Во денешнито времеплов одбележуваме 121 година од раѓањето на познатиот сеизмолог Чарлс Рихтер, се сеќаваме на жртвите на катастрофата во Чернобил која се случи пред точно 35 години и го чествуваме Денот на Осмиот патник/Вонземјанинот...
26.4.секоја година – Меѓународен Ден на сеќавање на Чернобилската катастрофа
Катастрофата во Чернобил до денес влијаеше врз животите на многу луѓе ширум Европа. Експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил се смета за најголема катастрофа во историјата на искористување на нуклеарната енергија. Настанот предизвика исфрлање на огромни количини радиоактивен материјал во атмосферата.
Областите во непосредна близина до централата, кои се директно погодени од радијацијата предизвикана од експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил, се смета дека ќе останат озрачени и ненаселиви најмалку 150 години.
Како што напоменавме, оваа катастрофа е една од најтешките и најопасните во историјата на човештвото. ООН реши дека токму од овие причини овој ден треба да остане засекогаш забележан како ден кога се навраќаме кон минатото и се сеќаваме оваа катастофа, на настаните и случувањата непосредно по неа, извлекувајќи поуки за иднината. (Н. С.)
26.4.1900 – Роден е Чарлс Френсис Рихтер
Чарлс Френсис Рихтер (Charles Francis Richter) е американски сеизмолог познат по тоа што заедно со неговиот колега Бино Гутенберг (Beno Gutenberg), на почетокот од 30-тите години од минатиот век, ја смислил Рихтеровата скала за мерење на земјотресната магнитуда.
Рихтеровата скала претставува нумерички приказ на енеријата којашто се ослободува при земјотресите. За да го сними движењето на земјата за време на земјотресот Рихтер се служел со сеизмограф, инструмент којшто се состои од нишало или магнет со врв оспособен за пишување, што виси над фиксирана ролна од хартија којашто постојано се одмотува. Рихтеровата скала ја зема предвид и оддалеченоста на инструментот од епицентарот на земјотресот.
Гутенберг предложил скачата да има логаритамски вредности, па така земјотрес со магнитуда 7 е десетпати посилен од оној чијашто магнитуда изнесувала 6.
Во 1974 година Чарлс Рихтер го напишал написот посветен на земјотресите за изданието на Екциклопедија од таа година. (Н. С.)
26.4.секоја година – Ден на вонземјаните
Денот мора да се одбележи од сите љубители на научната фантастика. Зошто? Денот на вонземјаните (Alien Day) е всушност ден кога се одбележува фантастичниот свет што на филмското платно го донесе култното остварување на Ридли Скот, “Alien”, кај нас познат под насловот “Осмиот патник”.
Следејќи ја традицијата воспоставена од други култни филмови од областа на научната фантастика со нивно одбележување на соодветни датуми (4 мај за “Војна на ѕвездите”, 21 октомври за “Враќање во иднината”, итн.), 26 април се зема за Alien Day.
Изборот на датумот, по американски стандарди 4/26, директно се однесува на ознаката на месечината од првиот филм LV-426, место каде во оригиналното остварување од 1979 година за првпат се среќаваме со ксеноморфите. Начини за одбележување има многу, но наш омилен би организирање на филмски маратон со сите целовечерни филмови од оваа франшиза. (Н. С.)