Рубрика: Аудио и видеотехника
Тест: Теохаров аудио – Loudspeaker II Type H
Автор: Ристо Даскалов
Објавено на 26.04.2021 - 11:30

Ексклузивно, пред какво било претставување на јавноста, Емитер ја искористи можноста да реализира слушен тест и на своите читатели да им ги пренесе првите импресии од комплетно новата серија пасивни звучнички системи од Теохаров аудио, наречена Loudspeaker II - Type H.

 

Интро

По неколкунеделно договарање и очекување на финализирањето на новиот модел, на тестирање ни беше испорачан елегантен подностоечки звучник со привлечни пропорции, во таканречена МТМ (mid-bass/tweeter/mid-bass) конфигурација или во конкретниот случај, доследно на рецептот на Теохаров, во ММТ (mid-bass/mid-bass/ tweeter) архитектура. Овој едноставен рецепт на две шестиполки и високотонец со мека калота во класична двосистемска (или сè почесто во 2 ½ системска) конфигурација, употребен во некои од најуспешните звучници во историјата (и сегашноста) на хај-фај и покрај мноштвото интерпретации е секогаш свеж концепт и буди нова желба и енергија за слушање. Морам да додадам дека кога ја добив информацијата дека дури и основната верзија на моделот II што требаше да ја добиеме на тестирање се темели на мојот омилен мид-бас драјвер/и од мојот неомилен дански производител (објаснување во понатамошниот текст) со мембрана од сечена хартија и пречник од 165 mm, исчекувањето прерасна во нетрпение. Моите очекувања од Типот „Х“ беа големи.

Лице в лице

И како што вообичаено се случува, кога нешто очекуваш со нетрпение, сè околу тебе ќе се потруди очекувањетo да трае подолго. Па така, по добиената информација дека парот наменет за тест е подготвен за испорака во договорениот термин, следеше мало непредвидено одложување на испораката, кое не претставуваше проблем, освен фактот дека заменскиот пар беше комплетно нов, без ниту еден час работа, ако не го земеме предвид направеното тестирање по комплетирањето во погонот на Теохаров.

За возврат, испорачаниот примерок беше во прекрасен природен фурнир во светла боја, како извонреден контраст на црната база и на масивната алуминумска предна плоча што ги интегрира трите звучнички единици.

На интернет се наоѓаат многу смешни и воедно многу гледани видеа во кои гордите сопственици ги отпакуваат новонабавените производи, независно дали се звучнички системи, засилувачи, телевизори, велосипеди и што сè не, но ние нема да го правиме тоа и нема да го коментрираме пакувањето на звучничкиот сет затоа што, како што веќе рековме, добиениот пар е прва интерпретација на новата серија и дел од придружните елементи, меѓу кои и пакувањето, сè уште се во фаза на комплетирање. Наместо тоа, би сакал да ги пренесам впечатоците од првата средба. Звучничкиот систем LoudSpeaker II Тип „Хе прекрасен како технолошки елемент којшто треба да го поставите во својот дом, според својата појава, пропорција, комбинација на визуелни елементи и материјали. Тест-примерокот беше во природен фурнир со светла боја, со одлична завршна обработка, масивна предна алуминиумска плоча во црна боја што ја покрива горната половина од дрвениот кабинет, обработена на CNC за да ги покрие рабовите од мид-бас единиците и целиот преден дел на високотонската единица, оставајќи ја видлива и слободна само калотата и, секако, врежаното лого на Теохаров за комплетирање на визуелниот впечаток. На дното од кутијата е интегрирана база од медијапан во црна боја, која на предната и на задната страна ја следи димензијата на кабинетот, а странично е поширока, со што функционално се добива на стабилност на тенкиот и прилично висок кабинет, а визуелно се зокружува пријатната естетика. На задната страна на кабинетот е поставен бас-рефлекс отворот со профилирана цевка и еден пар звучнички терминали. Ако досегашниот впечаток за изработката и дизајнот ве задоволува, можам да ви кажам дека работите стануваат само подобри. За крај на визуелната проверка ќе додадам дека звучничките терминали поставени на алуминумска плочка се NextGen на WBT, а звучничкиот систем е поставен на извонредни (речиси неверојатни за ценовната категорија на системот) Viablue QTC XL шилци со можност за нагодување на височината и нивелација во комплет со подлошки. Вообичаено, ваквиот тип на комплети за изолација и нивелација се таканаречени афтер-маркет дополнувања и се набавуваат како додаток, дури и за најпрестижните звучнички системи, но во Теохаров очигледно сметаат поинаку. Можеме само да го изразиме нашето задоволство.

За почеток одлучив да ги поставам во дневната соба, во окружување каде што најчесто би се нашле. Оваа одлука е мотивирана од две причини, прво сакав да ги поставам во реално окружување каде што нема да репродуцират само музика туку ќе послужат и за репродукција на аудио од филм и ТВ-програма, интернет-содржини, а притоа да им овозможам неколку позиции и второ, имајќи предвид дека по игра на случајот добив сосема нов пар, да им дадам можност да поработат (сеопшто прифатениот локален термин е да се „усвират“) пред да заземат место во главниот систем каде што ќе се одвива примарниот дел од тестот. Како бонус е информацијата што ќе ја добијам за однесувањето на звучничкиот систем во различни акустички средини.

 

Номенклатура

Пред да се осврнеме на искуствата од тринеделното дружење со звучникот II Тип Х, да дадеме неколку информации околу архитектурата и техничките карактеристики на моделот, за што ќе ги употребиме податоците добиени од конструкторот, со оглед на тоа дека Емитер нема да ги објавува своите мерења на звучничкиот систем во оваа практично завршна развојна фаза. 

Како и во престижната серија Тип Ц на пасивни звучнички системи, сите модели од Типот Х се двосистемски, а се разликуваат по тоа дали се работи за конфигурација со две или со една мид-бас звучничка единица. Па така, звучникот II (Loudspeaker II) е модел со две мид-бас паралелно поврзани Scan Speak Revelator 18W/8531G00 единици со пречник од 165 mm поставени во бас-рефлекс кабинет и високотонска единица од истиот производител од серијата Discovery.

Свртницата е асиметрична со LP-филтер со адаптивна Баселова функција од втор ред (12dB/oct), акустичкиот одзив е адаптивен (Bessel/LR)  за да се добие максимално фазно приспособување, односно поларизација на преклопната точка со стрмина нешто поголема од  6dB/октава која расте по преклопната точка. Нелинеарноста во фреквентниот одзив на околу 1 kHz која се јавува поради димензијата на мид-бас драјверите и ширината на кутијата е компензирана акустички со фазно приспособување, односно со позицијата на двете мид-бас единици на предната плоча, како и на нејзината геометрија.

Високотонската единица добива сигнал преку HP-филтер со адаптивна Баселова функција од 3-ти ред, за конечниот акустички одзив до преклопната фреквенција да биде повторно малку поголем од 6 dB/oct. Во акустичкиот одзив на стрмината со која опаѓа високотонската единица има големо влијание геометријата на алуминумската плоча во која е интегрирана високотонската единица.

Според конструкторот, дијаграмот на хоризонтална дисперзија го дефинира високотонската единица и ниската преклопна фреквенција и тој изнесува речиси 30 степени (-3dB на 10kHz), со тоа што дисперзијата се зголемува во пониските фреквенции.

Спрегата на високотонската единица која е поставена најдолу и мид-бас единиците кои се поставени над неа ја одредува повисоко точката на фазна усогласеност поради тоа што се поставени во иста рамнина, па така фазната усогласеност помеѓу LF и HF единиците се наоѓа на приближно 1 m од подот при дистанца од 3 m од звучниот извор. Дополнително, со трапезоидната геометрија во долниот дел на предната алуминиумска плоча е постигната одлична линеарност на горниот дел од фреквенциите во оваа зона. На овој начин, значително се намалени реконструкциските проблеми вообичаени за конфигурации на две мид-бас и високотонска единца.

Во однос на одзивот во најниското фреквенциско подрачје во кое оперира звучничкиот систем, направен е компромис меѓу најниската фреквенција и group delay на системот, па функцијата што ја дефинира долната фреквеција (fmin) е мошне блага (6 dB/oct, помеѓу максимален линеарен одзив и Closed). Дополнително, тјунинг-фреквенцијата на кутијата е повисока од резонатната фреквенција на самите мид-бас единици, што придонесува за одличен импулсен одзив и намалена критична екскурзија на нискотонските единици под тјунинг-фреквенцијата на кутијата (Fb) за сметка на повисока минимална фреквенција на звучничкиот систем.

Како резултат од наведените параметри се добива звучнички систем каде што декларираната ефикасност е 90 dB/2,83V/1m, фреквециски опсег од 35 Hz (на -6 dB), односно од 45 Hz (на -3 dB) до 30 kHz, преклопна фреквенција 2,3 kHz,  декларирана моќност од 140 W (Long-term IEC 18,2) и номинална импенданса од 4 ohm (min 3,5 ohm).

 

SET-UP

За евалуација на звучните карактеристики и можности на Теохаров Тип Х Звучник II користев два интегрирани засилувачи и дури четири излезни засилувачи во комбинација на различни предзасилувачи и дигитални звучни извори.

Првично немав план да користам толку различни типови на засилувачи и/или комбинации, но тестот покажа дека спротивно од она што можат да ве наведат техничките параметри, во реалноста немате никаква претстава за звучничкиот систем сè додека не го ставите во погон. Иако номиналната импенданса е 4 оми и според наведените информации од производителот, звучничкиот систем не се спушта под сигурните  3,5 оми, а ефикасноста е пристојни 90 dB/2,83 V/1m, ова не е звучник за буџет засилувачи со декларирани 40-50 вати по канал. Освен ако не го сместите звучничкиот систем во мала просторија и/или имате специфичен вкус за музика и навики за слушање што не подразбираат повисоки нивоа на SPL (нема да навлегуваме во елаборирање на ова зашто ќе ни треба многу простор), бидете подготвени да обезбедите сериозен засилувач за овој звучник, и тоа не само по својата моќност.

По иницијалниот период од четири дена, претпоставував дека Теохаров е подготвен за посериозна евалуација, па започнав со слушање на позиција во дневна соба која има помал волумен од просторијата во која е главниот систем и вообичаено преставува помал предизвик за звучниците што претходеле. За почеток, звучниците ги поставив на 150 cm од задниот зид, 280 cm помеѓу нив и 350 cm од местото на слушање. Веднаш беше јасно дека комерцијалниот интегриран засилувач не е партнер за Тип Х / 2 и таа конфигурација не се обидов да ја користам повеќе до крајот на тестот. Наместо него го употребив актуелниот супер-амп Arcam SA-30, кој со своите 120/200 Watt по канал, интегриран DAC, стример, комплетен предзасилувач со MM/MC секција и DIRAC систем за корекција на собна акустика (која не ја користев за овој дел од тестот), како и звучни квалитети и ценовна категорија претставува навидум совршен избор. Дводневното слушање со експериментирање со позицијата на звучниците ме доведе до заклучок дека избраниот интегиран засилувач е секако логичен избор за звучникот, но дека претстои сериозна работа затоа што системот сè уште го менуваше својот карактер (односно бараше уште работни часови пред сериозна евалуација), екстремно е зависен од позиција и нема никаква дискусија за тоа дека ќе има придобивка употребата на поголема pre/power amp комбинација. Набргу се покажа дека сум во право по трите точки.

Зависноста од позиција е во согласност со информациите што ги разменивме со Веселин, односно звучникот е предвиден да биде поставен во реален животен простор каде што е мала веројатноста оддалеченоста од задниот ѕид да биде поголема од длабочина на комода за ТВ, односно, приближно 50-60 cm и дека поставеноста на бас-рефлекс отворот како и неговата карактеристика се нагодени на начин каде што релативно малата оддалеченост од ѕидот оди во прилог на комплетирање на одгласот на звучничкиот систем во собата. На овој начин се добива не толку во бас-екстензијата, туку во поголема присутност на најважниот дел од нискотонскиот спектар кој ја прави презентацијата на музиката (да не зборувам за филмскиот звук) пожива и интересна за слушање. Точно е дека за сметка на ова делумно се корумпира презентацијата на детали и илузијата на длабочина, но ништо во светот на звучната репродукција и дизајн не доаѓа бесплатно. Промената на засилувачката секција со pre-power комбинација не направи значителни подобрувања со оглед на тоа дека одличниот SA30 ја поседува сета потребна моќност и рафинираност за дадениот звучнички систем. Напротив, неговата едноставност на one-box решение го прави користењето вистинско уживање и нè доведува најблиску до реалното користење на овој звучнички систем.

По комплетирањето на сите варијанти на поставување, електроника и типови на музички и видеоматријали со кои сакав да ги комплетирам впечатоците за Звучникот 2 на позиција дневна соба, време беше сетот да се премести во собата за слушање, односно на позицијата што е резервирана за мојот главен звучнички систем. Оваа просторија, иако со поголем волумен, има помало време на ревербарација и воедно овозможува поставување на звучничкиот систем во најразлични конфигурации и позиции на слушање, од практично nearfield до релативно голема оддалеченост.

Започнав со реплицирање на иницијалната конфигурација на поставеност од дневната соба, 2,8 метри центар до центар и нешто повеќе од 1,5 метри од задниот ѕид, местото на слушање оддалечено приближно 3,5 метри како за почеток. Музичкиот матријал го форсирав во правец на она за што очекував и се покажа дека е најсилната страна на Звучникот 2 од типот Х, односно неговите две ревелатор мид-бас единици поврзани во паралела, идентично репродуцирајќи се до преклопната фреквенција од 2,3 kHz каде што презема високотонската единица. Со својата добро позната репутација во перфекцијата при репродукција на средни тонови и комбинирана површина од околу 300 cm2, речиси еднаква на 10-инчен драјвер, се надевам ќе ја разберете мојата возбуда и високите очекувања. Токму овој атрибут ги прави уникатни креациите на две 6 ½-ки во двосистемска конфигурација и можам со сигурност да кажам дека примерокот на тест во ништо не е зад оваа репутација при рендерирање на женски вокали, независно дали се тоа сопрани, мецосопрани или контраалти. Звучникот 2 тоа го прави со одлична пластификација на изведувачот и речиси надреална динамика во спрега со ATC P2 засилувачот. Најинтересно е со каква брзина замира тонот по неговото формирање, оставајќи чист канвас на кој се исцртува секој нареден слог од гласовната изведба со недвосмислена артикулација. Опишаното воедно е најсилната страна на овој звучник. Независно дали информацијата е од запис стар повеќе од половина век или запис направен во најсовремена техника на снимање, звучничкиот систем со голема успешност ќе ги претстави и вокалот и средината во која е направена снимката.

Експериментирањето со позицијата ме одведе да се позиционирам во рамностран триаголник на само 2,6-2,7 m од звучниците (очигледно ја намалив и оддалеченоста центар до центар) и независно од препораката за дистанца, оваа конфигурација дава најбалансирана звучна слика. Независно од декларираниот фреквенциски одзив и од препораките, поголемата оддалеченост го изместува балансот во корист на горното средно подрачје кoe e најсилна страна на оваа креација и ги прави машките вокали, особено баритоните, басовите и гласовите со комплексна вокална структура прилично неуверливи. Но во вистинската позиција имате пристојна презентација на речиси секој тип на музика со мониторска прецизност во средното подрачје, но не очекувате екстреми во ниските фреквенции. Одлично одбраните и интегрирани мид-бас единици заслужуваат подобар партнер во високото подрачје, кој ќе успее да парира на рафинираноста на репродукцијата на централниот дел од звучниот спектар. Најдобар резултат во смисла на баланс понуди Arcam-овиот PA240, кој иако моќен далеку над декларираното на звучничкот систем (како и другите засилувачи користени во тестот) му даде на сетот најбалансиран звук. Останатите што ги користев (не мислам на интегрираните засилувачи) се едноставно преаналитични за оваа звучничка конфигурација.

 

Конкуренција

Креаторот поставува тешка задача пред својот нов модел. Иако изобилува со квалитети како употребени материјали, придружни елементи од (многу) висока класа, одлична репродукција во средното подрачје и не помалку важниот, мошне привлечен дизајн, во својот ценовен ранг Тип-от Х ќе треба да се спротистави на звучнички системи идентични/слични по својата архитектура како Proac Response DT 8, нешто поскапиот Q-Acoustics Concept 500 или тросистемските варијанти на Fyne Audio преку моделите F501 / F502 и B&W 703S2 да набројам само неколку.

 

Наместо заклучок

Не ми е потребна директна компарација со некој од наведените или слични модели за да можам да ви кажам со сигурност дека новата креација на Теохаров има квалитети со кои во одреден сегмент ќе надмине кој било од нив. Ова е звучнички систем за музички љубител со дефинирани жанровски преференци кој зачекорува во светот на високоверната аудиорепродукција. Притоа е свесен дека Звучникот 2 од Тип-от Х (Teoharov Loudspeaker II, Type H) ќе бара соодветен простор и партнер во засилувач кој ќе ги надополни неговите можности и ќе го прикаже во најдобро светло. Ако повремено сакате да го претворите овој стереосет во систем за мултимедија или за домашна забава... заборавете на тоа.

   За крај на дружењето со новата креација на Теохаров би додал дека со нетрпение очекувам да ја слушнам најавената специјална едиција на Тип-от Х со можност за bi-wire, подобрени компоненти во свртницата и, секако, високотонска единица која е комплементарна со извонредната мид-бас секција. Дотогаш читајте Емитер и секако, појдете до Аудио Култура да ја слушнете последната креација на нашиот конструктор.

Технички карактеристики:
Технички карактеристики: 

LOUDSPEAKER II, H-TYPE

Тип на кутија: 2-Way Ported Box

Висина: 1085 mm без ногарки со фундамент; 1135 mm  со ногарки

Ширина: 220 mm без фундамент; 300 mm со фундамент

Длабочина: 335 mm

Осетливост: 90dB / 2,83V / 1 m

Фреквенциски опсег: 35 Hz – 30 kHz (-6dB),  h=900 mm on axis

Моќност: 140W (Long-term IEC 18.2)

Номинална импеданса: 4 Оhm (min 3,5 ohm)

Cross-over point: 2,3 kHz

Линеарност: ±1dB, 55 Hz – 20 kHz

THD: <0,6% (50 Hz – 20 kHz, 95 dB, 1m) 

 
Клучни зборови: