вирусите на вашата кожа, па така тие заедно со нив завршуваат во одводот. За разлика од антибиотиците сапунот не користи молекуларен туку едноставен физички процес и токму поради тоа не поттикнува создавање на супербактерии. Со оглед на тоа што сапунот го користиме повеќе од илјада години, а досега не се појавиле патогени кои би станале отпорни на него, оваа информација е мошне утешна.

Додавањето на антибиотици во сапунот не го менува начинот на којшто тој делува, дополнителните антибиотски состојки не ја зголемуваат неговата ефикасност и не нудат поголема заштита од миењето раце со обичен сапун. Но, со тоа што овозможуваат на бактериите од вашите раце да станат отпорни на нив, и имајќи предвид дека водата од домашните одводи на крај завршува во речните сливови, состојките ја поттикнуваат антибиотската отпорност на микробите и понатаму во ланецот.

Во 2016 година американската Агенција за храна и лекови ја забрани употребата на вкупно 19 антимикробски состојки кои редовно се користат во производството на сапуните. Одлуката била донесена врз основа на тоа што немало докази за поголемата ефективност на антибактериските сапуни во миењето. Од друга страна состојките во нив може да имаат повеќе штетни ‘нуспојави’ меѓу кои најопасна е веќе споменатото создавање отпорност на бактериите кон антибиотиците. Но, на други места во светот, антибактериските сапуни сè уште ги содржат овие супстанции.

По американците сопствена стратегија за намалување и конечно укинување на користењето антибиотски состојки донесоа и австралијанците. На европско тло, барем во рамките на ЕУ, слична стратегија постои од средината на 2016 година, а веќе од 2017 започнува и нејзината имплементација. Покрупни чекори се направени минатата година со одлуки за кампања за подигање на свесноста на граѓаните за антибиотската резистентност, намалување на инвестициите во несоодветно користење на антибиотиците, основање на телото HERA (Health Emergency Response Authority) кое, меѓу другото треба да ја зголеми и соработката меѓу образовните и државните инстититуции и приватниот индустриски сектор итн.

Како и со сите работи, ние чекаме други да ни кажат што е поздраво за нас.

Клучни зборови: