На денешен ден се навршуваат точно 50 години од лансирањето на првата вселенска станица во орбитата на Земјата – Саљут 1. Исто така во денешниот времеплов ги славиме родендените на американскиот хемичар Глен Сиборг и норвешкиот пронаоѓач Оле Евинруде, а покрај ова одбележуваме 46 години од лансирањето на првиот индиски сателит...
19.4.1971 – Лансирана е првата вселенска станица Саљут 1
Вселенската станица Саљут 1, на Советската вселенска агенција, е првата станица којашто овозможуваше подолг престој на астронаутите и изведување на експерименти во вселената. Вселенската станица се состоеше од три модули под притисок, коишто овозможуваа сè на сè 90 м3 простор за астронаутите. Истата година на станицата е инсталирана Орион 1 опсерваторијата за набљудувања во ултравиолетовото зрачно подрачје, прва од овој вид во вселената.
За престој на станицата беа предвидени 2 мисии, но првата мисија беше откажана по проблемите со автоматскиот систем за докинг. Втората мисија успешно се прикачи на станицата и овозможи престој на астронаутите во должина од 23 дена. Мисијата беше прекината по серија проблеми коишто кулминираа со пожар на електричната инсталација. Екипажот успеал да влезе во капсулата и да се упати кон Земјата. За жал, по слетувањето во Казахстан, сите три космонаути биле пронајдени мртви во внатрешноста на капсулата. Подоцнежната истрага покажала дека поради неисправен вентил којшто ја отворил капсулата и космонаутите биле изложени на надворешните услови во вселената. До несреќата дошло непосредно пред навлегувањето во атмосферата.
Советската вселенска програма се обиде да ги редизајнира капсулите Сојуз за поефикасен докинг како да им овозможи на космонаутите да носат соодветни вселенски костими. Но, пред овие подобрувања да бидат завршени, Саљут 1 почна да има проблеми со одржувањето на стабилна орбита, по што беше донесена одлука за контролирано рушење на станицата. Станицата навлезе во атмосферата по поминати 175 дена во орбита. (Н. С.)
19.4.1912 – Роден е Глен Сиборг
Глен Сиборг (Glenn Seaborg) e американски хемичар заслужен за откритето на десет трансураниумски елементи и над 100 различни изотопи. Сиборг исто така го предложил и групното уредување за елементите актиниди во рамките на периодичниот систем. Групата ја сочинуваат следните елементи: плутониум, америциум, кириум, беркелиум, калифорниум, еинстеиниум, фермиум, менделевиум, нобелиум и елементот 106. Подоцна, во 1997, eлементот 106 во негова чест беше наречен сибориум. За овие откритија во 1951 година тој ја добива Нобеловата награда за хемија којашто ја дели со Едвин Мекмилан (Edwin McMillan).
Сите претходно наброени елементи се создадени на Универзитетот Беркли во Калифорнија, во тамошната Радијациска лабораторија.
Сиборг бил чест советник на американските претседатели на теми во врска со нуклеарната енергија, од Труман до Клинтон. Се залагал за договорите коишто поставуваат ограничувања и го контролираат нуклеарното оружје, какви што се Договорот за неширење на нуклеарно оружје и Договорот за ограничувае на нуклеарните тестирања. Се залагаше за мирнодопска примена на нуклеарната енергија, како кај нуклчеарните електрани, на пример. Во периодот од 1961 до 1971 година, Сиборг раководел со американската Комисија за атомска енергија.
Интересно е што Сиборг е единствериот човек којшто успеал да оствари патент за хемиски елемент. Всушност, Сиборг ги држел патентите за два хемиски елементи – кириумот и америциумот. (Н. С.)
19.4.1877 – Роден е Оле Евинруде, пронаоѓач на вонбродскиот мотор
Оле Евинруде (Ole Evinrude) е американски пронаоѓач со норвешко потекло. Приказната за пронајдокот што му донесе светска слава започнал како и повеќе слични приказни. Еден ден Оле Евинрунде тргнал со неговата девојка на излет до еден малку подалечен остров. Откако девојката посакала сладолед по ручекот, Оле ги засукал ракавите и тргнал назад со веслање кон градот. Кога пристигнал назад на островот со полустопениот сладолед и целиот задишан на шега кажал дека веслањето е пренапорна активност за нешто што требало да биде попладневно опуштање. Токму тогаш решил да пронајде начин на којшто малите бротчиња брзо и лесно ќе се движат и управуваат по водените пространства.
Реализацијата на проектот ќе започне во 1906, а веќе три години подоцна, во 1909 Евинруде ќе ја претстави првата практична и работна изведба на вонбродски мотор со внатрешно согорување. Моторот ќе работи со еден цилиндар и ќе има моќност од 1,5 КС, преносот ќе се одвива преку вертикална погонска оска со закосени запчаници. Пронајдокот е патентиран веќе следната година, а набргу тој ќе ги замени парните и педалинските мотори, попат поттикнувајќи формирање на сосема нова индуструска гранка.
Компанијата за производство на вонбродски мотори основана од Евинруде останува и ден денес еден од најпопуларните избори на бродарите. (Н. С.)
19.4.1975 – Лансиран е првиот индиски сателит
Во 1975 година Индија успешно го лансира во орбита нивниот прв сателит Арјабата со помош на советската ракета Интеркосмос.
За оваа цел Индија потпиша договор со којшто на Советскиот сојуз му беше дозвоелно користењето на индиските пристаништа како компензација за употребата на советските ракети за лансирање на нивните сателити. Првиот индиски сателит беше своевиден тест за нивните системи за следење но истовремено беше опремен со повеќе инструменти наменети за истражување на x-зраците и Сонцето. Сателитот со дијаметар од 2,4 метри, имаше облик на 26 стран полиедар, поплочен од сите страни со сончеви ќелии. И покрај големиот број сончеви ќелии, Арјабата остана без напојување по четири дена поминати во вселената, прекинувајќи ги сите експерименти. Сателитот остана во орбита до февруари 1992 година.
Инаку Арјабата е името на познатиот индиски математичар и астроном од 5 век. Неговата книга Aryabhatiya,којашто останала до денес, обработува низа теми од областите на алтебрата, рамнините, сферната тригонометрија, квадратните равенки и тригонометарските таблици. (Н. С.)