Во денешниот времеплов го славиме роденденот на германскиот математичар Петер Апиан, на авијатичарот Вилбур Рајт и на шкотскиот хемичар Џозеф Блек. Покрај ова одбележуваме 65 години од продажбата на првиот радиоприемник на сончева енергија, 74 години од презентацијата на првиот зум-објектив и 109 години од денот кога за првпат една жена го прелета Ламанш.
16.4.1495 – Роден е Петер Апиан, германски математичар
Петер Апијан (Petrus Apianus) познат и како Петер Апиан бил германски хуманист, познат по своите трудови од математиката, астрономијата и картографијата. Неговите трудови од “космографијата“, научно поле кое се занимавало со проучување на Земјата и нејзината положба во Универзумот, претставени во неговите најпознати дела Astronomicum Caesareum (1540) и Cosmographicus liber (1524), уште во негово време биле многу влијателни во научната сфера и биле објавени во повеќе изданија, на повеќе јазици. Месечевиот кратер Apiаnus и астероидот 19139 Apian се именувани во негова чест.
Роден е во Лесинг во Саксонија. Неговиот татко Мартин бил чевлар. Семејството било релативно добро ситуирано и припаѓало на граѓанската средна класа. Се школувал во латинската школа во Рохлиц (Rochlitz). Од 1516 до 1519 студирал на Универзитетот во Лајпциг. Во 1519 се преселил во Виена и ги продолжил студиите на Виенскиот универзитет, кој во тоа време бил еден од водечките Универзитети во областите на географијата и математиката. Кога во 1521 година избила чума во Виена, се преселил во Регенсбург, а потоа во Ландсхут. Овде, во Ландсхут, во 1524 година го напишал своето дело Cosmographicus liber, кое било високо оценето и влијателно научно дело за астрономијата и морепловството и доживеало дури 30 изданија; преведено е на 14 јазици и останало многу популарно научно дело сè до крајот на 16 век. Починал на 21 април 1552 година. (Т. С.)
16.4.1867 – Роден е Вилбур Рајт
Вилбур Рајт (Wilbur Wright) е постариот од браќата Рајт кои влегоа во историјата како први на коишто им појде од рака да остварат контролиран и одржлив лет погонуван со мотор. Нивниот авион имал управливост во три оски на движење – правец, длабочина/висина и вртење, што овозможило стабилен лет. Контролите за управување по овие три оски на движење се и ден денес стандард кај современите авиони. (Н. С.)
16.4.1728 – Роден е Џозеф Блек
Џозеф Блек (Joseph Black) е шкотски хемичар, еден од основополжниците на термохемијата. Тој открил дека при топење на мразот не доаѓа до промена на температурата, што ја поттикнало идејата за специфична или латентна топлина. Блек се заанимавал и со истражување на јаглеродниот диоксид којшто го нарекувал “фиксиран воздух”, поради неговата лесна апсорпција (односно фиксирање) од страна на јаките базни раствори. Неговите истражувања во оваа насока придонеле за откривање на бикарбонатите. (Н. С.)
16.4.1956 – Продаден првиот примерок на радиоприемник со сончева ќелија
Радиоприемникот бил изработен од компанијата Admiral Corporation, Chicago, Ill и можел да работи на батерии или на сончева енергија. Електронското коло на радиоприемникот користело шест транзистори наместо електронски ламби, па неговата потрошувачка на електрична енергија била мошне ниска. Имено, со употреба на комплет од шест обични мали батерии слушателот можел да смета на непрекинато следење на радиопрограмата вотраење од 700 до 1000 часа.
Самиот радиоприемник чинел шеесетина американски долари, бил со мали димензии и тежел нешто повеќе од 2 килограми. Но затоа помошниот Sun Power Pak којшто обезбедувал електрична енергија од Сонцето, чинел цели 185 долари!
Компанијата што го произвела радиоприемникот била основана 1924 година како компанија ја продажба на батериски полначи за радиоприемници. Десет години подоцна таа веќе прераснува во компанија која продава радиоопрема, за за време на Втората светска војна и воена опрема, за потоа да стане еден од пионерските брендови од областа на ТВ-техниката. (Н. С.)
16.4.1947 – Прикажан е првиот зум објектив за ТВ-камера
Работата на првиот зум објектив ја демонстрира компанијата National Broadcasting Company во Њујорк. Пред ова револуционерно решение снимањето на кадар од блиску значело физичко приближување на целата камера кон предметот или актерот што се снимал, а спротивно за снимка од далеку камерата се оддалечувала. Со помош на објективот Zoomar, ова веќе не било потребно. Објективот ќе се покаже особено корисен при снимањето спортски натпревари.
Објективот бил патентиран на 23 ноември 1948 година како “објектив со променлив фокус за камери”. Како пронаоѓач е заведен д-р Френк Џерард Бек (Dr. Frank Gerard Back) од Њујорк. Компанијата Зумар ќе продолжи со развој на оваа технологија и во 70-тите години од минатиот век, воведувајќи низа оптички иновации во телевизијата и во кинематографската техника, но нејзините иновации ќе најдат примена и во астрономијата, медицината, електрониката за широка потрошувачка, па и во воената техника. (Н. С.)
16.4.1912 – За првпат жена-авијатичар го прелета Ламанш
Во 1912 година американската авијатичарка Хериет Квимби (Harriet Quimby) стана првата жена-пилот којашто го прелета Ламанш. Таа тргнала од Англина со авион-еднокрилец што го позајмила од Луј Блерио (Louis Blériot). Се упатила кон Франција во авион со којшто никогаш претходно не летала опремена со компас којшто штотуку научила како да го употребува.
И покрај лошата видливост и маглата, 59 минути подоцна Квимби слетала во близина на гратчето Ардело во Франција. Веднаш по слетувањето била поздравена од локалните жители. За жал, веста за несреќата на Титаник што се случила неколку дена претходно ќе ја фрли веста за нејзиниот подвиг во длабока сенка.
Хериет Квимби ќе погине во авионска несреќа истата година на 1-ви јули во близина на градот Квинси, Масачусетс, во САД. Во историјата на воздухопловството таа ќе остане забележана и како прва американка со пилотска дозвола. (Н. С.)